Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја има потреба од поголема помош од странство за да ја преживее неиспровоцираната војна од Русија, додека Москва ги засилува нападите во источна Украина.
Видете и ова: Забрана за увоз на руски јаглен, ЕУ со нов пакет санкции против МоскваЗборувајќи пред јужнокорејските пратеници преку видео врска, Зеленски денеска рече дека Русија нема да запре со инвазијата која ја започна на 24 февруари, освен ако не биде принудена од меѓународната заедница.
Тој додаде дека Русија сега концентрира десетици илјади војници за својата следна офанзива во источниот дел на Украина, откако уништи голем дел од инфраструктурата низ Украина, вклучително и најмалку 300 здравствени установи.
Руските сили продолжуваат со офанзивата за воспоставување на контролата врз опколениот јужен пристаништен град Мариупол, клучна цел која треба да овозможи поврзување меѓу Крим и областите под руска контрола во источна Украина.
„Мариупол е уништен, таму има десетици илјади мртви, но и покрај тоа Русите не ја прекинуваат својата офанзива“, рече Зеленски.
Не е можно да се потврдат бројките кои тој ги кажа пред јужнокорејските пратеници.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме, меѓународната заедница продолжува да бара прекин на огнот.
Австрискиот канцелар Карл Нехамер денеска треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва и се очекува да повика на прекин на конфликтот. Ова ќе биде прва директна средба на Путин со некој европски лидер од почетокот на рускиот напад врз Украина на 24 февруари.
„Ќе се сретнам со Владимир Путин во Москва. Ние [Австрија] сме воено неутрални, но имаме јасен став за руската агресија врз Украина. Тој мора да престане! Потребни се хуманитарни коридори, прекин на огнот и целосна истрага за воени злосторства“, напиша Нехамер на Твитер во пресрет на посетата.
Во меѓувреме, министрите за надворешни работи од ЕУ се среќаваат со обвинителот од Меѓународниот кривичен суд Карим Кан во Луксембург во врска со можните воени злосторства извршени од руските сили. Москва вели дека не таргетира цивили, но има сè повеќе докази за можни злосторства во неколку области во Украина.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел пред состанокот рече дека „санкциите секогаш се на маса“.
Зеленски рече дека најмалку 300 здравствени установи биле погодени во руските напади, а меѓународната осуда не запира откако во градот Буча беа пронајдени стотици тела, многу од нив со рацете врзани зад грб и со знаци на тортура, по повлекувањето на руските сили од градот. Русија лажно тврдеше дека сцените во Буча биле наместени.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Околу една четвртина од 44-те милиони жители на Украина беа принудени да ги напуштат своите домови, градови се претворени во урнатини, а илјадници луѓе се убиени или ранети, многу од нив цивили.
Максар технолоџис вчера објави сателитски снимки на кои се гледа руски воен конвој долг скоро 13 километри упатен кон регионот Донбас, додека Кремљ ги концентрира воените капацитети во источна Украина.
Видете и ова: Русија бомбардира во источна УкраинаКонвојот веројатно е упатен кон градот Изјум во регионот Харкив, кој е под контрола на руските сили. Изјум е во близина на границата со регионите Доњецк и Луганск, каде што се водат некои од најжестоките борби.
Русија сега ги фокусира своите напади врз Донбас, каде што се наоѓаат регионите Доњецк и Луганск, откако се соочи со неуспеси во другите делови од Украина, како Киев и Суми.
Во пресрет на очекуваната офанзива, Русија го назначи армискиот генерал Александр Дворников, командант на руските сили во јужната воена област, да ја води војната во Украина.
Путин сега може да се обиде да ги концентрира силите за да ја преземе контролата врз Донбас и да прогласи победа до 9 мај, кога се одржува голема воена парата по повод победата против Нацистичка Германија во Втората светска војна, велат американски претставници.
Неговата одлука да го назначи 60-годишниот Дворников за нов командант на кампањата во Украина може да биде дополнителен показател дека Русија планира офанзива од големи размери на истокот, велат аналитичарите.
Генералот има озлогласена репутација по неговото водење на војната во Сирија, каде што руските сили бомбардираа цивилни области. Путин го одликуваше Дворников со медалот Херој на Русија, едно од најголемите одликувања во земјата, за неговите постапки во Сирија.