Засега нема парламентарно мнозинство за пад на владата

Собрание на Република Северна Македонија

ВМРО-ДПМНЕ до полноќ ќе чека дали пратеникот на Беса, Реџепи ќе се појави во Собранието, откако тој најави дека нема да гласа за иницијативата на опозицијата за гласање доверба на Владата. Oд СДСМ тврдат дека тие имаат мнозинство во Собранието и дека тоа ќе расте.

Опозицијата го загуби мнозинството за иницијативата за гласање на доверба на Владата откако пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи не се појави на собраниската седница, иако претходно се приклучи кон најавеното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ од 61 пратеник. СДСМ тврди дека има мнозинство и дека очекува тоа да се зголемува.

Реџепи во видео објавено на социјалната мрежа Фејсбук попладнево рече дека дека е здрав и е добро, наведувајќи „се гледаме наскоро“.

„Ви благодарам на сите за поддршката. Стабилноста и безбедноста на државата, како и мирот и благосостојбата на нашиот народ мора да ни бидат најважни од се. Билал Касами и другите, да не се грижат за мене. Јас сум на сигурно, на вистинската страна, на страната на албанскиот народ и на страната на сите граѓани кои сакаат мир, стабилност и демократија. Јас сум со ЕУ и НАТО, а не со анти-албанците. Ви го зборувам ова со чиста совест, а штом ги одминам ризиците кои ми доаѓаат како закана од некои мои сопартијци, ќе одговарам и на сите прашања на медиумите. До тогаш, да живеат слободата и демократијата. Да живеат Албанците, Македонците и сите други граѓани на С. Македонија“, рече Реџепи.

Видете и ова: Седницата за доверба на владата цел ден на пауза

Инаку, денеска седницата постојано беше одложувана, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека ќе чекаат до полноќ за Реџепи да се појави во Собранието до кога има деловничка можност да трае седницата. Тој порача дека се шпекулирало и вчера дека е можно нешто „вакво да се случи“ и дека го очекувале.

„Ако се потврди уште еднаш трговијата со пратеници тогаш се поставува прашањето дали воопшто вреди човек да се занимава со политика во оваа наша Македонија додека оваа власт предводена од Зоран Заев постои. Ова е срам и ако се потврди тоа дека е држен надвор од своја волја и дека се наоѓа некаде каде што никој не знае тоа предизвикува силно чувство на гадење и им се извинувам од мое име и од името на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните што мора да бидат сведоци на една ваква циркуска престава“, рече Мицкоски.

На прашањето дали власта сега има мнозинство лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не би го чудело да направат „мнозинство и поголемо од ова“.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јане Митрески рече дека не само што имаат мнозинство во Собранието, туку очекуваат тоа да расте. Според него, Реџепи трпел притисоци од опозицијата и очекува во наредните денови таквите наводи да бидат обелоденети.

„Мнозинството ќе расте и немаме ситуација да имаме ново парламентарно мнозинство“, рече Митрески.

Претседателот на движењето Беса, Биљал Касами изрази сомнеж дека Реџепи се држи некаде со сила за да не гласа за соборување на владата.

„Последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи докажуваат дека оваа власт е спремна на сè за да остане на оваа позиција. Сè додека немам јасна слика и глас од пратеникот за својот став, јас се сомневам дека тој против своја волја го има декларирано тоа што има декларирано и не може да дојде во Собранието и да ја искаже својата позиција“, рече Касами.

Загриженост за Реџепи изрази и лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Видете и ова: Заев засега останува, ќе остане ли и Владата?

„Не знаеме каде е еден пратеник, каде се наоѓа. Тоа го кажувам од човечки аспект. Сите без разлика дали се политичари или не, треба да бидат навистина загрижени со фактот дека имаме само еден фејсбук статус. Одговор треба да дадат институциите“, рече Села.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми, вели дека нема информации каде е Реџепи ниту пак имале контакт со него.

„Убеден сум дека срцето на Реџепи лежи во Брисел и во Вашингтон“, изјави Адеми.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби порача дека во Собранието има два табора – еден про-ЕУ и друг кој ја води земјата во изолација, па пратениците треба да се определат дали се за продолжување на патот на Северна Македонија кон ЕУ и кон стабилност или кон несигурност. Во врска со обвинувањата на опозицијата дека „некој од власта му се заканувал“ на Реџепи, Груби истакна дека тоа не е вистина.

Иницијативата за гласање доверба на Владата со 61 потпис ја поднесоа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса, која беше во коалиција со СДСМ. По реакција на пратеникот Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива, својот потпис вчера од иницијативата ги повлече претседателот на Левица, Димитар Апасиев, но и 16 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Иницијативата беше поднесена бидејќи премиерот Зоран Заев не ја поднесе најавената оставка од функцијата.