Предизборната кампања полека се ближи кон својот крај, а политичките партии ги презентираат најголемите адути или ги изнесуваат валканите алишта на противниците, во последен обид да ги привлечат граѓаните да им го дадат својот глас. Тие пак, гласачите, помалку или повеќе заситени од сето она што им се претстави во изминатите 15-ина дена, ги средуваат впечатоците и доколку биле неопределени, се обидуваат да ја најдат опцијата што најмногу им се бендисала, односно онаа за која мислат дека ќе ги исполни ветувањата.
А ветувања има многу, реални и помалку остварливи - од зголемување на минималната и просечната плата, пензиите, субвенциите за земјоделците, намалување на невработеноста, преку изградба на инфраструктурни проекти, подобрување на состојбата во здравството и образованието, па до почнување на преговорите и брзо напредување кон ЕУ.
Видете и ова: Партиите за младите - од надвор мазно, внатре празно„Се обврзуваме стапката на младинската невработеност до 2024 година да ја донесеме под 17 проценти. Тоа е речиси двојно пониска младинска невработеност од денеска“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на една од средбите со граѓаните.
Ни пензионерите не останаа без своите 5 минути во кампањата.
„Најмалку 20 проценти поголеми пензии од тоа што е денес и враќање на старото законско решение кога пензијата растеше 2 пати годишно. Практично, им украдоа речиси повеќе од 1000 денари месечно изминативе три години“, вети претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Кандидатот на ДУИ за прв премиер- Албанец, Насер Зибери, покрај другото се осврна и врз лошата состојба во здравството, тема која беше доста присутна во предизборието, со оглед на пандемијата од коронавирусот.
„Да се зајакнат капацитетите на здравствениот сектор, финансиски да се мотивираат здравствените работници“, вели Зибери.
Вонпарламентарните партии во кампањата си ги пружија нозете колку што им е чергата, па имаа ветувања од типот дека ќе ги укинат привилегиите за пратениците, дека тие ќе бидат политичари кои нема да крадат, а се одеше и до размислувања за изградба на вселенски и астрономски центар Кокино. А следната реченица илустрира како тие партии ги доживуваат поголемите, односно оние кои се менуваат на власт во изминатите децении.
Видете и ова: Справувањето со ковид-19 не е приоритет во предизборието„Нашата политичка арена е опскурна, со три троми, вечно гладни чудовишта кои се хранат од џебот на граѓаните. На овие парламентарни избори на сцената се појавија неколку нови политички партии кои нудат свои идеи, принципи, искуство и бараат шанса да излезат на политички мегдан“, рече Марија Костовска од Твоја партија.
Како и да е, партиите- фаворити веќе ги искажуваат очекувањата од изборите, се лицитира со големи победи.
„Јас сум убеден во една голема, историска победа на 15 јули, а од 16-ти да ги засукаме ракавите и да си ја креваме државата од пепелта во која што овие политички измамници нас ќе ни ја остават“
„Очекуваме и е извесно возможно сами да обезбедиме мандати за формирање на сопствена влада. Ќе ме гледаат мене уште 4 години, па што сака нека е. Нема спас од Зоран Заев“, се очекувањата на Мицкоски и на Заев.
Изборната кампања завршува в недела, 12 јули на полноќ. Гласањето ќе се одвива три дена, а на 15 јули, поради здравствено- безбедносните мерки, тоа ќе биде продолжено и ќе трае до 21 часот.