Илинден: Со внатрешно помирување до модерна европска држава

Илинденски повици за помирување

Повици за помирување упати државниот врв на чествувањето на Илинден - Денот на Републиката. Премиерот Зоран Заев од Мечкин Камен во Крушево рече дека Илинден повикува на обединување, а не на поделби, оти, како што рече, делбите не се патриотизам. Претседателот на државата Стево Пендаровски од прославата во вила Воднo рече дека предизвик за нас денес е граѓанското помирување.

Надминувањето на поделбите и помирувањето беа во фокусот на празничните говори на премиерот Зоран Заев и на претседателот Стево Пендаровски. Првиот се обрати на Мечкин Камен во Крушево, вториот во Вила Водно во Скопје.

Заев - Во секој граѓанин има по еден партизан и по еден комита

Премиерот рече дека Илинден е симбол за борба за слобода и човечки правдини и дека Илинден е на сите. Тој вели дека нема подобар начин да им се одолжиме на хероите, освен да ги продолжиме нивните храбри дела. Заев рече дека заедничко за двата Илиндена се химната и републиката.

„Хероите од нашата химна, Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Сандански, како и оние од НОБ, опеани во партизанските песни, се бореа за Републиката. И првите Илинденци и вторите, се бореа за иднината, а не за минатото, затоа и ние денеска, сите заедно, сме деца на Илинден“, рече премиерот Зоран Заев во денешното обраќање на Мечкин Камен.

Тој порача дека Мечкин Камен не треба да биде камен на сопнување, туку камен-темелник на помирување, заедништво и разбирање.

„Продолжуваме со политиките на надминување на поделбите. Сите ние, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми, …., сметаме дека е патриотска должност да се обединиме и помириме внатре. Се обединивме со соседите, се обединивме и со западо-европското семејство. Што е впрочем Илинденското востание, ако не крик за европска Северна Македонија, како напредна република на Балканот. Затоа Илинден е повик за обединување, делбите не се патриотизам. Во секој граѓанин има по еден партизан и по еден комита“, рече Заев.

Видете и ова: Илинден - Владина прослава и „патриотски“ контрапрослави

Пендаровски - Да ги надминеме историските поделби и непотребните политички конфронтации

Претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на Илинден, рече дека најголемиот предизвик за нас денес е граѓанското помирување. Тој вели дека патот до помирувањето води преку правдата втемелена врз вистина, а за вистинска правда е потребно владеење на правото. Тоа мора да биде нашата темелна вредност, со која не смее да се прави компромис, рече претседателот Пендаровски на прославата во вила Водно пред насобраните гости.

Претседателот вели дека сите, без разлика на националната и верската припадност, треба да се грижат за државата како нешто највредно што го имаме и дека тој заедно со граѓаните ќе направи се што е во рамките на неговите надлежности да има држава која ќе ги штити своите граѓани. Пендаровски вели дека државата ја сочинуваат различни луѓе, и токму во различноста е богатството и побројни се можностите, но дека од нас зависи дали ќе ја прифатиме различноста и ќе прифатиме дека таа е основа за заедничкиот живот.

„Затоа да ги надминеме историските поделби и непотребните политички конфронтации, да ги здружиме сите наши знамиња и симболи, независно дали се етнички, верски, идеолошки, партиски или генерациски, да се обединиме во еден единствен фронт за реализација на нашата заедничка цел -трансформација на Северна Македонија во напредна европска држава, членка на ЕУ и НАТО. Да градиме држава во која успехот на едниот нема да биде на грбот на другите и држава во која законите ќе важат за секој граѓанин подеднакво“, рече претседателот на државата.

Џафери - Имаме една заедничка држава, да ја чуваме

Претседателот на Собранието, Талат Џафери од Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце им се заблагодари на сите граѓани, за како што рече, нивната истрајност, нивната лојалност и за одговорното пренесување на аманетот на Илинденците.

„Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани. „Сите сме деца на Илинден“ е вистински концепт што ги опишува заедничките вредности кои сите ги славиме, ги празнуваме, тоа се вредности кои не обединуваат и поврзуваат, не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава. Нашата држава е спој на различности, уникатен мозаик во кој секој уникатен дел растел и се развивал врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите кои што живееле и биле дел од ова поднебје“, рече Џафери на одбележувањето на Денот на Републиката во Пелинце.

Видете и ова: До октомври да има договор за Гоце Делчев

Мицкоски - Илинден е и потсетник дека не смееме да скршнеме од патот натопен со крв на хероите кои ги положија животите.

Во Пелинце беше и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, кој по завршувањето на манифестацијата изјави дека со години оди во Пелинце, но дека никогаш немало помалку луѓе како денеска.

„На една страна беа претставниците на власта, а народот е на друга страна. Народот си е за Македонија, народот ја сака Македонија. Ќе помине и ова“, изјави Ѓорчев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говореше на одбележувањето на празникот во Ташмаруништа, струшко. Тој зборуваше за значењето на двата Илиндени, за борбата за самостојна држава и за хероите.

„Сите се македонски синови од кои не смееме и немаме ниту историско право да се одречеме ниту да го посрамотиме нивното дело. Илинден е и потсетник дека не смееме да скршнеме од патот натопен со крв на хероите кои ги положија животите. Илинден е и наша должност кон нашите предци и паметник за тоа како ја добивме слободата која мора постојано да ја браниме. Илинден е и последниот здив на комитетите и партизаните кои гинејќи за каузата беа верни на делото Смрт Или Слобода“, рече Мицкоски.