Достапни линкови

Заедничко одбележување на раѓањето на Гоце Делчев со Бугарија, зближување или нови несогласувања?


Гробот на револуционерот Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје
Гробот на револуционерот Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје

На гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас денеска чествување на годишнината од неговото раѓање и на македонски и на бугарски делегации. Во Бугарија Делчев го чествуваат премиерот Петков и претседателот Радев.

Точно една недела откако бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека Скопје и Софија спремаат заедничко чествување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, денеска, на четврти февруари, дента кога е роден револуционерот, има повеќе различни активности во двете земји и една заедничка, на гробот на револуционерот во Скопје која предизвика реакции.

Бугарската делегација, предводена од министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, во 13 часот во црквата Свети Спас во Скопје, каде што се наоѓа гробот на револуционерот ќе ја предводи бугарската делегација што ќе положи цвеќе. Бугарските медиуми веќе објавија дека Скопје го откажало чествувањето со тврдења дека премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ нема да бидат домаќини оти се во Брисел.

Официјалната посета тројцата ја почнаа во четвртокот, а според најавите таа ќе трае два дена. Ковачевски денеска на социјалната мрежа Фејсбук наведе дека се одбележува век и половина почит и слава кон животот и делото на великанот на македонското национално револуционерно дело.

„Денеска, на 4 февруари на денот на раѓањето на Гоце Делчев се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност. Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици пред кои беше исправено прашањето за создавање на самостојна држава“, напиша премиерот Ковачевски.

Во Скопје годишнината од раѓањето на Делчев ја одбележи претседателот Стево Пендаровски со неколку активности меѓу кои и положување на цвеќе во Свети Спас.

Тој оцени дека заедничкото одбележување на овој ден на македонска и бугарска делегација, а без одлука донесена од заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања, не смета дека е притисок врз комисијата туку чин на добра волја на двете страни за намалување на тензиите поттикнати од бугарската блокада на македонските европски интеграции.

„Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на историската комисија, меѓутоа не гледам проблем и да не е така. Ние и пред да постои историската комисија имавме заеднички чествувања на одредени настани и личности и без да има одлука на историската комисија сме правеле и во Бугарија и во Македонија на различни паметници. Не гледам проблем во тоа некој од нашите соседи да искажува пиетет кон еден од камен темелниците на нашата државност“, рече Пендаровски.

И од македонската влада објавија низа активности за како што наведуваат државното чествување на годишнината од раѓањето на Дeлчев во кои се вклучени вицепремиерот Артан Груби и неколкумина министри. Во исто време, 13 часот, за кога се објавува дека делегацијата предводена од шефицата на бугарската дипломатија Генчовска ќе положи цвеќе на гробот на Делчев, од македонската влада најавија дека таму ќе биде и делегација на македонската влада составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и заменичката министерка за надворешни работи Фатмире Исаки и дека ќе положи венец заедно со делегации од Република Бугарија.

„Владата на Северна Македонија го поздравува учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата“, наведуваат од владата.

Инаку, ова не е првпат политичарите од двете земји да го чествуваат Делчев. Во 2017 година и во 2019 година поранешните премиери на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов положуваа цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.

Обвинувања дека Скопје го откажало чествувањето

Виктор Стојанов од фондацијата Македонија чија цел е, како што е наведено на нивната интернет страница, бугарското и македонското општество да станат едно, на својата страница на социјалната мрежа Фејсбук сега објавува дека и тие ќе бидат на гробот на Гоце во Скопје заедно со официјалната бугарска делегација.

“РС Македонија најскандалозно одбива да го почитува споменот на Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање. Во тој случај, прославата на Гоце Делчев утре на неговиот гроб во Скопје ќе биде чисто бугарска прослава“, објавија од фондацијата.

Стојанов, кој најавува дека со своите поддржувачи ќе биде во црквата Свети Спас е познат и за европските дипломати. Лани во март поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева му пиша писмо на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во кое излезе со тврдења дека Скопје заплашува и дискриминира Бугари. Како еден од примерите беше наведено дека Стојанов бил вратен од македонската граница со 920 бугарски книги од 19 век, донација за Културно информациониот центар на Бугарија во земјава. Македонската царина, пак, тврдеше дека не е проблем да се внесат книги во толкава количина, но она што било проблем е што тие иако биле декларирани како подарок за Културно информациониот центар на Бугарија во земјава, таквата изјава била потпишана само од испраќачот, но не и од примачот.

