„Трагедии се случуваат насекаде низ светот, не мислам дека целата Влада треба да си поднесе оставка“, кажа премиерот Зоран Заев во своето прво појавување во јавноста по пожарот во тетовската модуларна болница во кој во средата на 8 -ми Септември загинаа 14 луѓе.
Заев го повтори тоа што го напиша викендов на социјалната мрежа Фејсбук, дека ќе ги чека резултатите од истрагата за пожарот во која се вклучени и странски експерти па потоа ќе донесе одлука дали ќе ги прифати оставките од министерот за здравство Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, директорот на тетовската болница Фљорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми.
Видете и ова: Тетовчани одадоа почит на жртвите од пожарот
„Мислам дека ние сме многу транспарентни луѓе, даваме одговори за се, оставете да заврши постапката, вие сакате да ги прејудицирате одговорите и да правиме приказни, што не е коректно. Оставете и тие што треба да тагуваат да тагуваат, тоа е целиот наш народ, оставете професионалците да ја завршат работата, одговорите ќе ги добиете сите, соодветно и навремено“, рече Заев.
Во петокот, два дена по пожарот, оставки од морални причини си поднесоа четворицата надлежни, министерот за здравство, заменикот министер, директорот и економскиот директор на тетовската болница. Одлуката на премиерот да почека за да реши дали ќе ги прифати додека трае истрагата, ги поттикна на реакција ВМРО-ДПМНЕ. Од таму реагираа дека морална одговорност не се утврдува, не се чека туку се чувствува. Дадоа рок до вторник Филипче и Хасани да ги поднесат оставките до Собранието, а ако не не го направеле тоа, тие во координација со другите парламентарни партии ќе поднеле предлог одлука за разрешување на министерот за здравство и неговиот заменик.
Видете и ова: За кривична одговорност се чека истрага, но што е со моралната?Поранешниот полициски началник и професор во пензија Љубомир Ѓурчевски нагласува дека не треба да се меша кривичната со моралната одговорност.
„Ако дошло до нешто лошо во неговиот сектор значи нешто не чини. Понатака внатре во министерството дали ќе се утврди дека има пропусти во работењето од некој надлежен е дел од доказна постапка, но кога се бара одговорност од влада, од политичари, од конкретен министер, се заборува за морална одговорност, за етика“, вели Ѓурчевски.
И политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека треба да се направи разлика во тоа дали оставките се поднесени поради кривична одговорност и се од морални причини. Според него, одолговлекувањето на прифаќањето на оставките има врска и со претстојните локални избори кои се закажани да се одржат на 17 октомври.
„И СДСМ и ДУИ се свесни дека во една ваква ситуација, во еден ваков, амбиент, опозицијата ќе направи се за да ги интерпретира овие оставки како преземање на вина за тоа што се случи и заради оваа математика мислам дека владата можеби игра на нудење оставки па одбивање оставки токму пред започнување на изборната кампања со тоа што би се испратило порака до јавноста дека вината не е кај овие функционери што си дадоа оставка“, вели Незири.
Инаку, иако засега не се знае резултатот од истрагата која ,според најавите, се очекува да биде брза, ниту пак одлуката на премиерот која тој вели дека ќе зависи од исходот, ова не е првпат функционер да си поднесе оставка од морални причини, а премиер да му ја одбие.
Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески во 2009 година поднесе оставка од морални причини по потонувањето на бродот во Охридското езеро при што загинаа 15 бугарски туристи, но понудата му беше одбиена од тогашниот премиер Никола Груевски.
Видете и ова: Тридневна жалост, истрагата за пожарот во Тетово е во текСега владејачката, а тогаш опозициска СДСМ жестокото го критикуваше Груевски и тврдеше дека со самото тоа што го амнестира министерот автоматски ја преземал одговорноста за несреќата. Тогаш владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, пак, велеа дека самата оставка на Јанакиески е високо морален чин, но дека таа не треба да биде прифатена затоа што тој немал директна вина во несреќата. Јанакиески остана на функцијата до мај 2015 година, кога си поднесе оставка по објавувањето на аудио материјалите од тогашниот опозиционер, а сегашен премиер Заев, во кои се слушаа индиции за криминал и злоупотреба на власта. Тогаш Груевски како премиер му ја прифати оставката.