Матичните лекари засега нема да добијат покачување на бодот од 63 денари на 90 денари, како што беше ветено на минатите избори од владејачката СДСМ. Министерот за здравство Беким Сали кој доаѓа од политичката партија Алтернатива во интервју за Радио Слободна Европа вели дека во тек се преговорите со матичните лекари и дека се работи на промена на моделот според кој се исплаќаат приватните општи лекари кои функционираат како матични лекари, а досега за нивната услуга Фондот за здравство им исплаќа по 63 денари месечно од пациент.
Министерот за здравство најавува ефективен модел
Видете и ова: Светото тројство во здравството - недостиг на лекари, опрема и париМинистерот вели дека во тек се измени на Законот за здравствена заштита во кој ќе се вметне подобар ефективен модел во плаќање и рамномерно покривање на регионите каде што има потреба од здравствени установи. Тој додава дека засега ова е отворена тема и дека на маса се неколку модели кои се разгледуваат и кои ќе треба да им бидат презентирани на здруженијата на приватни лекари и стоматолози како и Фондот за здравствено осигурување.
„Мислам дека и здравствените установи и лекарите треба да имаат трпение сè додека не се најде најдобриот функционален модел кој што е во интерес на граѓаните секако крајно, и на установите како даватели на здравствена услуга, ние сме во период на реформи сега во примарната здравствена заштита“, вели Сали во интервјуто кое во целост ќе објавено во недела.
Според него, не секогаш финансиската поткрепа е доволно за да се мотивира лекар да работи или основа нова здравствена установа, туку потребно е да се утврди со секоја финансиска мотивација на амбулантите и ординациите – колку ќе добие пациентот и дали се правилно рамномерно распределени здравствените установи во државата. Сали вели дека на министерското столче доаѓа од примарното здравство и дека им ја знае маката на матичните лекари и стоматолози.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Матичните лекари не се задоволни
Но, матичните лекари се жалат дека со оваа плата која ја добиваат од ФЗО се на раб на егзистенција, и дека ако не им се исполни барањето на 7 април ќе протестираат пред Владата. Претседателката на Здружението на матични лекари Лилија Чолакова - Дервишова вели дека додека чекаат промени во наплатата, трошоците си растат.
„Пратени се работни групи од примарното здравство во Министерство за здравство, но некоја конкретна активност засега нема. А трошоците си растат, пристигнуваат по 13 илјади денари за струја кај концесионерите. Поскапе горивото, а некои лекари треба секојдневно да патуваат по 40 километри за да отидат до соседниот град каде што работи, на пример живее во Охрид, а работи во Дебар. Храната е поскапена, постојано сме „бомбардирани“ со некои евиденции на Влада за акредитации, за лични податоци, едноставно работиме во еден хаос во кој ние како доктори не можеме да се фокусираме на нашата примарна работа, а тоа се пациентите“, вели таа.
Чолакова - Дервишова вели дека колегите бараат исплата на 90 денари месечно по пациент и очекува од Владата под итно да изнајде начин како да им го покачи бодот по кој им се пресметува платата како што тоа се направи за пензионерите и други категории на граѓани.
„На јавното здравство во изминативе три до четири години им се покачуваше платата и ние тоа го поздравивме. Ама не може народните пари да одат постојано во јавното здравство, а ние сме столбот на тој здравствен систем“, додава таа.
Видете и ова: Прекинат протестот на матичните лекари-министерството ќе бара решенијаВо однос на реформите кои се планирани, министерот вели дека се размислува да им се дадат повеќе ингеренции на матичните лекари во модел со кој ќе се мотивираат општите лекари да специјализираат семејна медицина. Тоа ќе се изведе со акредитација која е воведена пред десетина години, но никогаш не се спровела во пракса.
Матичните лекари велат дека за таква акредитација веќе плаќале по илјада евра. Чолакова Дервишова вели дека пари за тоа се веќе собрани од приватните лекари односно од 2 илјади матични лекари, 2 илјади стоматолози и 2 илјади фармацевти во ФЗО веќе се легнати 6 милиони евра по тој основ.
„ Ќе дојде една влада, па ќе вети нешто, ќе направиме ова, ќе направиме она. Се изнаслушавме ќе ова, ќе она, и ништо од тоа. Имавме еден таков проект во 2010 година, отидовме голем број на доктори на специјализација за семејна медицина, сами си ја плативме и немам ништо од тоа, никакви плус можности на пример да работиме, да се усовршиме, да наплатиме, да купиме нови апарати, па и да потрошиме пари ама да сме моќни да можеме да го сториме тоа,“ вели Чолакова -Дервишова.
Според неа, ако се прават реформи со кои ќе им се даде можностна приватните општи лекари односно во иднина семејни лекари да прават одредени интернистички прегледи како ехо или доплер неопходно е да се им се даде повеќе пари.
Сали додава дека во изминативе две пандемиски години ФЗО ги финансирал сите примарни здравствени установи без реализација на примарните прегледи и цели кои биле наведени во договорите.
„Менувањето на модел на плаќање не е лесен процес, ниту одлука на еден министер, или два до три состанока на кои би се договарале. Тоа е процес кој што треба заеднички да го поминуваме и сега сме во период на отпочнување на преговори и сметам дека во наредните два до три месеци се надевам дека ќе успееме да изнајдеме успешен модел“, вели Сали.
Чолакова- Дервишова вели дека некој модел пред да се воведе мора да се пушти како пилот проект, за да се утврди дали моделот е одржлив врз основа на трошоците кои тие ги имаат во моментот.
Матичните лекари бараат измени на законот за здравствена заштита со кои ќе им се овозможи полесно лекување на хронично болните пациенти, потоа бараат стратешки измени со кои пациенти кои ги биле заведени кај матичен лекар кој заминува во пензија да им бидат префрлени на младите лекари, со што ќе се мотивираат и младите полесно да разработат една амбуланта.