Инаку на 28 јануари бугарскиот премиер Петков во собраниското излагање за релациите меѓу Скопје и Софија рече дека двете земји спремаат заедничкo чествување на 150-годишнината од раѓањето на Делчев. Тој вчера во изјава за Бугарската национална телевизија најави дека денеска ќе положат цвеќе заедно со вршителот на должноста амбасадор на Северна Македонија во Бугарија, Владимир Крастевски, а потоа со претседателот Румен Радев во Благоевград ќе одадат почит на споменот на Гоце Делчев.

Ѓоргиев прашува која е целта на комисијата

Револуционерот долго време беше тема на разговори во заедничката мешовите комисија за историски и образовни прашања, а членовите не успеаа да усогласат заедничка препорака за него. Досега комисијата има препораки за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски.

Драги Ѓоргиев, копретседател на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања вели дека заедничкото политичко чествување на Делчев од страна на двете влади ја става комисијата во поглед на заедничките чествувања во една апсурдна ситуација, оти ако политичарите се договараат заеднички да чествуваат одредени личности или настани од историјата на Македонија и на Бугарија околу кои има некои точки на спојување тогаш се доведува во прашање целта на самата комисија.

Ѓоргиев кој веќе четири години во комисијата заедно со своите колеги од двете страни се обидуваат да дојдат до заедничка препорака за чествувањето на Делчев, во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела, објаснува кои се клучните разлики за револуционерот.

„Бугарската страна инсистира на тоа дека е важно да се посвети внимание на историскиот сегмент од ликот и делото на Гоце Делчев односно дека тој бил роден во бугарско егзархиско семејство, дека завршил бугарско основно школо, дека учел во бугарската егзархиска гимназија во Солун, дека потоа учел во бугарската воена академија, односно да се истакне неговиот бугарски образовен и духовен контекст, односно дека тој растел во еден таков контекст. И тоа не е спорно за нашата историографија, тоа никој од нашите историчари не го негира. Тоа се факти и ние не бегаме од нив. Нашиот пристап е дека треба да Гоце Делчев во нашата препорака која би отишла до владите да истакне зошто тој е важен за двете општества, која е симболиката, зошто тој се слави и во Бугарија и во Македонија односно современиот апсект..“, вели Ѓоргиев.

Претходно неговиот колега од Бугарија, копретседателот на комисијата Ангел Димитров рече дека инсистирал повторно да се отвори разговорот за Гоце Делчев и изрази жалење дека средбата на комисијата ќе биде по одбележување на раѓањето на Делчев.

„Кога се разговара за тоа како да се подготви текст до владите за заедничка прослава, колегите од Република Северна Македонија се движат од сегашноста во минатото - од нивната идеја за Гоце Делчев, без да зборуваат за Гоце Делчев во неговото историско време. Ова е пристап кој не е историски. Предлагаме прво да се оцени личноста во неговото историско време и оттаму да се разбере неговото значење за сегашноста“. порачува Димитров.

За бугарското МНР изјавите на Ѓоргиев се проблематични

Непосредно пред чествувањето се огласија министерствата за надворешни работи на двете земји. Идентично во двете соопштенија е дека се повикуваат на важноста на комисијата како дел од Договорот за пријателство од 2017 година, дека ја разбираат потребата на членовите да ги изразуваат своите погледи и ставови и дека ги повикуваат да се придружуваат до новата иницијатива најавена на заедничката седница на двете влади која се одржа минатиот месец во Софија. Но има и разлики.

Во соопштението од македонското МНР се наведува дека „нивните ставови не треба да се толкуваат како државни позиции, ниту, пак, како дел од политичките ставови на двете земји“ а во соопштението од бугарското МНР дека „ тоа не ги обврзува владите на двете земји да донесат одредени одлуки и не треба да се толкува како предлог на една од двете земји.
Уште една разлика е тоа што во соопштението на бугарската дипломатија реакцијата е по повод како што пишува изјавите на коопретседателот на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања на Република Северна Македонија, а во реакцијата од македонското министерство се наведува дека реагираат „по последните јавни настапи на претставниците на Заедничката Комисија за историски и образовни прашања“.

Додека двете влади одржуваа заедничка седница се сретнаа и копретседателите Димитров и Ѓоргиев, а бугарскиот премиер Петков рече и дека видел нов ентузијазам за работа во историската комисија. Инаку, новите премиери во двете земји Ковачевски и Петков најавија нов пристап во разговорите меѓу двете земји за деблокирање на македонските европски интеграции кои Бугарија ги блокираше во 2020 година поради нерешени билатерални прашања, тогаш најмногу поврзани со историјата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG