Пругата кон Бугарија- проект рекордер ветуван 27 години

Илустрација- железничка пруга

Пругата кон Бугарија е повторно дел од партиски програми со кои политичарите се обидуваат да дојдат на власт и да ја водат земјава до 2024 година. Овој проект е константа на секои изборен циклус и прво почна да се ветува во 1993 година.

Ако на секои избори досега доминира одредена тема која е одлика на нив и потоа се подзаборава во јавноста, како на минатите парламентарни избори, одбраната на земјата, особено од наводните „соросоиди“, или на овие темата „Рекет“, една е константа во секоја изборна програма на партиите - пругата кон Бугарија.

Инфраструктурниот проект почна да се гради во 1993 година, а сега го има во програмите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и за овие избори.

Видете и ова: СДСМ - „на сигурно“, ВМРО ДПМНЕ - „лагите на Заев“

ВМРО-ДПМНЕ во својата програма „Проект обнова“ која сака да ја реализира до 2024 година, ако дојде на власт, ветува завршување на изградбата на пругата Куманово- Бељаковце, со што како што пишуваат „ќе бидат реализирани двете фази од железничкото поврзување со Бугарија“. За ова партијата дава рок до 2022 година. Во однос на пругата Бељаковце- Крива Паланка- Деве Баир, ВМРО-ДПМНЕ ветува дека таа ќе биде изградена до 2024 година.

Сето ова го ветуваа и претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ пред избори. За првата делница Куманово -Бељаковце поранешниот нивни лидер Никола Груевски, во 2014 година удри и камен темелник и најави дека ќе биде готова до 2017 година.

Но, уште пред оваа најава, во 2012 година, тогашниот министер за финансии Зоран Ставревски најавувајќи проект за рехабилитација на делницата Куманово-Бељаковце во должина од 31 километар, рече дека пругата кон Бугарија станува реалност.

Почетоците на ветувањата за пругата кон Бугарија може да се лоцираат во првата половина на деведесеттите години, кога пред изборите во 1994 година, почна да ги зборува поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски. Речиси во секој државен буџет беа предвидувани пари за пругата, но потоа беа пренаменувани за други потреби.

Владата на Заев лани во март за истата делница Куманово- Бељаковце, која Груевски најави дека ќе ја заврши до 2017 година, соопшти дека со нивната работа се завршени 70 отсто од работите. Тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кажа дека во моментот кога ја преземале водолжноста во 2017 година изградени биле 23 проценти од делницата.

Видете и ова: Капитални инвестиции - останува надеж дека ќе биде подобро

Сега СДСМ во програмата „Можеме“ ветува реконструкција на пругата од Куманово до Бељаковце.

„На оваа пруга се градат три нови железнички станици и шест стојалишта, со што ќе се зголеми и значајно подобри железничкиот товарен сообраќај и ќе се овозможи развој на патничкиот сообраќај на градот Куманово и поголемите места Шупљи Камен, Бељаковце, Лопате, Перо Чичо, Проевце, Доброшане, Клечовце и Довезанце.“

Партијата најавува изградба на пругите и на делниците до Крива Паланка и потоа до Деве Баир, за што наведуваат и дека имаат готов проект.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во 2018 година, во интервју за Радио Слободна Европа, најави дека обезбедиле пари и тогаш проектираше дека пругата ќе биде готова до 2025 година.

„За втората делница знаете дека е завршена проектната документација и обезбедени се 145 милиони евра, од кои 70 милиони евра се грант, а пред неколку дена заврши изготвувањето на проектната документација за третата делница од Крива Паланка до бугарската граница, каде што согласно програмата се обезбедени 60 милиони евра ИПА средства“, рече Сугаревски пред две години.

Но, една година подоцна, во 2019, Николо Бертолини, шеф на одделот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје најави можно губење на парите кои ги спомена Сугаревски.

„Ние дадовме 70 милиони евра преку ИПА за да се комплетира железничката пруга од Скопје до Бугарија. И ова уште не е имплементирано. Згора на тоа, дадовме уште 60 милиони евра за истата пруга да продолжи, но оваа програма не напредува како што напредува. Ние ризикуваме многу, да ги изгубиме овие фондови доколку нема напредок до крајот на проектот“, рече Бертолини.

Видете и ова: Граѓаните не веруваат во проектите на партиите, а тие и натаму ветуваат


Годинава во февруари е последната најава за пругата кон Бугарија е дека сепланира да се формира заеднички тим на експерти од Македонија и од Бугарија со цел да се соработува на проектот за железничката пруга на Коридор 8. Инаку вкупната должина што треба да се доизгради до границата со Република Бугарија е околу 89 километри. Изградбата претходно е поделена на три делници Куманово - Бељаковце, Бељаковце - Крива Паланка иКрива Паланка до границата со Бугарија .

Предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 15 јули. До изборите пак, дојде откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит и покрај сменетото име во Република Северна Македонија. Првично требаше да бидат одржани на 12 април но беа одложени поради почетокот на пандемијата од Ковид – 19.