Мора да се засили јавниот притисок врз обвинителството и да се охрабрат чесните обвинители за да го приведат случајот Рекет до крај. Во спротивно, ни се заканува нова политичка криза, велат аналитичарите со кои разговаравме. Отворањето на аферата и објавување на видео снимки од наводниот рекет на италијански портал уште толку ја урниса и онака ниската доверба во правосудниот систем. Некои бараат јавен обвинител странец за излегување од ќор-сокакот, други велат дека е неопходен ветинг во судството и во обвинителството за институциите да може да се постават на здрави темели.
Видете и ова: Ќе бидат ли Рекет и СЈО услов за датум за ЕУ?Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет на Македонија вели дека загрижува отсуството на реакција од органите на прогонот. Обвинителството не презема никакви мерки, обвинителката за организиран криминал е на одмор, јавниот обвинител го нема, а личноста за којашто постои сомнеж дека е најинволвирана исто така е на одмор и се тврди дека не е предмет на истрага, вели таа.
„Тоа фрла сомнеж не само на судството, бидејќи е очигледно дека за да постапува така обвинителството, односно правосудните органи генерално, дека мора да постои нешто друго во позадина. Тоа е она што мене ме загрижува, бидејќи ова не е нормална ситуација, а е навистина несоодветно и ненормално однесувањето на органите на прогонот“, вели Пировска.
Професор Гордан Калајџиев вели дека мора да се зголеми јавниот притисок врз обвинителството да го заврши случајот, а „на политичарите да не им се ќути“.
„Има таму луѓе коишто може да го завршат случајот, има многу добри кадри во Обвинителството коишто треба да се окуражат малце, а републичкиот обвинител нека си оди во пензија и мора да дојдат двајца нови луѓе на чело на Републичкото и на Специјалното обвинителство. И малку и обвинителите нека дигнат глас, што се кријат? А за Катица Јанева одговорноста ќе си ја понесе тој што ја донесе, вклучително и меѓународниот фактор, не може да се кријат сега“, вели Калајџиев.
Тој се противи на идејата за јавен обвинител странец и тврди дека во Македонија има луѓе кои можат и знаат. Калајџиев вели дека Законот за обвинителство треба да се врати во работните групи, а не кај политичките партии, и директно да оди на гласање во Собранието.
„Ќе го гласаат и оро ќе играат. Многу им се ќути“, вели Калајџиев.
Видете и ова: Истрагата за „Рекет“ не мирува, политичкиот притисок растеПировска, пак, решението го гледа во ветинг во правосудството. Незадоволството кај граѓаните расте, а граѓанството сега не е исто како пред 11 години.
„Постојано луѓе ми пишуваат и ме прашуваат дали ќе организираме протести. Очигледно е дека повторно се наоѓаме пред една сериозна политичка криза, која што не верувам дека ќе остане без реакција од страна на граѓанството“, вели таа.
Италијанскиот портал Ла Верита објави аудио и видео-снимки на кои се гледаат бизнисменот Орце Камчев, обвинет во случајот Империја на СЈО, и притворените Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески Кичеец на кои Камчев наводно им дава пари „да му средат“ излегување од домашен притвор и враќање на пасошот. На една од аудио снимките објавени денеска се слуша и гласот на специјалната обвинителка Катица Јанева која на Камчев му вели дека сè ќе биде во ред. Јанева во писмена изјава вели дека обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, „а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина“.
„Откако ќе бидат презентирани десетината истраги подготвени за брзо процесирање, од страна на СЈО многу нешта ќе бидат појасни за јавноста. Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите“, вели Јанева во обраќањето.