Задолженоста експлодира во ковид-кризата

За неполни четири години СДСМ го зголеми јавниот долг за 1,7 милијарди евра, од кои една милијарда е направен само во време на ковид-кризата. Власта тврди дека задолжувањето се зголемува, во најголем дел за справување со последиците од ковид-кризата, и за капитални инвестиции. Опозицијата обвинува дека СДСМ ја банкротира државата

За 1,7 милијарди евра е зголемен јавниот долг од доаѓањето на СДСМ на власт во 2017, до крај на 2020, од кои една милијарда е направен само за девет месеци во време на ковид-кризата. Годинава задолженоста ќе се зголеми уште за 570 милиони евра.

Според буџетот, државата годинава планира да се задолжи за скоро 1,3 милијарди евра, од кои ќе врати стари долгови од над 700 милиони евра, а останатите 570 милиони евра се за тековни трошења. Планирано е да се задолжи за околу 900 милиони евра на странските пазари и 400 милиони евра дома.

Во оваа насока е и последната еврообврзница од 700 милиони евра, што ја издаде државата. Со тие пари ќе се врати еврообврзницата од 500 милиони евра издадена во 2014 година, а останатите 200 милиони евра се за други трошоци на државата.

Видете и ова: Буџет 2021 - економијата уште две години ќе се опоравува од ковид

Во 2017 година, кога СДСМ ја презема власта, јавниот долг на државата изнесува 4,7 милијарди евра, односно 47, 7 отсто од БДП-то, а заклучно со крајот на 2020 јавниот долг изнесува 6,5 милијарди евра, односно 59,5 отсто од БДП-то. Според владините проекции, јавниот долг годинава ќе достигне 63,4 проценти од БДП, а потоа да почне да се намалува и да падне под 59 отсто во 2025 година.

Јавниот долг го сочинуваат парите што ги должи државата, јавните претпријатија, општините, претпријатијата во државна сопственост, Народната банка. Земјите кои имаат јавен долг до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, според критериумите на Светска банка. Кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата висока задолжена.

Задолжувањето му смета само на тој што е во опозиција

Власта тврди дека задолжувањето се зголемува, во најголем дел за справување со последиците од ковид-кризата, и за капитални инвестиции. Опозицијата обвинува дека СДСМ ја банкротира државата, слично како што СДСМ ја обвинуваше тогашната власт додека беше во опозиција.

Според податоците на Министерството за финансии, дел од капиталните проекти со чија имплементација расте јавниот долг во периодот 2017-2019 се изградбата на патот Кичево-Охрид (120 милиони евра), потоа автопатот Миладиновци -Штип (76 милиони евра), следува гасоводот со 55 милиони евра, 48 милиони за Коридор 10, 44 милиони евра за проект за мали и среди претпријатија, потоа 35 милиони евра за проект за патишта, по 20 милиони евра за проекти за општински услуги и проект за надградба и развој на патишта и нешто помалку од тоа за пругата Куманово – Бељаковце, изградба на фискултурни сали, проекти за иновации...

Втора еврообврзница за неполна година

Откако е СДСМ на власт само по основ на трите еврообврзници државата се задолжила за 1,9 милијарди евра, дел од тие пари се користат за враќање на доспеани долгови.

Во јануари 2018 тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски издаде еврообврзница од 500 милиони евра, која треба да се врати во рок во седум години или во 2025, со каматната стапка од 2,75 отсто, за која тогаш Тевдовски рече дека е историски најниска. Парите од ова задолжување беа наменети за враќање на претходни долгови, за покривање на буџетскиот дефицит и за предвремен откуп на обврзницата од 2015 година. Во мај 2020 власта, во ек на корона-кризата власта ја издаде седмата по ред еврообврзница, втора по ред откако е СДСМ на власт. Државата се задолжи за 700 милиони евра со камата од 3,675 отсто. Парите од тоа задолжување беа искористени за санирање на последиците од кризата. Седум месеци подоцна власта се задолжи за уште 700 милиони евра, овојпат со каматна стапка од 1,625 отсто.

Податоци за еврообврзници

Според Министерството за финансии ниската каматна стапка се должи на тоа што инвеститорите имаат доверба во политиките на земјата. Од тие пари 500 милиони евра се за подмирување стари долгови, а 200 милиони за покривање на буџетски дефицит.

„Она што е особено охрабрувачки од аспект на меѓународниот пазар на капитал е дека за само 9 месеци има значително подобрување на перспективите на нашата економија и нејзиниот потенцијал кај меѓународните инвеститори. Така, каматната стапка на седмата еврообврзница, која беше издадена на почетокот на корона-кризата во јуни 2020 година, изнесуваше 3,625 проценти. Сега каматната стапка е 1,625 проценти, или за 2,05 процентни поени помалку“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на задолжувањата и обвинуваат дека власта само „крпи дупки“.

„Заев издаде еврообврзница од 700 милиони евра, за која треба да плати камати од 80 милиони, и на домашниот пазар се задолжи за 70 милиони, вкупно 850 милиони. Заев со ова задолжување се спасува од банкротот кој беше неминовен како резултат на лошите политики и неадекватното менаџирање на кризата. Ова задолжување е само за крпење на дупки, и доколку нема промена на политиките, наскоро ќе ни треба ново задолжување. Државата ќе тоне, пари нема, а каматите ќе стануваат се поголеми“, реагираат преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ издаде пет еврообврзници

ВМРО-ДПМНЕ издаде пет еврообврзници во периодот од 2005 до 2016 во висина од 1,545 милијарди евра, со каматна стапка од 3,97 до 9,87 отсто.

Видете и ова: Владата повторно кружи околу прогресивниот данок

Првата еврообврзница државата ја издаде во 2005 во износ од 150 милиони евра, со камата од 4,62 отсто и рок на исплата од 10 години. Следната обврзница е со највисока камата од 9,87 отсто. Таа еврообврница е издадена во 2009 во износ од 175 милиони евра и рок на враќање од 5 години. Третата еврообврзница во висина од 500 милиони евра која се враќа со парите од последната е издадена во 2014 со рок на исплата од седум години, и каматна стапка од 3,97 отсто. Следната година државата повторно се задолжува со нови 275 милиони евра, но со повисока камата од 4,87 отсто. Рокот на отплата е пет години. И во 2016 е издадена уште една еврообврзница во висина од 450 милиони евра, со рок на отплата од седум години и каматана стапка од 5,62 отсто.

Кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 јавниот долг изнесуваше 1.8 милијарди евра, односно 33 отсто од БДП. Во првите две години од владеењето долгот се намалуваше и во 2008 беше 23 отсто од БДП-то, за потоа да почне да се зголемува, особено по 2011, а пред да си заминат од власт во 2017 јавниот долг изнесуваше над 4,7 милијарди евра, односно 47,7 отсто од БДП-то.

СДСМ тогаш како опозицијата жестоко ја критикуваше брзината со која владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го зголемуваше долгот. Ако продолжиме вака, ќе влеземе во грчкото сценарио за неможност да се вратат долговите, обвинуваше тогаш СДСМ. Во 2016 кога јавниот долг ја надмина границата од 50 отсто од БДП и кога експертите предупредуваа дека задолженоста е на опасна граница, СДСМ најави ревизија на сите задолжувања, обвинувајќи дека тогашната владината политика ги става и сегашните и идните генерации во должничко ропство.