Достапни линкови

Собранието ја разреши Мизрахи, донесени и измени на Изборниот законик


Собрание на Република Северна Македонија.
Собрание на Република Северна Македонија.

Откако Собранието рано утринава ја разреши министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, пратениците со 75 гласа „за“ го изгласаа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, како и Предлог-законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени. Собранието денеска треба да ја продолжи работата на седницата на која на дневен ред е Предлог- законот за јавно обвинителство.

Според предлог-измените на Изборниот законик одредени избирачки места од општините Дебар, Крушево, Маврово и Ростуша се бришат од Изборната единица 6 и се додаваат кон Изборната единица 5.

Собранието денеска во 13 часот треба да ја продолжи работата по 135. седница, на која на дневен ред се Предлог-законот за јавно обвинителство и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители. За недела напладне е најавена седница за распуштање на Собранието.

Претходно, претседателот на Собранието Талат Џафери ја премина 135 седница на која заврши расправата за законот за јавно обвинителство, без да се гласа и ја започна 136 седница на која беше разрешена Мизрахи и на која на дневен ред беше Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот-законик.

Мизрахи беше разрешена по речиси шест часа расправа со 63 гласа „за“ и 26 „против“. Таа по предлог на ВМРО-ДПМНЕ на 3 јануари стана министерка за труд и социјална политика, како дел од техничката влада која треба да организира и да спроведе избори во земјава.

Нејзиното разрешување следеше откако таков предлог до Собранието достави премиерот Оливер Спасовски, бидејќи Мизрахи неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името „Република Македонија“, а според Спасовски министерката го прекршила Уставот со тоа што не го почитувала Преспанскиот договор и на тој начин ги загрозила евроинтеграциите.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека причината за разрешувањето на Мизрахи не е таблата со името Република Македонија, туку тоа што таа открила незаконитости и злоупотреби што ги правела претходната министерка Мила Царовска.

Инаку расправата за Законот за јавно обвинителство траеше цел вчерашен ден, а претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека Парламентот ќе работи без прекин до негово распуштање ираспишување на предвремените парламентарни избори најавени за 12 април.

Џафери соопшти дека гласањето за Предлог-законот за јавно обвинителство ќе се спроведе кога ќе се обезбеди потребното мнозинство.

За донесување на Законот за јавно обвинителство потребно е да гласаат 80 пратеници, односно со двотетинско мнозинство.

Во текот на дискусијата за законот, пратениците од владејачкото мнозинство рекоа дека донесувањето на законот за ЈО ќе значи почеток на борбата против корупцијата и криминалот, додека нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека законот го туркаат на сила и противуставно за да го спасат од одговорност лидерот на СДСМ Зоран Заев и други владини функционери, додавајќи оти не се против Законо за јавно обвинителство, туку дека се против овој закон.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG