Напади со оружје и експлицитни смртни закани трпеле новинарите во Македонија само во оваа година. Создадена е атмосфера во која лесно кон нив се упатуваат погрдни зборови кога си ја вршат својата работа, а нападите со попречување на нивната работа додека известуваат од протести веќе станува нормална појава. Меѓу оние кои си дозволуваат да се закануваат се и функционери, политичари и бизнисмени.
И додека новинарите и медиумските работници веќе пет години ги чекаат измените на Кривичниот законик за поголема безбедност додека работат, со тоа што нападот врз новинар ќе се третира како напад врз службено лице, оваа година расте бројот на инциденти кон нив споредено со минатата 2021 година.
Со вкупно седум посериозни напади според регистарот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), оваа година регистрирани се физички и вербални напади врз новинари, како и задржување против нивна волја при извршување работа на терен.
„Годината се уште не е завршена, а ние веќе имаме повеќе напади за разлика од минатата година, што практично говори дека ова е еден тренд што треба да не загрижува од причини што безбедноста на новинарите е предуслов за да може слободно да работат“, вели извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Цензурата ќе се казнува со затвор, но потребна е и дефиниција за цензураМеѓу последните инциденти од 2022 година, според регистарот на ЗНМ, се физичкиот и вербален напад на лицето Миле П. врз снимателот на телевизијата „24 Вести“ Љубиша Игнатов. Минатиот месец сопственикот на портал Зоран Божиновски беше физички нападнат од маскирани лица пред неговиот дом, а на почетокот на годинава новинарот Неври Адеми и снимателот Збулим Максути беа нападнати со секира во Гостивар од лицето Бурхан Хамити.
Летово, вработени во дирекцијата на Комунална Хигиена Скопје ги задржаа против нивна волја новинарите Фуркан Салиу и Авни Тахари во просториите на институцијата, а новинарката на ИРЛ Маја Јовановска со соочи со вербален напад и погрдни зборови од страна на лицето Садредин Елези.
Во однос на случаите од оваа година, од Јавното обвинителство за РСЕ велат дека само во еден предмет поднеле обвинение во судот за кривично дело насилство.
Во еден предмет Обвинителството одлучило дека не може да постапи, бидејќи од Твитер не можеле да го идентификуваат корисникот на профилот од каде се упатени заканите кон новинар, додека предметот за новинарката Јовановска за вербалниот напад кон неа бил решен со писмено предупредување од МВР.
Висок степен на неказнивост
За нападот со секира кон новинарот Адеми од Гостивар има судска разрешница, откако Основниот суд Гостивар донесе осудителна пресуда и условна казна од три месеци казна затвор за напаѓачот.
Но, овој предмет е меѓу ретките кои добиваат судска разрешница. Според податоците од 2014 година наваму, забележани се 80 инциденти за повреда на правата на новинарите и сериозни физички напади, закани со смртни последици и уништување на нивен приватен имот.
Од нив, 24 инциденти се со физички напади врз новинари и медиумски работни, а само четири завршиле со правосилна пресуда во полза на новинарите.
„Ова покажува дека степенот на не-казнивост кога станува збор за напади кон медиумски работници се уште во Македонија за жал останува многу висок“, вели Секуловски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Меѓу заканувачите и оние кои вршат притисок врз новинарите се и јавни функционери, политичари и бизнисмени.
Директорот на скопската топлана „Скопје Север“ Куштрим Рамадани викендов вербално ја навредуваше новинарката на порталот „МКД“ Катерина Додевска која известуваше за тема од јавен интерес, за тоа дали топланата смеела да работи на мазут.
Од ЗНМ бараат поголема ефикасност од Обвинителството, бидејќи како што велат, „досегашната незаинтересираност“ на оваа институција многу од новинарите ги одвраќа да пријавуваат закани и напади кон нив.
Фактор на промена би можеле да бидат најавените измени на Кривичниот законик, кој меѓу другото, треба дополнително да ги заштити новинарите во вршењето на нивната работа со тоа напад врз новинар ќе се третира како напад врз службено во лице.
Обвинителството незаинтересирано
Измените минатата недела се влезени во прво читање во Собранието. Следува второ читање во соодветната Комисија, со што се уште трае рокот за поднесување амандмани. До крајот на годината се очекува измените да бидат усогласени и донесени во Парламентот.
„Тоа што ќе биде новитет е дека во случај на загрозување на безбедност при вршење на новинарска дејност, без разлика дали станува збор за новинар или медиумски работник, Обвинителството ќе по службена должност ќе ги гони сторителите, а истовремено сторителите ќе се соочуваат со повисока казна затвор [...] Откако ова би се усвоило, гледаме дека ситуацијата на долг рок би била подобрена“, вели Секуловски.
Позитивен момент треба да биде и тоа што лицата кои посегнуваат по правата на новинарите, би се де-мотивирале да ги напаѓаат, додава Секуловски.
„Кога Обвинителството ќе застане зад правата на новинарите, на долг рок сметаме би се намалиле сите овие инциденти и дека безбедноста генерално би се подобрила на некое друго ниво“, вели Секуловски.
Овие законски измени беа дел од ветувањата на тогашната опозиција а сега владејачка партија СДСМ во 2017 година. Но, по поминат пет години, тие сега стигнаа на дневен ред пред пратениците.
Видете и ова: Стејт департмент - Корупција во владините редови, лоши затвори и закани врз новинариНападите врз новинарите се нотирани и во меѓународните извештаи каде се мери нивото на демократија и слободата на изразување во Македонија.
Во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2021 година се вели дека Министерството за внатрешни работи евидентирало осум случаи на напади врз новинар, a десет во 2020 година.
Само за три случаи се поднесени кривични пријави, за кривично дело сторено за време на протест, за повреда на авторски и сродни права и за закана преку интернет, а за пет напади била отворена истрага.
Иако ЕК наведува дека постојната законска рамка и посветеноста на меѓународните стандарди обезбедуваат доволно механизми за институциите да ги казнат сторителите, но на терен се забележува недоволно брза и ефикасна истрага.
Во европскиот извештај се наведува дека продолжува трендот на онлајн вознемирувањето и вербалните напади врз новинарите, особено на социјалните мрежи и дека остануваат нерасчистени стари случаи на физички напади врз новинари.
ЕК заклучува дека политичарите од сите нивоа на владеење и јавните функционери треба постојано да даваат пример за високи стандарди за почитување на слободата на медиумите во нивните интеракции со новинарите.