Студентскиот оброк до 15 март ќе се исплаќа според старите правила, а во овој рок низ работни групи студентските претставници, пратениците и Владата ќе бараат системско решение за надминување на овој проблем. Ова е договорено на средбата во Собранието на која учествуваа студентите од државните и приватните универзитети на едната страна, како и пратениците, министри и премиерот Димитар Ковачевски на другата страна.
Како што истакна Славчо Темелковски, претседател на Универзитетско студентско собрание на најголемиот државен универзитет УКИМ, до 15 декември се очекува исплата на средствата за оброк кои им се должат на студентите за два месеци.
„Ќе има до март ретроактивно исплаќање на студентскиот оброк по цена од 120 денари на ден. Почнувајќи од утре ќе бидеме дел од сите работни групи коишто ќе дадат придонес кон носење на системско решение кое што очекуваме да биде подолгорочно и со коешто ќе се обезбедат повеќе средства и многу подобар начин на исплаќање на студентскиот оброк ќе се запази суштината“, изјави тој по средбата во Собранието.
Мила Петрушевска, студентската претставничка од Универзитетот ФОН пак изрази задоволство од решението.
„Нашата борба е добиена не поради слухот на МОН туку поради нашата упорност и решителност за нашите студентски права кои ни следуваат“, рече Петрушевска.
Изразување задоволство имаше и од страна на премиерот Ковачевски во однос на постигнатиот договор за оброкот. Дополни дека се разговарало и за подобрување на стандардот во студентските домови и се пофали дека Владата ги слуша студентите.
Видете и ова: Студентски отпор или паралелна борба на студентите„Се потврди дека студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас , да ги кажат своите ставови, а на нас кои сме во владата е тие ставови да ги сослушаат Поминаа времињата кога некој можеше со студентите да се поигрува така како што сака, бидејќи студентите с е наши деца и иднината на нивна држава , а за која што иднина носиме одлуки да биде европска и да може да живеат во услови во коишто живеат нивните врсници и во Германија и во Австрија и во другите земји на ЕУ“, рече Ковачевски.
Министерот за образование и наука Јетон Шакири пак, дополни дека заедно со Министерството за економија ќе ги разгледуваат условите во студентските домови, па ако увидат проблем постои можност одредени домови да се исклучат од мерките за штедење енергенси кои важат за сите институции.
Средбата се случува откако во јавноста излезе новиот закон за студентски оброк со кој требаше тој да им биде скратен на сите студенти кои земаат стипендии, на апсолвентите и на оние чии семејства имаат плата повисока од минималната.
Тоа практично е спротивно на целта на самиот закон кој беше донесен за да им помогне на студентите поздраво да се хранат, со тоа што ќе им се следуваат по 120 денари дневно, односно околу 2400 денари месечно на сметка, во периодот додека трае академската година.
Пратеничката Моника Зајкова, која исто така беше на средбата, реше дека идејата сега е да се најде долготрајно системско и одржливо решение за студентскиот оброк, за да не се случува проблем секој почеток на студентската година. Покрај тоа, таа побара да не се користат студентски протести како „алатка за собирање политички поени“.
Ова беше кажано бидејќи непосредно пред одржувањето на средбата во Собранието надвор се одржуваше студентски протест организиран на социјалните мрежи. Немаше официјална поддршка од студентските собранија, ама сепак студентскиот лидер на УКИМ, Темелковски по договорот во Собрание најави дека нема да има нови протести.
Претходно поголема група студенти се собраа пред Собранието под мотото „Стоп за уништување на студентскиот стандард“. Токму Собранието беше местото каде беа предложени, а потоа повлечени под притисок на јавноста, законските измени за кратење на студентскиот оброк за голем дел од студентите. Студентите реагираа и на условите во студентските домови, студот во нив и нискиот студентски стандард.
„На гладно и на ладно не се учи“, „Студентски оброк или политички облог“, „Се тресеме од студ, не од страв“, беа дел од пораките кои им ги упатија на пратениците.
Исто така,пред Собранието поставија голем транспарент со кој побараа да си ги заменат оброците со оние на пратениците, нудејќи им ним чинии со по едно парче леб и една зденка.
Притоа ги повикаа да им се приклучат и средношколците, а најавија и нови протести пред Собранието.
Законот за субвенциониран студентски оброк беше едногласно усвоен и од власта и од опозицијата уште во 2020 година. Сепак Министерството за образование и наука не најде можност системски да го имплементира, па лани реши да го менува на начин што се исплаќаа парични средства на трансакциските сметки на студентите без притоа да се има увид дали се трошат за храна или други намени. Како компромис се воведе преодна одредба во постоечкиот закон која важеше до почетокот на оваа студиска година.