Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ со иницијатива за недоверба на Владата потпишана од 61 пратеник


Откако премиерот Заев не ја поднесе оставката од функцијата до Собранието, ВМРО-ДПМНЕ денеска ја поднесе иницијативата за гласање недоверба од Владата. Од опозициската партија тврдат дека ќе имаат 61 плус пратеник за да ја урнат Владата. Најдоца до четврток треба да биде закажана седницата.

ВМРО-ДПМНЕ поднесоа иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на Владата на која ,според потпретседателот на опозициската партија Александар Николовски, се потпишани 61 пратеник. Иницијативата е поднесена откако премиерот Зоран Заев не одговори на ултиматумот од ВМРО-ДПМНЕ до денеска да ја поднесе неговата оставка од функцијата во законодавниот дом. Николовски го повика претседателот на Собранието, Талат Џафери најбрзо што може да ја закаже седницата.

„Доколку во моментов или најдоцна до четврток се гласа доверба на Владата, очекувам да има 61 плус. Би сакал да ја информирам јавноста дека во тек се интензивни разговори и со уште неколку пратеници во македонското Собрание и очекувам дека иницијативата за недоверба на владата ќе ја поддржат повеќе од 61 пратеници“, рече Николовски.

Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи претходно изјави дека неговиот потпис нема да се најде до пратениците на Левица и покрена сомнеж во тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека имаат мнозинство од 61 пратеник за гласање на недоверба на Владата. Но, Николовски рече дека неговата изјава е погрешно толкувана и дека високо ја ценат работата на Реџепи.

„Мислам дека неговата изјава беше јасна и не треба да се вади од контекст, а тоа е дека тој нема да поддржи владата СДСМ – ДУИ да продолжи да функционира. Во однос на составување нова влада или евентуални брзи предвремени избори, тоа е нешто што ќе го разговараме после четврток, затоа што треба да седнеме со нашите партнери и да видиме кои се програмските определби на сите политички структури коишто евентуално би сакале да состават политичка влада или кои се интересите за предвремени избори“.

Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, денеска ја коментираше изјава на Реџепи и рече дека тоа не е причина да се констатира дека новото парламентарно мнозинство е пропаднато.

„Човекот кога има некоја грижа се обидува да најде неосновани изговори и лаги. Никој не е дете и секој знае дека листата што е потпишана е потпишана за да падне владата. Идејата за владата да падне, да има ново мнозинство, е граѓаните да бидат послободни. Кога зборуваме за слободата нема потреба никој, никого да манипулира. Нема да навлегувам во детали затоа што воопшто не е вистинито тоа што го слушнав. Немам потреба некого да мамам. Секогаш сум бил отворен, особено сум внимателен со пратеници кои се дел од коалицијата и идејата е граѓаните слободно да одлучат по своја волја на избори ако констатираме дека еден државен апарат ја ограничува слободата и ги уценува граѓаните, рече Села.

Реакција на Заев

За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда, напиша Заев на неговиот профил на Фејсбук по изјавата на Николовски.

„Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите. Но, има оваа држава свој народ, и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново. Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека позади таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници. Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности“, наведе Заев.

Процедури за гласање недоверба

Седницата треба да биде закажана најдоцна во четврток, односно според Деловникот на Собранието седницата се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата,

„Рокот за седницата почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата“, а „Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба“, се наведува во Деловникот.

Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.

Ако се гласа недоверба на Владата тогаш Владата е обврзана да даде оставка и политичките партии би требало да се одлучат по кој пат ќе тргнат, вели политичкиот аналитичар Џељал Незери.

„Ако се одлучат дда одат на предвремени избори тогаш ќе треба Собранието да се распушти и да се договори датум за тие предвремени избори. Ако се оди по пат на формирање на нова Влада тогаш претседателот на државата би требало да го довери мандатот на партијата која на последните парламентарни избори освоила најмногу пратеници, тс. СДСМ која би имала 20 дена рок за да состави Влада и мнозинство. Ако не успее во тоа после 20 дена тој мандат би се дал на втората партија, тс. ВМРО-ДПМНЕ. Ако и двете партии не успеат да формираат Влада, да создадат мнозинство во Собранието тогаш предвремените парламентарни избори се неминовни“, вели Незири.

Незири очекува наредната година да се одржат предвремени избори.

„Легитимитетот за владеење на политичките партии се дава на парламентарни избори, на директни избори кои се случија во 2020 година каде СДСМ, ДУИ и останатите партии фактички добија легитимитет да ја водат државата, но, последните локални избори покажаа голем пад на СДСМ и тој пад го стави под знак прашалник тој легитимитет. Затоа мислам дека предвремените избори се неизбежна врата за излез од оваа политичка криза„, додава Незири.

Заев на 31 октомври поднесе оставка од функцијата премиер и лидер на СДСМ поради поразот на владејачката партија на локалните избори. Но, неговата оставка никогаш не стигна до Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ има 40 пратеници. Од традиционалните партнери на опозициската партија е и пратеникот Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите и двајцата пратеници од Социјалистичката партија, како и еден пратеник од ГРОМ. Заедно тие бројат 44 пратеници. Алијанса за Албанците има 8 пратеници, а нејзиниот коалиционен партнер Алтернатива 4. Додека пак Левица има 2 пратеника. Беса пак има 3 пратеници. Вкупно тие бројат 61 пратеник.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG