За СДСМ компромисни, за ВМРО-ДПМНЕ контроверзни амандманите за Бугарија во ЕП

Бугарскиот и македонскиот премиер Кирил Петков и Димитар Ковачевски на средба на 18 јануари, годинава во Скопје

За СДСМ во резолуцијата има неколку амандмани кои може да се толкуваат како компромисни но тие не ја менуваат суштината дека се бара почеток на преговори без билатерални обременувања на процесот. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека резолуцијата има контроверзни, асиметрични амандмани во полза на Бугарија.

За СДСМ усвојувањето на резолуцијата за Извештајот на Eвропската комисија за Северна Македонија за 2021 во Европскиот парламент е добра вест, иако од владејачката партија признаваат дека во неа има компромисни амандмани. Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека резолуцијата е во полза на Бугарија.

Резолуцијата на известувачот за земјава бугарскиот европратеник Илхан Ќучук беше усвоена со 508 гласа „за“ и 56 „против“. Во документот се поздравува реформскиот напредок и се инсистира на имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија. Но, во резолуцијата се вклучени и некои од контроверзните амандмани, како оние за „историско помирување и заедничка историја“ со Бугарија и оценка дека нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу земјава и Бугарија од 2017, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021.

Видете и ова: Уште едно одлагање на преговорите носи криза со ЕУ и внатрешни проблеми

Од СДСМ за РСЕ велат дека резолуцијата упатува јасна и недвосмилсена позитивна порака за започнување на преговорите за пристапување во ЕУ. Според владејачката партија, ЕП го препознал и го потврдил реформскиот напредок на земјава и нејзината подготвеност веднаш да започнат преговорите со ЕУ.

„Позитивната Резолуција има неколку амандмани кои може да се толкуваат како компромисни но тие не ја менуваат суштината дека се бара почеток на преговори без билатерални обременувања на процесот. Во оваа насока за поздравување е повикот на Европскиот парламент за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес“, велат од СДСМ за РСЕ.

Оттаму додаваат дека резолуцијата добила поддршка од огромен број на членови на ЕП и секоја резолуција, која поддржува почеток на преговорите како што посочуваат од СДСМ, е добра вест за Северна Македонија и затоа вреди и треба да се поздрави.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека во резолуцијата има контроверзни, асиметрични амандмани во полза на Бугарија, кои во еден дел се резултат, како што велат од опозициската партија и на слабата дипломатска активност на Министерството за надворешни работи.

„ ЕП е едно од нај"либералните" тела на Европа оние каде што до сега резолуциите во однос на Македонија биле чисти и врз она што е напредок. И документите за Македонија 25 години биле "чисти". Не дека и до сега немало напори за амандмани и други контроверзни делови да бидат вклучени во резолуции, на пример од Грција, во време пред Преспанскиот договор, но со силна дипломатска активност и посветеност биле спречувани“, велат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека за прв пат се случува вакви амандмани да бидат дел од резолуција на ЕП за Македонија и ова за партијата е личен неуспех и вина на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.

„Поздравите од МНР за ваков документ е затскривање на таа слаба дипломатска активност на МНР со Османи. Резолуцијата не е одлучувачка, но е чекор којшто може да биде употребен понатаму од бугарската дипломатија и да се повикуваат на неа како факт, документ, во следните чекори при одлучување на КОРЕПЕР и на крај при носењето на одлуки во ЕК“, велат од партијата за РСЕ.

МНР претходно соопшти дека го поздравува усвојувањето на резолуцијата, посочувајќи дека како и досега, европратениците упатиле јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и итно започнување на преговорите за членство на земјава во ЕУ. Според МНР, особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмира стратешката важност на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан и нивната иднина како дел од Европското семејство.

Институтот за демократија-ИДСЦ во отворено писмо пред гласањето за резолуцијата предупреди на неколку спорни точки. Во писмото беше наведено дека со ставот 75 се одобрува бугарското вето. Во него се наведени билатералните прашања како услов во процесот на пристапување.

Понатаму, според нив, во него се објаснува дека со амандманот кој повикува „на историско помирување врз основа на дефинираната заедничка историја, како што е предвидено со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, ќе го поддржи бугарскиот притисок да наметне сопствено толкување на историјата користејќи ја својата позиција како земја-членка на ЕУ.

Видете и ова: Засега нема прифатлив документ за Скопје и Софија, со Белград односите на високо ниво

Дополнително, како што наведоа, текстот во став 79 имплицира притисок врз Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која треба самостојно и професионално да ја извршува својата задача. При тоа, Бугарија одбива вклучување на каква било форма на меѓународна експертиза во дискусијата за прашања кои се однесуваат и на европската историја, вклучувајќи го и Холокаустот.

Од ЕПИ предупредија дека одобрувањето на резолуцијата ќе значи европратениците дека го поддржале ултиматумот што Бугарија ѝ го наметна на Северна Македонија, користејќи го како алатка членството во ЕУ. Европскиот парламент, како што наведоа оттаму, би ја поддржал билатерализацијата на процесот на пристапување и всушност би дал согласност за еднострано поставените услови од Бугарија, кои немаат никаква врска со критериумите за пристапување, спротивно на Стратегијата за проширување.

Почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ е блокиран од страна на Бугарија, која стави вето поради прашања поврзани со историјата и јазикот на земјава. Во последно време се погласни се повиците од источниот сосед за ставање на Бугарите во македонскиот Устав како услов за решавање на спорот.