Северна Македонија е умерено подготвена по речиси сите критериуми, стои во нацрт-извештајот на Европската комисија што треба да се објави утре, а во кој Радио Слободна Европа имаше увид. Единствено во економските критериуми е наведен добар напредок, а во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика има многу добар прогрес.
Видете и ова: На кого му одговара сега да не се изберат Уставни судии?Во извештајот се наведува дека работата на Собранието била нарушена со политичката поларизација, што го одложи усвојувањето на многу закони. Потребно е добро планирање и консултации за да се ограничи носењето на закони по брза постапка, а пратеничките прашања треба да бидат почести.
„Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи“, стои во извештајот.
Охридскиот договор продолжува да се спроведува, а меѓуетничките односи се оценети како стабилни.
Се наведвуа дека граѓанското општество продолжува да игра важна улога во процесот на донесување одлуки и во набљудувањето на активностите на државата. Сепак, потребна е поголема транспарентност и инклузивност во носењето одлуки.
Во извештајот се наведува дека се направени реформи во службите за безбедност, но треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор врз работата на тајните служби.
Доцни донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор.
„Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во справување со случаите на непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор и при назначувањето членови на надзорните и управни одбори“, стои во извештајот.
Видете и ова: Европската десница зема замав, расте ли евроскептицизмот?Во однос на усогласеноста на Македонија со надворешната и безбедносна политика на Европската унија се наведува многу добар прогрес со тоа што земјата целосно застана на страната на ЕУ во однос на руската инвазија врз Украина.
„Со тоа Северна Македонија покажа дека може да биде доверлив партнер“, стои во извештајот.
Правниот систем постигнал одреден степен на подготвеност и е умерено подготвен. Започна подготовката на нова судска реформа, која мора да биде посистематска. Судството ја покажа својата заложба да го заштити својот интегритет и независност, стои во извештајот.
Земјата постигнала одредено ниво на подготовка и е умерено подготвена за превенција и борба против корупцијата.
„Случаите отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство продолжија, утврдувајќи одговорност за нелегалното прислушување“, се наведува во извештајот.
Стои дека за голем број предмети има првостепени пресуди, а отворени се постапки и против високи владини функционери.
Потребни се повеќе пари и луѓе во јавното обвинителство и единиците за борба против корупцијата, се заклучува во извештајот.
Потребни се поголеми напори за засилување на ефикасноста во борбата против перењето пари.
Се наведува дека е направен одреден прогрес во борбата против тероризмот. Треба да се продолжи со реинтеграција и ресоцијализација на повратниците од странски боишта.
Правната рамка за заштита на основните права во голема мера е според европските стандарди, стои во извештајот.
Земјата е умерено подготвена во однос на слободата на изразување. Реформите во Македонската радиотелевизија се закочени поради одложувањето на именување членови во Програмскиот совет. Потребно е решавање на работничките права на новинарите, стои во извештајот.
Земјата одржува добри односи со другите земји од регионот кои се во евроинтегративниот процес. Се наведува дека Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни.
Во однос на економските критериуми, земјата постигна добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија. Потребно е подобрување на управувањето со јавните инвестиции. Банкарскиот сектор остана стабилен, но од друга страна големата сива економија го кочи бизнисот.
Европската Комисија утре, на 12 октомври ќе го усвои пакетот за проширување на земјите од Западен Балкан со посебен извештај за секоја земја која е во процесот на евроинтеграции. Радио Слободна Европа имаше пристап до Извештајот за Македонија, а сите утре треба да бидат усвоени од Колегиумот на Европската Комисија.
Македонија во јули ја одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел, со што официјално беа отворени преговорите за членство. Во тек е скриниг, а отворањето на поглавјата ќе се случи откако Бугарите ќе бидат внесени во македонскиот Устав, што беше услов од Софија да дозволи старт на преговорите.