Најмалку шест лица загина во серијата руски ракетни напади врз воена инфраструктура во градот Лвив во западна Украина. Градот досега беше поштеден од жестоки борби за време на речиси двомесечната војна.
Регионалниот гувернер Максим Козицки изјави дека шест лица загинале, а уште осум, меѓу кои и едно дете, биле ранети во четири руски ракетни напади.
Тој рече дека три проектили погодиле објекти од воената инфраструктура, а еден погодил продавница за гуми. Гувернерот вели дека воената инфраструктурата е „сериозно оштетена“, а спасувачките тимови ги гаснат пожарите предизвикани од нападите.
Градоначалникот на Лвив, Андриј Садовиј изјави дека билансот од нападите е шест загинати и 11 ранети, меѓу кои и едно дете.
Лвив и остатокот од западна Украина досега беа поштедени од поголеми борби, отколку другите делови на земјата.
Експлозии ширум Украина
Повеќе експлозии беа пријавени и во главниот град Киев и во регионот на Дњепропетровск рано на 18 април. Украинскиот медиум „Суспилне“ објави дека две лица биле ранети во нападите во Дњепропетровск.
Русија соопшти дека во текот на ноќта нејзините сили гранатирале повеќе од 100 цели каде што била концентрирана украинска воена опрема и војници.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков на 18 април изјави дека руската армија уништила осум украински тенкови и други оклопни возила, соборила три борбени авиони и уништила четири воени оружарници. Тврдењето на Конашенков не можеше да биде независно потврдено.
Воените експерти велат дека Русија ги зголемува своите напади врз фабриките за оружје, железницата и други инфраструктурни цели низ Украина за да ја намали способноста на Киев да се спротивстави на големата копнена офанзива во источниот регион Донбас.
Втор ден по ред запрена евакуацијата на цивили
Втор ден по ред како се запира евакуацијата на цивилите од Мариупол и другите градови на истокот, бидејќи руските сили продолжуваат да ги блокираат и гранатираат патиштата за бегство, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук на 18 април.
„За жал, денес, 18 април, нема да има хуманитарни коридори“, рече таа, обвинувајќи ја Русија за кршење на „меѓународното хуманитарно право“.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вчера во изјава за Си-Би-Ес рече дека Мариупол всушност повеќе не постои поради масовното уништување со немилосрдното бомбардирање.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Киев проценува дека најмалку 21 илјада луѓе биле убиени во Мариупол во воздушни напади и улични борби.
Во градот пред војната живееле околу 450 илјади луѓе, а сега се проценува дека останале околу 100 илјади, кои е заробени без храна, вода, греење и струја, велат украинските власти.
Но, пред планираната офанзива на Москва, континуираната опсада на Мариупол во југоисточниот дел на Украина ги задржува руските сили и го забавува нивното напредување на други места, соопшти британското Министерство за одбрана.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Здружениот украински отпор сериозно ги тестираше руските сили и ги пренасочи луѓето и материјалот, забавувајќи го напредокот на Русија на друго место“, соопшти на 18 април Министерството за одбрана на својот редовен неделен брифинг.
Британското министерство соопшти дека руските команданти ќе бидат загрижени за времето што е потребно за да се покори градот каде што сè уште има последни „џебови“ на отпор и покрај интензивните руски напади.
Градот е уништен од неколкунеделната руска опсада, која предизвика значителни цивилни жртви и го претвори градот во урнатини.
Министерството ја обвини Русија дека во Мариупол користи слични тактики како што користеше во Чеченија и Сирија, односно дека користи тактики на сеопфатна војна во цивилните области. Москва на почетокот на нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина која започна на 24 февруари рече дека нема да напаѓа градови, ниту да му се заканува на украинското населене.
Киев, исто така, ги обвини руските сили дека целат на инфраструктурата за евакуација, вклучително и автобуси и железничката станица во Краматорск, каде што беа пријавени повеќе од 50 убиени лица во руските напади.
Украина вети дека ќе се бори и ќе го брани Мариупол, пркосејќи му на рускиот ултиматум издаден на 17 април со кој ги повика преостанатите украински војници во опкружената фабрика за челик Азовстал да го положат оружјето и да се предадат.