Започна скринингот за да се види националниот имунитет од Ковид 19

Скрининг тестирањ ена анти тела на Ковид-19

Скрининг-тестирањето на анти тела на Ковид-19 кое се врши по случаен избор започна денеска. Тестирањето ќе се прави на примерок од 1.000 испитаници во Скопје. Граѓаните велат дека се решиле на скринингот бидејќи ги интересира дали имаат анти тела.

Редица на граѓани на пунктот каде од денеска се врши скрининг-тестирањето кое треба да покаже каков имунитет на Ковид-19 има населението во државата, а во истовреме да и помогне и на Комисијата за заразни болести во планирањето на идните мерки во борбата против пандемијата. Скринингот се врши по случаен избор, а пунктот е стациониран на улица Македонија во центарот на Скопје каде прво им се земаат податоци на заинтересираните граѓани, а потоа и крв.

„Па имам три вакцини направено и чисто ме интересира колку имам антитела“, вели Ангелче Спасовски.

„Затоа што се осеќам добро веќе две години и ништо не ми е. Примив три вакцини. Немам никакви симптоми цело време. Сакам да знам дали имам доволно анти тела или тоа е само затоа што не сум се заразила досега од некого“, вели една жителка на Скопје што сакаше да остане анонимна.

„Ми кажа еден човек тука одете без пари е и затоа доаѓам. Не сум прележал, но вакцини примив три дози“, вели Спиро Костов.

Скриниг тестирање на анти- тела на Ковид-19 на улица Макеоднија во Скопје

Согласно најавите, тестирањето ќе се прави на примерок од 1.000 испитаници во Скопје. Микробилогот Никола Пановски вели дека подобро е скриниг да има, отколку да нема, иако ќе се добијат оптимални резултати.

„Немаме искуство во медицината дали 1000 се добро, но сепак нешто ќе кажат. Не се ни малку и мислам дека доста реални резултати ќе даде“, вели Пановски.

Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски изјави дека такво тестирање било направено пред година и се покажало дека околу 30 отсто од испитаниците биле серопозитивни, односно имале имунитет, кој се должел исклучиво на прележаната болест.

Видете и ова: Пандемијата не ги поколеба македонските крводарители

Министерот за здравство Беким Сали најави серолошка анализа на целата територија на државата.

„Оваа анализа ќе ни покаже реално колку сме имунизирани. Имаме евиденција колку сме вакцинирани, колку се со една, две, три вакцини, со какви вакцини. Но, знаејќи дека особено сојот омикрон поминува со полесна клиничка форма, голем број од нашето население не отишле за ПЦР-тест или сами го поминале омикронот во домашни услови. И сакаме да имаме јасна слика колку од нашето население го поминале ковидот и врз основа на овие резултати, ќе имаме една слика и мислам ќе излеземе пред јавноста да речеме дека според нашите бројки, евиденцијата која ја имаме, 41 процент се имунизирани со вакцина, но врз основа на истражувањето, можеби, сме 60 проценти имунизирани на природен начин“, изјави Сали.

Во меѓувреме, министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека нема информација кога ќе почне скринингот на учениците. Но, како што посочи, процесот е во тек и најверојатно ќе се реализира во следниот период.

„Немаме информација од Министерството за здравство, но тие соработуваат со Комисијата за заразни болести. Денеска има состанок, сигурно во наредниот период може да го организираат и скринингот. Нема никаква информација денеска кога почнува“, рече Шаќири.

Од Институтот за јавно здравје велат дека немаат информации кога би почнал скринингот во училиштата. Пановски вели дека таквиот скрининг нема никаква логика.

„Овој брз тест кој 50 отсто омикрон не го фаќа. Тој ден бил негативен не значи дека утредента или другите 10 дена од училиштето ќе биде позитивен така да тие беа за замајување на јавноста. Гледам дека делумно е прифатено тоа што јас мислев да се тестираат децата што ќе развијат симптоми, бидејќи нема многу тестови и да не трошат пари родителите. Тестовите да бидат во училиштата поделени и да има за децата кои имаат симптоми и евентуално децата кои што биле во околина не треба да ги тестираат, туку да седнат во изолација“, вели Пановски.

Видете и ова: Кој ќе ги лекува пациентите ако младите лекари заминуваат од земјава?

Во однос на одлуката на Комисијата за заразни болести траењето на сертификатот по прележан Ковид-19 наместо досегашните 45 дена да трае 180 дена сметано од датумот на позитивен ПЦР тест за Пановски е правилна, бидејќи секаде во светот толкав е рокот. Тој посочува дека не му е јасно зошто се чекало волку време за да се смени траењето на сертификатот.

„По 45 дена да инсистираш да се вакцинира човекот. Да му предложиш да се вакцинира што побрзо, но, не да се ограничува времето. Нека биде шест месеци како што е во цел свет“, додава тој.

Скрининг на учениците од основните и средни училишта беше спроведен во октомври минатата години. Скринингот го вршеа Центрите за јавно здравје во 496 средни и основни училишта на територија на цела држава. Министерството за здравство само ги објави првичните резултати од спроведениот скрининг, но не и конечните. Првичните резултати покажаа дека од тестирани 1.323 ученици само 6 биле позитивни на Ковид-19.

Во моментов во земјава има над 11 илјади активни случаи на Ковид-19. Досега се направени вкупно 1.846.264 тестирања. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 287.016, бројот на оздравени пациенти е 267.134, на починати е 8.747, а бројот на активни случаи изнесува 11.135.