Злосторничкото здружение за изборни измами во „Титаник“ може да застари

Поранешниот премиер Никола Груевски излегува од судница по одложено рочиште за предметот во кој беше обвинет Траекторија, архивска фотографија

Обемниот предмет на поранешното специјално обвинителство Титаник за изборни измами ако стартува од почеток ризикува застарување на делото злосторничко здружување за обвинетите, вели претседателката на коалицијата „Сите за правично судење “ Натали Петровска.

Над 200 сведоци, илјадници незаконски снимени разговори и илјадници страници доказен материјал повторно ќе треба да се разгледуваат и преслушуваат во Кривичниот суд затоа што неколку крупни предмети на поранешното специјално обвинителство ќе се вратат од почеток. Зад таквата состојба стојат две причини, разрешен судија и поротник кој наполнил 60 години.

Видете и ова: Судот го одобри обвинението против Камчев за „Плацевите на Водно“

Станува збор за предмети во кои се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски и неколку поранешни функционери од неговата влада. Ова се случува по трет пат, големи предмети да треба да се вратат отпочеток поради возраст на поротник. И овој пат дел од предметите ги демне опасноста од застарување на кривичните дела.

Забележливо е дека речиси во секој предмет каде што е Груевски обвинет, судечкиот процес се враќа на почеток најмалку еднаш. Досега предметот „ТНТ“ се врати од почеток, а наскоро ќе се врати и предметот „Титаник“ за изборни злоупотреби, после илјада слушнати бомби и стотици сослушани сведоци.

За предметот „Титаник“ досега беа закажани 98 рочишта од кое на последното се уште се испитуваат сведоци на обвинителството. Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Кирил Тодоровски и други.

Тие се обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Петровска: Наскоро ќе застарат и делата од Титаник

Претседателката на Коалицијата „Сите за правично судење“ Наталија Петровска вели дека според досегашното темпо во овој обемен предмет постои реален ризик да им застарат дел од кривичните дела за кои се гонат.

„За кривичното дело злосторничко здружување на некои од обвинетите ќе им настапи апсолутна застареност на кривичното гонење во 2023 година, имајќи в предвид дека предметот се уште не е завршен, и да заврши истиот ќе има процес на жалбена постапка, временски период за одлучување во второстепен суд Апелација, и несомнено дека временскиот период ќе помине“ вели таа.

За ова дело според обвинителниот акт организатор на групата е поранешниот премиер Груевски, а соучесници во незаконското финансирање на изборната кампања и организирање на активности поврзани со заканите и притисоците врз гласачи се Протуѓер од позиција на генерален секретар на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, потоа шефот на кабинетот на Груевски, Кирил Божиновски, и Јанакиевски и Јанкуловска од позиција на министри.

Видете и ова: Две банди владеат со скопското подземје

Во однос на предметите Топлик, Тендери , Шпански скали кои би почнале одново се предмети кои имаат прилично одолжен рок на застареност што значи за нив нема опасност од застарување на кривичното дело.

Претходно Судскиот совет го разреши судијата Горан Бошевски кој го водеше предметот Траекторија. За овој предмет досега беа закажани 64 рочишта од кои 18 одложени поради нечие отсуство. Овој предмет по втор пат ќе се разгледува од почеток во судницата, затоа што во 2018 година бил сменет судечкиот совет. Во меѓувреме кривичното дело за кое беше обвинет Никола Груевски застаре, на обвинителна клупа сега пак ќе седат само поранешните функционери Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски.

Со разрешувањето на судијата Бошевски на почеток се враќа и предметот „Талир 1“ каде првообвинет е Груевски. Бошевски во овој предмет беше втор судија. Тој е разрешен од Судскиот совет поради нестручно и несовесно работење, но за друг предмет.

Одолговлекувањето за дел од предметите оди во недоглед, вели Петровска. Таа додава дека проблемот со разрешување на судија не може да се предвиди, но завршување на мандат на поротници поради старосно ограничување може да се превенира и да се делува. Според неа најчести причини за долгогодишните рочишта за предметите на поранешното СЈО лежат во динамиката на закажувањето на рочиштата и обемноста на предметите.

„Ако ја следите динамиката на одвивање на судските процеси ќе забележите и самите дека некои предмети се одвиваат и судат многу поинтензивно од останатите. Имавме и примери дека некои завршија и за 6 месеци или една година, па и правосилно се завршени. А некои предмети гледате и самите траат и повеќе од 4 години, “ вели таа.

Динамиката на закажување на расправите, менаџирањето и распоредот на закажувањето на расправите од судот но и околностите кои се условно наложени од самото обвинителство во моментот на поднесување на обвинението со преголем и преобемен доказен материја се клучните причини поради кои дел од предметите на поранешното СЈО се уште не се ни близу до правен исход, заклучува Петровска.

Во изминативе 4 години откако обвинителните акти на 30 јуни 2017 година влегоа во судница затворени се само 5 предмети.

Најголема казна затвор досега доби поранешниот директор на Управата за контраразузнавање и безбедност Сашо Мијалков, кој е осуден на 12 години затворска казна за предметот „Таргет-Тврдина“, односно за незаконското масовно прислушување, потоа 8 години затвор за набавка на британска опрема за следење на електронската комуникација за УБК и 3 години затвор за предметот на СЈО „Титаник 2“, кој се однесува на изборни измами.