Договор за избори нема, нова лидерска следната недела

Лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски

Мислење од Комисијата за заразни болести, мислење од Државната изборна комисија и консултација за набљудувачите на ОДИХР се главните точки за кои лидерите се договорија на средбата кај претседателот Пендаровски. Од кога ќе ги добијат мислењата ќе седнат повторно да разговараат за датум за избори.

По три часа разговори на отворено и зад маски лидерите на седум партии, премиерот Оливер Спасовски и претседателот на парламентот Талат Џафери ја завршија средбата кај претседателот Стево Пендаровски без договор за датум за избори, но со договор за нова средба идната недела.

Од кабинетот на претседателот соопштија дека со консензус било одлучено дека здравјето на граѓаните останува приоритет, a за понатамошните чекори за изборите договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси, а Државната изборна комисија да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес.

„Исто така ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите“, наведоа од кабинетот на претседателот.

Видете и ова: Пандемични избори: Како и кога да се одржат?

Сите лидери, без исклучок, по средбата повторија дека здравјето на граѓаните е пред сè, а дека ќе ги слушаат препораките на здравствените експерти. Претседателот на СДСМ Зоран Заев рече дека на средбата утврдиле дека се истрошени сите можности парламентот да биде свикан и дека за да има функционална влада и собрание неопходни се избори.

„Се проектираа одредени потенцијални датуми така што беше кажано дека ако теоретски нема трета вонредна состојба тоа значи дека изборите од 17 плус 22 дена се на осми јуни. Ако се прогласи нова вонредна состојба од 30 дена изборите би биле на седми јули. Ако пак вонредната состојба трае две седмици, тогаш изборите би биле на 21 јуни, а ако биде уште една седмица би биле на 14 јуни. Така стојат правните аспекти“, рече Заев.

И додека Заев, кој и на средбата настапи со позицијата дека избори треба да се одржат на 14 јуни и денеска инсистираше дека требало да се зборува за датум, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одби да зборува за тоа додека не се исполнат условите.

„Доколку се претвори ова во лицитација тогаш треба да бидеме чесни како политичари да кажеме пред граѓаните ова што го зборуваме за вашето здравје не важи нас ни се важни фотељјите важни ни се пратеничките министерските позиции и тогаш ова што го зборувавме до сега беше лицемерно“, рече Мицкоски.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети, пак ,ситуацијата со пандемијата на коронавирусот ја спореди со војна.

„Ние сме во воена состојба со невидлив пријател, тоа е коронавирусот. А во воена состојба збор имаат генералите, во ситуацијава тоа се здравствените експерти. Мерките што ги препорачаа останува да се почитуваат. Ќе го почекаме нивното мислење, а со тоа останува следната недела да имаме уште една лидерска средба и да се договориме за датумот за избори“, рече Ахмети.

И лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села рече дека земјава не може да си дозволи да одржи избори без присуство на наблудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР, нешто што беше услов за избори кој претходно го постави и ДУИ.

На средбата присуствуваа и претставници на ДПА, Алтернатива и Беса.

Видете и ова: ОДИХР ќе прати набљудувачи ако тоа го дозволи здравствената ситуација


Одговорајќи на прашање на Радио Слободна Европа, пак, од Канцеларија на ОБСЕ за демократски институции и човекови права ОДИХР со седиште во Варшава наведоа дека се спремни повторно да ја пратат својата набљудувачка мисија откога повторно ќе почне изборниот процес во зависност од здравствената ситуација.

„Ги информиравме властите дека ОДИХР е спремна повторно да ја прати набљудувачка мисија кога изборниот процес повторно ќе почне, зависно од здравствената состојба и можноста за патување и какви било други рестрикции кои ќе ги има тогаш“, се наведува во одговорот.

Инаку изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Првиот случај на заболен од коронавирус во Македонија беше регистриран десет дена подоцна, на 26 февруари, а претседателот Пендаровски првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март. Втората, со времетраење од 30 дена, е прогласена на 16 април и истекува следниот викенд. Во меѓувреме партиите договорија одложување на изборите поради пандемијата, а мандатот на овој парламентарен состав истекува во декември.

Видете и ова: Вонредна состојба или избори - лидерска кај Пендаровски

До изборите, пак, дојде по инсистирањето на опозицијата откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит на западниот блок и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.