„Треба да престанеме со предвремени избори оти ја стопираат севкупната македонска економија“ - одговори премиерот Зоран Заев на барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори во октомври.
Неколкуте коментари на ФБ страницата на РСЕ се негативно настроени кон Заев: Зоран Ангелов постот го почнува со навредлив епитет, па продолжува: „... сѐ е сопрено, па дури и назадува, затоа треба предвремени!“ ИгорВики Магероски е против двајцата: „Кога ќе си фатиш работа со двајца... што си играат држава, тоа е“, а Пеце Петрески како да му одговара на премиерот: „Го кочи криминалот и корупцијата.“
Но, по нашата информација дека „Мицкоски бара предвремени избори сега и попис во 2022 година“, реакциите се сосема различни од претходните. Потпишан со Адвокат прашува: „Ме интересира зошто му е битно на Мицето да нема попис? Тоа укажува дека е само продолжена рака на Грујо“, веројатно алудирајќи на почнатиот па прекинат попис во 2011 година, кога на власт беше Никола Груевски. „Нема проблем, на секои 5 месеци за тебе ако треба.“ – постирала Даде Жосефин, а Игор Миленкоски констатира: „Ете што го мачело човекот, тој се надева на победа, па кроење на пописот по негова мерка. Како пописот бил опасен за народот, а предвремени избори не?“ „И јас барам да не те гледам, ама не слушаш“ – се лути Дејан Секуловски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Посетителите на нашата ФБ страница, барем тие што оставиле свои коментари, како да не се расположени што за нов омбудсман е избран Насер Зибери, поранешен пратеник во Собранието. Во неделното интервју за РСЕ на македонски, Зибери покрај другото вели дека „ќе реагираме без пардон кон кој било носител на јавна функција“. Коле Манољев му препорачува: „Сега ќути и заврши си ги твоите работи и бегај“, а Бранко Николовски реагира на овој коментар: „Тој не е Македонец народот да го гласа за да си ја гледа својата фамилија, како Македонците што прават.“ Редовниот Ѓорѓи Ристески, кој инаку секогаш е негативно настроен кон албанската етничка заедница со навредлив речник постирал: „Ајде ш... што чекаш, почни прво од твоите, преполни се со арамилак, заедно со тебе“. Адем Липовица реагира на навредливите зборови, што не ги цитираме: „Абре, беден патриоту на батерии, критикувај личност, а не нација“. Емсал Авдиу е недоврелив: „Нема ништо од тебе, сѐ по стариот аваз (глас), џабе е, сѐ во Македонија е кармакаша“.
Најавата на министерот Венко Филипче дека ќе биде потпишан договор за 200.000 кинески вакцини и дека приоритетни се здравствените работници и граѓаните над 70 годишна возраст негативно се прима, ако се суди според актуелните коментари на нашите посетители. Владимир Атанасоски подбивно: „Ќе почнат на 36 јануари“, а Адмир Ати Лимановски налутено: „Пу, да ви се плукнам во пропагандата и политиката! Па ќе заврши пандемијата, а вие ниту еден не вакциниравте! Срамотилаци! Ќе ви се налути Кил Бил, ова, Бил Гејтс, што ќе правите после?“ Постот завршува со недоличен епитет.