Заев - Вучиќ - Рама: Правиме Балкан за 21-от век, а не нова Југославија

Средба Заев - Вучиќ - Рама во Охрид

По втората средба Заев - Рама - Вучиќ за иницијативата наречена Мал шенген, овој пат во Охрид, балканските лидери негираа дека се работи за некаква нова Југославија, туку дека е ова акција за Балкан од 21-от век, Балкан од кој нема да бегаат младите.

Отворивме иницијатива или акциски план којшто создава навистина поразличен Балкан од тој што го знаеме. Балкан на 21-от век. Отворен е акциски план како да ги мотивираме младите да останат тука, како да ги примами странските инвеститори, поголемо внимание.

Ова го истакна македонскиот премиер Зоран Заев на заедничката прес-конференција по завршувањето на средбата со лидерите на Србија и Албанија, Александар Вучиќ и Еди Рама во Охрид, на која учествуваа и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ​.

Заев: Правиме подобро место за живеење

„Огромна чест е во Охрид да ги имаме лидерите на Западен Балкан. Балкан на 21 век. Како да ги мотивираме младите да останат тука, како да ги примами странските инвеститори, поголемо внимание. Отворена е иницијатива или акциски план којшто создава навистина поразличен Балкан од тој што го знаеме. Србија, Северна Македонија и Албанија имаат иницијатива со која ги канат останатите 6 земји да пристапат. Балканот се менува, кон подобро место за живеење и позначаен фактор на цел европски континент. Акцискиот план предвидува нон-стоп работење на граници, со лична карта движење низ регионот, брзи траки на камиони, со конечна цел голема мобилност на капиталот, стоките.“, рече Заев.

Видете и ова: Балканскиот „мини Шенген“, добра идеја со макси предизвици

Вучиќ: Горд сум на договорот

Српскиот претседател се осврна на критиките на дел од регионалните политичари и медиуми, тврдејќи дека оваа иницијатива, која беше наречена Мал Шенген, не е план за некаква нова Југославија, туку дека земјите од регионот го прават тоа што им го бараше ЕУ, но овој пат го прават сами.

“Кога ќе воведеме дежурства за инспекции на границите, побрзо движење на камионите, вкупната заштеда ќе биде 229 милиони евра. Да не ви зборувам колку е сега полесно за производителот на албански домати, својата стока со раст од 40 отстои да ја извезе во Србија. Да може да се разменуват инженери, работници. За помалку од една година ќе го видите растот. До крајот на оваа година Србија и Албанија ќе може да влегуваат и излегуваат со лична карта. Луѓето погрешно го наведуваа како „мини шенген“. Загрижен сум бидејќи тоа не е многу популарно во нашата земја. Направивме нешто што е голема работа, а многу луѓе не го разбираат тоа. Господинот Рама е под притисок. Мене во политичката кампања ме обвинија дека правам автопат за голема Албанија. Тие што ме обвинуваа 11 пати помалку гласови од мене. Горд сум на договорот што го направија Србија, Албанија и Северна Македонија. Тука нема Југославија, тука има само подобар живот за нашите граѓани“, рече Вучиќ.

Рама: Во Драч да дојде и Косово

Албанскиот премиер Еди Рама на денешната прес-конференција по заеднилкиот состанок на лидерите од Западен Балкан посочи дека сите земји од овој регион треба да бидат опфатени од оваа иницијатива.

„Нема апсолутно ништо ново освен слободно движење на луѓето на целиот Балкан. Ние се договоривме на 21 декември да биде следната средба во Драч и добивме одговор дека ќе биде и Џозеф Борел, што ја наследува Могерини. Во Драч посакувам и Црна Гора и БиХ да присуствуваат. Исто така и Косово, да се вклучи во овој процес. Но, дозволете ми да го избегнам „слонот“ кој што е присутен тука со Косово. Тоа што соработува со Србија и Бих, не значи дека е сменето мислењето за Косово. Би сакале да се вклучат Косово, за да не се чека на границите. Да има слобода на движење на стока, услуги и луѓе низ регионот. Не ми одговара мини шенген. За овие метро деведесет никогаш не сум се чувствувал мал. Регионот губи милијарди евра заради вакви барикади. Не можам да бидам мини Југословен и голем Албанец“, рече Рама.

ПРОТИВ и ЗА планот на Вучиќ

Иницијативата за т.н. Мал шенген наиде на поддршка од некои од големите западни сили, како САД, но и на регионални критики, особено кај дел од бизнисмените, но и од неколкумина политичари.

Од Сојузот на стопански комори на Македонија, по првиот состанок за Заев, Вучиќ и Рама, рекоа дека не се за вакви потези, иако првите луѓе на македонската влада, премиерот Зоран Заев и неговиот заменик, Кочо Анѓушев, јасно дадоа поддршка уште на самиот почеток. Но, нагласија дека сето ова не е алтернатива на ЕУ кон која се стреми и Македонија и целиот Западен балкан.

„Мал Шенген? Не, благодариме“, порачаа од македонскиот Сојуз на стопански комори.

Синоќа се огласи и косовскиот претседател Хашим Тачи, кој ја одби поканата за Охрид со образложение дека Косово не сака вакви замени за ЕУ.

Пред десетина дена, поддршка за овој акциски план даде Метју Палмер, специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, а денеска српскиот претседател Вучиќ најави дека на претстојната негова средба со францускиот претседател Емануел Макрон, очекува да добие поддршка за Малиот Шенген.