Достапни линкови

Владата повторно кружи околу прогресивниот данок


Илустрација
Илустрација

Владата долго време го ветуваше и од почетокот на 2019 година го укина рамниот данок и воведе прогресивен данок на доход. По една година соопшти дека тој не ги дал посакуваните резултати и го стави во мирување. Сега, повторно најавува дебата за прогресивен данок.

Како целосно немање политичка стратегија на владата ги оценува поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев најавите на министерот за финансии Фатмир Бесими за повторно отворање јавна дебата за прогресивниот данок.

Воведувањето прогресивно оданочување беше предизборно ветување на СДСМ за справување со растечката нееднаквост во земјата. По јавната дебата, владата во 2019 година воведе прогресивен данок на доход со две стапки – 10 отсто за месечни приходи под 1500 евра и 18 отсто за приходи повисоки од таа граница и со тоа го заменија рамниот данок од 10 отсто воведен од владата на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски во 2007 година. По една година, владата оцени дека прогресивниот данок не ги дал посакуваните резултати и го стави во мирување од 36 месеци, односно до почетокот на 2023 година.

Гошев вели дека тоа покажува дека владата нема никаква политичка стратегија, не само долгорочна, туку ни на краток рок и оти одлуките ги носи водена од дневната политика.

„Ако владата утврдила дека има неиздржлива нееднаквост меѓу населението која треба да се намалува, тогаш што има да дебатира. Со кого ќе дебатираат – со 90 отсто од луѓето кои ја чувствуваат нееднаквоста или со 10 отсто од клиентите кои и онака се противат на скалестиот данок. Еднаш веќе отворија јавна дебата, дебатираа, и донесоа прогресивен данок. Со што оваа нова јавна дебата ќе се разликува од претходната“, прашува Гошев.

Од друга страна, професор Зоран Ивановски вели дека претходниот пат не била добро утврдена границата над која ќе важи повисока стапка на оданочување, затоа што ја смета за казнување на успешните кои не избегале од државата.

„Мислам дека има простор да се размисли, меѓутоа, добро би било внимателно да се проектираат стапките, ако веќе се реши да се воведува прогресивниот данок, на кого тој ќе се однесува. Јас би поддржал плаќање на оние кои се топ-менаџери и имаат навистина високи примања и во такви услови е и оправдано, но дефинитивно не да се направи како минатиот пат, затоа што тоа беше и признаено како грешка“, вели Ивановски.

Бесими минатата недела во Брисел за МИА потврдил дека „владата прифатила да се отвори дебата за реформа на даночниот систем, вклучително и за прогресивниот данок“.

„Донесовме стратегија за даночни реформи и се отвора и оваа дебата. Работиме сега на акциски план и во наредните недели ќе имаме средба со релевантните чинители во општеството за тоа во која насока ќе биде најоптимален даночен систем. Ние намерно не наметнуваме став за данокот, тој треба да има повеќе цели. Подобрување на ефикасноста на даночниот систем, подобрување на услугите, праведност во однос на даноците, дигитализацијата и зелените даноци се приоритети што ќе значат сериозна реформа на даночниот систем на долг рок, што ќе заличи на оној во развиените земји во ЕУ“, изјави Бесими.

Скалестиот данок беше укинат неколку месеци по смената на поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски, кој ги туркаше измените.

Кога неговата наследничка Нина Ангеловска најави враќање на рамниот данок, Тевдовски на Фејсбук ги повика неговите сопартијци од СДСМ во парламентот да гласаат против.

„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ. Посебно од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ“, напиша тогаш Тевдовски на Фејсбук.

Бизнисмените, стопанските комори, како и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противеа на воведување прогресивно оданочување. Тие сметаат дека тоа е казнување на оние кои се поуспешни и стимулира даночна евазија и ќе ја зголеми сивата економија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG