Заедно, но, сепак една по друга. Најпрвин македонската делегација, потоа бугарската положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во Црквата св.Спас во Скопје по повод 150 годишнината од раѓањето на револуционерот. Македонската предводена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Бугарската од министерката за надворешна политика Теодора Генчовска, која не сакаше да даде изјава за медиумите. Настанот помина под силно полициско обезбедување и пристап само им се дозволи на новинарите.
Видете и ова: Заедничко одбележување на раѓањето на Гоце Делчев со Бугарија, зближување или нови несогласувања?Претходно во црквата цвеќе положи и претседателот Стево Пендаровски, кој беше пречекан и испратен со извици на негодување од група на симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот потоа се упати во музејот на македонската револуционерна борба каде имаше изложба во чест на Делчев. Пендаровски порача дека не знае дали формално постои одлука за заедничко чествување, бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на Историската комисија, но не гледа проблем и да не е така.
„Нема да пречи. Тие разговараат во Комисијата за Гоце Делчев околу година и пол, за заемно-прифатлива формулација. Досега немаат најдено заедничко-прифатлива формулација, меѓутоа не гледам проблем да се чествува во меѓувреме. Ниту политичарите ќе прејудицираат решение на историската комисија, ниту ова може да се третира како вид на притисок: ајде побрзо најдете заедничка солуција или формулација. Мислам дека е чин на добра волја од двете страни да ги олабавиме малку тензиите кои за жал во последнава година дена се прилично високи во таа билатерала од познати причини поради бугарската блокада и ова го гледам само во таа насока, а не како чин кој ќе ја вжешти атмосферата и ќе ни помогне да најдеме заедничка солуција“, рече Пендаровски.
За реакцијата на луѓето пред црквата Пендаровски рече дека е логична и нормална во една демократија и дека се платени да трпат и критики.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ,исто така, положи цвеќе пред гробот на Делечев и порача дека нема против тој да се слави и од бугарска страна, но само како Македонец.
„Ако се слави 150 годишнината од раѓањето на големиот Македонец и македонски син Ѓорѓи Делчев немам против.
На средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков при неговата посета на Скопје, според Мицкоски станало збор за вметнувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав. Според него, суштината е дека Бугарија ќе се обиде да ја злупотреби положбата што е членка на ЕУ за да ја натераат земјава да прифати дека од среден век до 1945 година има заедничка историја и сме биле еден народ, што како што рече Мицкоски е неприфатливо.
Мицкоски најави дека ВМРО-ДМНЕ во Собранието ќе поднесе декларација со цел да се зацврсти темелот за ликот и делото на Делечев. Тој порача и дека очекува сите политички партии во и надвор од Собранието да ја поддржат декларацијата. Пендаровски рече дека нема потреба од декларација, бидејќи доволна е декларацијата која сите партии ја поддржале во Парламентот.
„И кога зборувате во таа декларација за црвените линии во однос на она што ни е клучно, идентитетот, тоа го опфаќа и Гоце Делчев, додаде Пендаровски.
На група луѓе на кои не им беше дозволен пристап до црквата за време на чествување на Делечев од страна на македонската и бугарската делегација ја блокираа улицата Димитрие Чуповски кај рекорд во центарот на Скопје.
Бугарскиот премиер Кирил Петков на официјалната страница на Фејсбук на Владата на Бугарија објави текст по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
„Денеска ја славиме 150-годишнината од раѓањето на еден од најсветлите умови во нашата историја - бугарскиот револуционер Гоце Делчев. Тој е еден од симболите на борбата за слобода, идеолог на македонско-одринското револуционерно ослободително движење. Гоце Делчев е составен дел од нашата заедничка историја со луѓето од Северна Македонија. Тој е една од личностите кои ги прават горди и двата народа“, напиша Петков.
„Владата на Северна Македонија го поздравува учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата“, наведоа од Владата.
Премиерот Димитар Ковачевски кој е во посета на Брисел преку соопштение испрати порака со оддавање почит и слава кон делото на Делчев.
Оваа година се навршуваат 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, век и половина почит и слава кон животот и делото на великанот на македонското национално револуционерно дело.
„Гоце Делчев највисоко го издигна неговиот интернационален и космополитски поглед со мислата „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите“. Оваа негова порака до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти.Идеалите и заложбите на Делчев се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја“, се наведува во соопштението.
Инаку, ова не е првпат политичарите од двете земји да го чествуваат Делчев. Во 2017 година и во 2019 година поранешните премиери на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов положуваа цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Револуционерот долго време беше тема на разговори во заедничката мешовите комисија за историски и образовни прашања, а членовите не успеаа да усогласат заедничка препорака за него. Досега комисијата има препораки за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски.