Реформата за користење на дигиталните учебници во четврто одделение отвори многу прашања. Од тоа дали училиштата и родителите се подготвени за овие промени, а следствено на тоа дали е во ред забраната за издавање на печатени учебници и нивни фотокопии, доколку не се обезбедени потребните услови. Министерството за образование и наука веќе ги „лови“ продавачите на учебници за четврто одделение и покрај тоа што реформата е на самиот почеток.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Државата, локалната самоуправа и на крај училиштата најпрвин мора да обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на наставата со дигитални учебници, вели претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Ако нема услови, како ќе учат децата, кога е забрането користење на печатени и фотокопирани учебници, бидејќи тоа е кривично дело, додава тој.
Видете и ова: Учениците на Инстаграм и ТикТок, наставниците и родителите на Фејсбук„Државата треба да обезбеди услови и да не врши притисок ваков врз родителите кои што како и сите родители сакаат нивните деца максимално да се стекнат со соодветни знаења кои што се предвидени за нивната возраст. Од таа причина мислам дека навистина малку треба да се спушти топката во овој однос и попрагматично да се реши овој проблем“, вели тој.
Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера изјави дека МОН е информирано дека во некои книжарници се продаваат учебници за четврто одделение, при што МВР постапува по случаите, каде што се прекршени материјалните права на авторите и на издавачите на учебници. Царовска рече дека просветните инспектори се постојано на терен за да контролираат дали се користат фотокопирани учебници за четвртоодделенците. Таа апелираше да се користат дигиталните верзии.
„Секој родител кој се обидува на ученикот да му наметне печатен учебник прави штета, не му прави добро, затоа што користење дигитални учебници е свесно поставено така за да добиеме и подобра дигитална писменост, но и да им посочиме на учениците дека користењето електронски уреди не се само за играње, туку се и места за учење и примање знаење“, истакна Царовска.
Гоце Бумбароски, одделенски наставник во основното училиште „Кочо Рацин“ во Прилеп вели дека училиштата сега се во трка да обезбедат услови, а наставата тече.
„Само наставниците кои предаваат во четврто одделение знаат како поминуваат, а и родителите на учениците кои што учат во четврто одделение. До мене искрено стигнуваат многу поплаки и од колеги и од родители кои се избезумени и не знаат како да се однесуваат во овој дел“, вели Бумбароски.
Неделков додава дека во изминатите години многу често се прават експерименти во образованието и иако тоа е со најдобра намера со цел да се доближиме до западноевропските земји, со брзање се прават катастрофални грешки кои не враќаат децении назад.
„Од таа причина сме многу внимателни и секогаш бараме секоја реформа прво да оди со пилот проект неколку години, да се дијагностицираат добрите, лошите страни на проектот. Начин на реализација, каде е возможно каде не е и после одреден временски период навистина многу сериозно да се пристапи. Вака сега имаме административно носење на одлука дека ќе се работи на ваков начин со дигитализација, а практично не сме спремни. Едно е во училиште дали учениците се спремни, меѓутоа за нивно образување треба да се вложи напор и во домашни услови. Прашање сега е дали сите ученици на национално ниво имаат подеднакво исти домашни услови да учат на дигитален начин“, вели Неделков.
Според Бумбароски, реформата е премногу храбра.
„Доколку најпрво во оваа учебна година се спроведеше како пилот проект, како што многу пати досега министерството преку Бирото за развој на образование правело реформи тогаш ќе се увидеа грешките и можеби понатаму ќе беше поинаку. Сметајте дека има многу ученици кои што ниту имаат учебници, ниту пак ги имаат долго ветуваните таблети кои што требаше да ги добијат“, додава тој.
Царовска порача и дека користењето на дигиталните учебници е од највисок интерес на учениците и процесот на нивно дигитално описменување и за следење на наставни содржини проследени со мултимедија и квизови кои ги нема во печатената верзија.