Додека локалното српско население на северот на Косово во последните две недели секојдневно протестира, тензијата ја чувствува и албанското население кое живее во тој дел од земјата.
Покрај вообичаената гужва за ручек, ресторанот „Ура“ или во превод „Мост“ деновиве го посетуваат несекојдневни гости - новинари, полицајци и војници.
Ресторанот, отворен во 2011 година, се наоѓа веднаш до главниот мост на реката Ибар, кој во повоениот период ја дели Митровица на северна и јужна.
Денес тоа се две посебни општини. Во Северна Митровица, мнозинството од населението се Срби, додека на југ, мнозинството од населението се Албанци.
„Сите гости ни се исти, не правиме никакви разлики“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) келнерот Агрон Бериша, кој единаесет години работи во овој ресторан во близина на мостот, кој стана симбол на етничката поделба меѓу двете заедници.
Според него, честите тензии на север се чувствуваат и во овој ресторан, особено кога се зголемува бројот на новинари кои застануваат тука по известувањето од север.
„(Новинарите) овде се чувствуваат како дома, знаат каде се каблите и батериите. Не ни пречат“, вели тој, додавајќи дека ги познава повеќето локални и странски новинари.
Србите во општините на северот на Косово на 26 мај се спротивставија на доаѓањето на градоначалниците Албанци во општинските канцеларии, што не го прифаќаат бидејќи ги бојкотираа изборите во април.
Неколку дена подоцна, на 29 мај, тие се судрија и со КФОР, а се уште се собираат околу општинските згради за да ги спречат новите градоначалници да влезат во нивните канцеларии.
Бериша наведува дека меѓу гостите на кои им служи се и војници на КФОР, а напоменува дека овојпат ситуацијата на северната страна од мостот е посериозна.
Тој потсетува дека членовите на КФОР, воената мисија на НАТО на Косово, претходно биле порелаксирани.
„По оваа ситуација, првпат ги гледам со панцирни елеци“, вели тој.
За разлика од бучавата во ресторанот „Ура“, изминативе две недели е тивко на северната страна од мостот.
„Секојдневниот живот е ист во последните 20 години, монотонија и напнатост во секој момент. Многу е понапнато во последните десет дена“, вели пензионерот Владимир Ракиќ, кој седеше пред едно од кафулињата во Северна Митровица.
Ракиќ секој ден пие кафе со пријателот Лазар Краговиќ. Тие разговараат за зголемување на цените на север, каде што е во употреба динарот (официјалната валута на Србија), додека во Косово се користи еврото.
„Црешите се околу 120 динари [едно евро за килограм] во Рашка (граничен град во Србија), а 450 динари [околу четири евра] во Митровица“, вели Краговиќ.
Останатите граѓани на Северна Митровица се повеќе вознемирени од фактот што училиштата во таа и уште три општини на север - Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, беа затворени на 26 мај поради тензии.
„Жици околу училиштата, жици околу општинските згради. Тешко им е на децата. Се е мртво во градот. Сите се дома“, рече еден жител кој сакаше да остане анонимен.
Образовните институции во српските заедници во Косово работат во српскиот систем.
Наместо на училиште, учениците од Звечан, кој се наоѓа на околу три километри од Северна Митровица, беа на протести каде со рецитирање повикаа да се прекине насилството.
Основните и средните училишта во Звечан се лоцирани во близина на општинската зграда, која ја обезбедува КФОР. Блокирана е и една станбена зграда во внатрешноста на оградениот простор.
Се додека траат тензиите, жителите на таа зграда можат да поминат само со помош на КФОР.
На неколку километри јужно, во населбата Бошњачка Махала во Северна Митровица, има куќи и дуќани во сопственост на Албанци.
Тие се малцинство и во голема мера зависат од клиентите кои доаѓаат од српското мнозинско население.
Вработените во овој дел велат дека последниве денови имало се помалку муштерии.
„Не знам дали се плашат или што е проблемот, не знам, но бизнисот многу падна“, вели Дуа Ставиљеци, работничка во парфимерија.
Ставиљеци вели дека секогаш има помалку луѓе на улиците кога се огласуваат сирените, што во овој дел од државата значи дека жителите треба да се соберат некаде.
Ќе има многу (луѓе на улица), но во втората кога ќе се слушнат сирените веднаш си заминуваат“, вели овој соговорник на РСЕ.
Друг трговец верува дека неговите клиенти се плашат од сирени и дека се вџашуваат кога ќе ги слушнат од полициско возило или возило на ЕУЛЕКС (мисија на ЕУ за владеење на правото).
Ниту Албанците, ниту Србите во тој дел на Косово немаат голем оптимизам за можно долгорочно решение, бидејќи, како што велат, кризите не завршуваат.
Соработка: Маја Фицовиќ