Запалени депонии за зголемена тензија пред избори

Струмичката општинска сепонија „Шапкар“ во Добрашинци. Периодов граѓани постојано реагираат дека депонија во Добрaшинци е запаленa, а чадот ја загадува животната средина.

Во предизборието се очекува тензија со намерно палење на депонии, велат од Државниот инспекторат за животна средина од каде најавуваат засилен надзор и казни. Оттаму бараат и општините да ги засилат контролите врз општинските депонии.

Отпадот во земјава е сериозен проблем поради илјадниците локации со нелегално отстранет шут, пластика и други видови отпад, но загадуваат и општинските депонии кои често се запалени и чадат со денови. Периодов тоа се случува во Гевгелија и Струмица каде контроли правеше Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Директорката на институцијата Ана Петровска за Радио Слободна Европа вели дека општините треба да вложат поголем напор за контрола на депониите, кои често се запалени и се извор на големо загадување.

„Ние летово постојано ќе бидеме на терен кај овие депонии, од причина што во летниот период заради високите температури ќе се создаваат поголеми количини на метан и потоа се самозапалуваат. Сега и пред локалните избори очекувам овие депонии намерно да се палат за да се создава тензија и ние со тие инспектори што ги имаме ќе мора да бидеме многу често на терен и да ги санкционираме овие состојби“, вели Петровска.

Видете и ова: Балкански феномен - диви депонии и отпад

Неколку дена гори депонијата Шапкар кај Струмица, како и депонијата во Гевгелија која чади скоро цел месец. Петровска потврдува дека периодов гевгелиската депонија горела „страшно“, но посочува дека таму проблемот ќе биде решен „набрзо“ со отворање на нова санитарна депонија со средства од швајцарската агенција за развој. Петровска додава дека граѓани постојано реагираат и за струмичката депонија во Добрaшинци.

„Таму исто така настојуваме, наредуваме и ги убедуваме општините да си ја бркаат работата, да носат постојано земја, да прекриваат, да оградуваат, да има чувари и видео надзор. Тука треба вложување на општините и поголем напор од комуналните претпријатија да ги држат под контрола овие депонии“, вели Петровска.

Од општина Струмица не беа достапни за коментар за ситуацијата со општинската депонија. Службените лица не одговараат на неколку броеви наведени на интернет страницата на општината, слично како и во општина Гевгелија.

За ситуацијата во Гевгелија периодов реагираше опозициската ВМРО-ДПMНЕ - Општинскиот комитет Гевгелија, од каде велат дека граѓаните деновиве се гушат од чадот и штетните материи од депонијата. Оттаму велат дека локалната власт и градоначалникот Сашо Поцков „немаат капацитет“ за водење на општината.

„Зарем беше потребно да падне дожд за да го стиши огнот од кој се гушат гевгеличани подолг период? Зарем потребно беше две недели да дозволиме гевгеличани да не можат да ги отворат прозорците на своите домови. Беше потребно добро менаџирање на институциите, со што пожарот на старата депонија ќе беше неутрализиран веднаш“, изјави Трајче Арџанлиев – член на Советот на Општина Гевгелија.

Видете и ова: Граѓанска тужба за загадувањето од дивата депонија во Струга

Проблемот со отпадот во Македонија е долгогодишен. Отпадот во општинските депонии се третира несоодветно и е извор на загадување на почвите, водите и воздухот. Има и илјадници диви депонии, селски буништа и ѓубришта.

Решенијата земјата ги има наведено во повеќе документи и закони, но главно изостанува реализацијата на терен. Системското решение е предвидено преку отворање на осум регионални депонии, но досега не е изградена ниту една, бидејќи жителите стравуваат дека тие ќе бидат закана за животната средина во местата каде живеат.