Што ако нема избори до декември?

Архивска фотографија- Лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски

Партиите во моментов се чини дека се далеку од договор за датум за предвремени избори. СДСМ стои на ставот дека тие треба да се одржат на 21 јуни, ВМРО-ДПМНЕ дека тоа е незаконски.

И по втората лидерска средба сосема нејасен остана евентуалниот датум за избори, а од партиите засега ги навестуваат своите позиции, но не ги откриваат сите карти докрај.

СДСМ стои на ставот дека избори мора да има скоро, дека договор со ВМРО-ДПМНЕ за датум е можен само додека трае вонредната состојба односно до 30 мај, а понатаму велат стапува во сила законот според кој изборите треба да се одржат на 21 јуни.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека не е можно да се одржат избори на тој датум. Генералниот секретар на опозициската партија Игор Јанушев е дециден дека избори не може да има на датумот кој го споменува СДСМ и не одговара дали би ги бојкотирале изборите на тој датум наведувајќи дека е ирелевантно прашање.

„Нема да има избори во јуни. Како ќе го направат тоа? Мислите дека Талат Џафери ќе потпише решение коешто е спротивно на закон за датум за избори. Кој ќе им го утврди датумот за избори? Како ќе го направат тоа? Невозможно е, тоа ви го кажувам. Значи депласирано е воопшто да разговарам за такво нешто, кога нема како да се случи“, вели Јанушев.

Видете и ова: Три дена карантин па право во кафеана

Во меѓувреме во јавноста останува отворено прашањето кое би било најдоброто време да се одржат изборите, особено по последниве денови во кои расте бројот на заболени од коронавирусот.

Светската пандемија на коронавирусот државава ја дочека без парламент и со техничка влада. Поради изборите кои требаа да се одржат на 12 април, но беа одложени поради вирусот, парламентот се распушти на 16 февруари. Првиот случај на заболен од коронавирус во Македонија беше регистриран десет дена подоцна, на 26 февруари, а претседателот Стево Пендаровски првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март. Потоа таа беше продолжена уште два пати, еднаш 30 дена и еднаш 14 дена.

Во време на вонредна состојба Владата носи уредби со законска сила, но кога таа ќе заврши, на 30 мај и во услови на не функционирање на собранието нема да има ниту еден орган во државата кој ќе има законодавна улога.

Видете и ова: Продолжениот карантин има ефект, ама не го решава проблемот

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија најдобар начин за надминување на кризата е да се свика Собранието повторно бидејќи вели постојат сите уставни можности за тоа.

„Секое решавање на лавиринтот во кој се наоѓаме на начин на кој ќе се одолговлекуваат изборите поради политички калкулации е многу опасен и погрешен. Ако изборите не се организираат ова лето, веројатноста за враќање на епидемијата на есен е доста голема и не смееме да си дозволиме толку време да бидеме надвор од контрола на гранките на власта“, вели Трошановски.

Во однос на ширењето на коронавирусот, пак и домашните и светски епидимиолози имаат различни оцени. Според директорот на Центарот за јавно здравје - Скопје, Арбен Зибери нема научни докази дека вирусот ќе го снема летово, а постојат и стравувања дека бројот на заболени ќе се зголеми кога ќе се отворат границите и луѓето ќе почне да патуваат, нешто што веќе се најавува.

На прашањето што ако до декември, кога истекува мандатот на актуелните пратеници не може да се организираат избори, Јанушев во неделното интервју на Радио Слободна Европа вели, се знае чија вина ќе биде тоа.

„Постои таков ризик, но од друга страна, ако веќе ја наметнуваме таа теза тоа би значело вака пластично кажано тотатално фијаско на владата во справувањето со коронавирусот“, вели Јанушев.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев пак тврди дека ВМРО-ДПМНЕ со позициите за изборите сакаат да се одолговлекува здравствената и економската криза и да креираат нова, политичка криза. Трошановски смета дека во случај да нема избори летово, пократ тоа што Собранието мора да се врати, ќе треба да почне да функционира и политичката влада, а не техничката каква што е сега. Ако, пак, се оди на редовни избори во декември а тогаш повторно коронавирусот е во полн ек, Трошановски вели дека постои можност актуелниот пратенички состав да си го продолжи мандатот.