На некогаш познатата јоргаџиска улица во Старата скопска чаршија денеска има само два дуќани во кои се изработуваат јоргани. Четириесет и девет годишниот Нусрет Агуши е еден од двајцата мајстори кои почесто поправаат стари јоргани, отколку што изработуваат нови.
Од чирак до мајстор, Агуши вели дека овој занает го работи од мерак, но дека за разлика од порано кога тој му носел и добра заработувачка, денеска станува се потешко да се заработи месечната плата. Токму затоа се сомнева дека ќе има кому да го пренесе занаетот што го работи петнаесет години.
„Тоа што сум го учел сакам да го пренесам, да го покажам дека сум го учел од постарите. Кај ќе тераме, како ќе оди времето, ќе видиме, според кризата, како што е најавено, многу е ослабнато. Ние повеќе работиме преработка на стари јоргани, со памук, со волна...Еве до мене тука имам еден таков јорган што ќе се преправа, фактички што е веќе користен, па истиот сакаат да го обноват“, вели Агуши.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Неколку улици подолу се наоѓа работилницата и дуќанот за шапки на Илчо Трајковски. Шапки изработувал неговиот прадедо, дедо и татко, но се сомнева дека неговите двајца синови ќе го продолжат занаетот кога тој ќе престане да ги изработува.
„Мојот родител вака ми има кажано: Синко, занаетот никогаш нема да те остави гладен, ама не може да те направи многу богат. И јас тоа сум го ставил (во мојот компјутер), во мојот мозок и до денеска така работам“, вели Трајковски.
Со цел да им помогне на старите занаети да не изумрат, Град Скопје објави јавен повик за субвенционирање на стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање во главниот град. Педесет занаетчии ќе добијат субвенција од 10 000 денари. Јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, саатчија, самарџија се само дел од занаетите кои имаат право да се пријават на огласот. Тие согласно обработените податоци бележат намалување на активноста во континуитет.
Видете и ова: Мајсторите го пакуваат алатот, ќе нема ни чешма кој да ни поправиТрајковски ќе аплицира за финансиска помош од Градот, но не очекува дека ќе ја добие, оти како што вели, парите секогаш ги добиваат оние кои се блиски до партијата на власт.
„Нема врска, какви субвенции. Еве јас никогаш не ми доделиле, а се водам како изумрен занает. Уште јас од младата генерација сум во цела Македонија. Во една држава да имаш само уште еден шапкар, тоа е срамота. Од 1990 година до денеска никој не ми дал ништо. Се делат по партиска линија, се знае“, вели Трајковски.
Занаетчиите велат дека 10 000 денари не се доволно за покривање на месечните режиски трошоци и затоа бараат поголема поддршка од надлежните.
„Државата треба да им посвети повеќе внимание на занаетчиите, да се помогнат. Бидејќи не можат сами. Ако продолжи така како што се најавува ќе биде многу тешко, нема да можеме да опстанеме“, вели Агуши.
Од Занаетчиската комора на Македонија пак признаваат дека субвенциите се минимални, но велат дека тоа е само почеток. Оттаму додаваат дека секоја следна година ќе бараат зголемување на висината на субвенциите за да им се помогне на занаетчиите „да се одржат во живот“.
Дека старите занаети изумираат потврдува и првиот човек на комората, Агрон Фазлији. Во регистарот на занаетчии евидентиран е на пример, само еден самарџија, но и тој повеќе не работи, вели Фазлиу.
„Тоа веќе е стар занает и мислам дека никој нема да има интерес освен за некоја иновација во тие стари занаети. На пример, ако работи самар тоа да го работи во многу помала форма, облик и да биде еден вид сувенир на тоа населено место за да може да просперира тој занает“, вели Фазлији.
Инаку исплатата на одобрените средства од Градот ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања по принципот “Прв дојден прв услужен”, врз основа на решение за усвојување од градоначалникот на Град Скопје.
Пандемиските две години беа тешки за занаетчиите. Владата ги вклучи во пакетот економски мерки, откако Комората предупреди дека без помош од државата, поради намалената побарувачка на услугите, се доведува во прашање опстојувањето на бизнисите и работните места на 5 800 занаетчии и 3300 други вработени во оваа дејност.