Достапни линкови

Русија најави дека ќе ги засили нападите врз Киев


Украински војник собира неексплодирани касетни бомби во околината на Киев на 10 април 2022
Украински војник собира неексплодирани касетни бомби во околината на Киев на 10 април 2022

Москва ја обвини Украина дека напаѓа цели на руска територија и најави дека ќе ги засили нападите врз Киев. Украина негира и обвинува дека Русија се обидува да создаде „антиукраинска хистерија“ пред домашната јавност. До ова доаѓа еден ден по потонување на крстосувачот Москва, главен брод на руската Црноморска флота.

Руското Министерство за одбрана денеска предупреди дека ќе ги засили нападите врз Киев, откако ја обвини Украина за напади врз руските погранични градови.

Изјавата доаѓа еден ден откако Русија претрпе симболичен пораз со загубата на бродот Москва, предводник на Црноморската флота, а украинскиот претседател Володимир Зеленски ги пофали своите граѓани за нивната одлучност по руската инвазија која започна на 24 февруари и за тоа што ја донеле „најважната одлука во нивниот живот – да се борат“.

Во видеообраќање доцна синоќа, Зеленски рече дека Украинците треба да се гордеат што преживеаја 50 дена руски напади, кога напаѓачите „ни дадоа највеќе пет“.

Зеленски ги истакна „оние кои покажаа дека руски воени бродови може да отпловат, дури и ако е до дното“ на морето. Тој алудираше на рускиот крстосувач Москва, кој потона во Црното Море, откако беше оштетен во неразјаснети околности.

Украински трупи ги блокираа руските сили во близина на Доњецк
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:13 0:00

Руското Министерство за одбрана соопшти дека бродот потонал во невреме, додека бил влечен кон пристаниште, откако бил тешко оштетен во пожар. Украински претставници соопштија дека бродот бил погоден од украинска противбродска ракета Нептун.

САД соопштија дека немаат доволно информации за да утврдат дали бродот навистина бил погоден со проектил.

„Секако, развојот на настаните е голем удар за Русија“, рече американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан.

Загубата на бродот доаѓа додека руската морнарица продолжува со бомбардирањето на украинските градови на Црното Море.

Локалните медиуми објавија дека силни експлозии денеска одекнале во Киев, додека беснеат борби на истокот на земјата.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили погодиле „воена фабрика“ во околината на Киев доцна синоќа со ракети со долг дострел Килибар, истрелани од море.

Украинските власти соопштија дека експлозиите се слушнале во областа Василкив во околината на главниот град.

Руското Министерство исто така соопшти дека со противвоздушен систем С-400 бил урнат украински воен хеликоптер Ми-8 кој изведувал „напад врз цивили во месноста Климово во регионот Бријанск на 14 април“. Бријанск е град во Русија во близина на границите со Украина и Белорусија.

Екипи во потрага по тела на загинати во Бородјанка
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:59 0:00

Советот за национална безбедност и одбрана на Украина вчера ги отфрли руските обвинувања, нарекувајќи ги „обид за разгорување антиукраинска хистерија во Русија“.

Денеска биле забележани експлозии и во јужниот град Херсон, во Харкив во источна Украина, како и во западниот град Ивано-Франкивск.

Украинските власти очекуваат непосредна голема офанзива од руските сили во источниот дел на земјата.

Руските сили во моментов ги фокусираат нападите во источна Украина и се обидуваат да ги заземат градовите Попасна и Рубижне во регионот Луганск, се вели во денешната проценка на украинската војска. Сепак, според извештајот на украинскиот генералштаб, тие не успеале.

Во меѓувреме, украинските власти соопштија дека 503 цивили биле убиени во регионот Харкив од почетокот на руската инвазија на 24 февруари. Регионалниот гувернер Олех Синехубов на Телеграм објави дека меѓу нив има и 24 деца.

Градот, кој е во близина на границата со Русија и е дел од источниот фронт од почетокот на војната, претрпе големи уништувања.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG