Собранието се распушти, се распишаа предвремените парламентарни избори, а претходно во фото - финиш се донесоа и сите важни закони како Законот за јавно обвинителство, за одбрана и измените на Изборниот законик. На политичките партии сега им останува до официјалниот почеток на кампањата на 20 дена пред изборите закажани за 12 април да ги срочат кандидатските листи. Законот за јавно обвинителство за кој беше потребно двотретинско мнозинство се усвои во тензична атмосфера, а за него својот глас не го дадоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Мислам дека им олесни на сите од причина што многу конкретни и практични интереси беа вкрстени во токму кај Законот за јавно обвинителство. Со оглед на тоа дека судбината на многу клучни фигури од партиите и нивниот делокруг се засегнати со законот за ЈО се очекуваше една таква политичка битка во Собранието за време на донесување на овој закон“, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.
За партиите најважно е што Собранието се распушти токму како што беше предвидено и останува истиот термин за одржување на изборите вели универзитетскиот професор Никола Дујовски.
„Очекувам дел од кампањата да бидат и овие случувања во Собранието. Се разбира начинот и постапката на донесување на овие многу значајни двотретински закони. Не само овој, туку сите други кои во изминатите години овој парламентарен состав ги донесе. И мислам дека и двете партии ќе ги темелат своите кампањи на евроинтеграциите и на овие закони. Се на се за сите нас е позитивно ова што ни се случи, бидејќи кога на кантар ќе го ставите можното потенцијално зло и тоа што ние го изгубивме овој процес јас мислам дека како генерација Македонци и сите други ќе напредуваме од сето ова“, вели Дујовски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
ДИК најдоцна до 26 февруари треба Избирачкиот список да го стави на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 15 дена до 11 март и во тој период граѓаните можат да ги достават барањата за запишување, допишување или бришење на податоци од Избирачкиот список. Кандидатските листи до ДИК треба да бидат доставени до 12 март.
Видете и ова: СДСМ со испробан рецепт, ВМРО-ДПМНЕ со нови лицаКампањата треба да започне на 23 март, но неофицијалната е одамна започната. Тоа може да се види и со денешниот марш „Чекорите за правда“ кој го организира СДСМ и кој ќе започне од Собранието каде беше донесен Законот за јавно обвинителство, до местото, каде како што наведуваат треба да ги видат конечните правни разрешници, односно судот.
„Партиите успеаа да завршат навреме и да го исполнат и тој формален услов со кој се очекува позитивно да рефлектира во Европската комисија со повторување на препораката за датум за преговори, а со тоа и Европскиот совет да донесе и одлука за започнување на преговорите пред мај. Тоа ќе биде добар материјал за партиите кои досега беа на власт да поентираат и да прибираат што повеќе гласови“, смета Незири.
Владата инсистираше на донесување на законот по повиците на меѓународната заедница дека тоа ќе биде позитивен сигнал пред одлуката за почеток на преговори со ЕУ. Според Дујовски дали и колку е добро неговото усвојување за политичките партии не е толку важно, колку што е важно за членството во ЕУ.
Видете и ова: Брнс: постигнат е значителен напредок во последните три години
„За државата и нашите евроинтеграции е дефинитивно добар сигнал и очекувам дека соодветно ќе биде валоризиран. Влогот на СДСМ и нивното опстојување на власт е директно поврзано со членството во НАТО и еворинтегративните процоси. Без тоа партијата нема што многу да се пофали на домашната политичка сцена. Реформите се секогаш прашање на дополнителни дискусии. ВМРО-ДПМНЕ се покажа како партнер, да не го квалификувам како конструктивен или не којшто не е свесен докрај за обврските кои ги имаат како силна опозициска партија и нивната евентуална понуда на изборите“, додава Дујовски.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ чија земја претседава со ЕУ, изјави дека очекува до крајот на март да се заокружи и усвои ставот на Унијата за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. На прашањето Унијата се очекува да се наврати во март на средбата на Европскиот совет закажана за 26 и 27 март.