Еден официјален настан во Крушево под мотото “Сите сме деца на Илинден” и уште неколку неформални, организирани главно преку социјалните мрежи ги повикуваат граѓаните на одбележување на историскиот празник в петок.
На владиниот настан е најавено обраќање на премиерот Зоран Заев на Мечкин камен, а на другите настани на социјалните мрежи се повикува на негово исвиркување или покажување среден прст.
Еден настан, пак, е организиран од Иницијативен одбор за македонска прослава на Илинден. Од таму најавуваат и своја “македонска бина”, а ги повикуваат граѓаните да дошле со труби, разни свирчиња и “со знамињата македонски, не со вентилатори”.
Говорот на омраза поттикнува насилство
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис институциите треба да реагираат на говорот на омраза на социјалните мрежи и поттикување на насилство, оти како што вели, таквите иницијативи неизбежно резултираат со инциденти и продлабочување на меѓутничките и интраетничките поделби. Честите несогласувања токму на овој историски празник, Трошановски ги припишува на тоа што државава е релативно млада и како што вели минува низ процес на созревање.
„Зреењето на идентитетот, на историографијата е процес и тука ја гледам причината зошто ова се случува. Државните и партиските лидери треба да делуваат во насока на еманципација на овие навидум непомирливи историски перспективи и во насока на градење на национално единство”, вели Трошановски.
И минатата година кога потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција беа уште посвежи имаше инциденти на одбележувањето на Илинден во Крушево. Тогаш во Крушево заедно со владината делегација присуствуваше американскиот висок дипломат Метју Палмер, а насобраните од патриотските здруженија и навивачки групи ги исвиркаа, дофрлуваа недолични работи.
Но, инциденти на одбележувањето на Илинден имаше и поодамна, уште од деведесеттите години, кога тогашниот прв претседател на независна Македонија Киро Глигоров беше исплукан на Мечкин камен.
Партиите да не го монополизираат минатото
Според Петар Тодоров, историчар од Институтот за национална историја, години наназад партиите го монополизираат минатото и се претставуваат како заштитници на историјата и како толкувачи на вистинското минато, што потоа предизвикува поделби кај луѓето кои се делат на патриоти и предавници. Ова додава тој особено доаѓа до израз последниве години.
„Тоа што треба да го направат политичарите е да не ја користат историјата и да не ја толкуваат на начин каков што ним им одговара за дневнополитички потреби и работите многу ќе се сменат. Историјата е важна но таа не треба да служи за да се добиваат гласови на избори, туку за да разбереме што навистина се случувало во минатото и да го разбереме развојот на нашето општество”, вели Тодоров.
Будење на македонската национална свест, најголем македонски празник- ова се одговорите на граѓаните, пак, во кратката анкета на РСЕ за тоа што за нив претставува 2 август.
„Тоа е еден од најголемите наши празници. Сигурно дека сме среќни поради тоа, да ни е вековен”, вели Војо Стојановски.
„За мене Илинден значи будење на македонската национална свест”, вели Александар Бежовски.
Инаку за годишнешното одбележување на 2 август Општина Крушево најави дека во соработка со Министерството за внатрешни работи и со Владата ќе ги преземат сите мерки за прославата да помине без проблеми, без да се повторат насилните инциденти од минатогодишната прослава на празникот на Мечкин Камен.