Секоја година во просек 150 жени во Македонија заболуваат од рак на грлото на матката. Меѓу нив е Билјана Цветановска. Дијагнозата ја добила во 2009-та година и тоа преку бесплатни превентивни прегледи кои ги организирало министерството за здравство. Благодарение на тоа, ракот и бил откриен во рана фаза, а лекарите веднаш интервенирале, со што се спречило ширење на канцерот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Во тој период се случуваше акција за испитување на грлото на матката со ПАП тестови. Нормално како и повеќе жени и јас отидов на тој преглед и за жал после неколку дена, резулатот излезе позитивен, меѓутоа за среќа беше во почетокот на случувањето, па така поминав како полесен пациент, исклучиво со конизација на заболеното место, кое изнесуваше околу 8мм канцероген материјал и поминав како полесните пациенти“, вели Билјана Цветановска.
Билјана е пример за тоа како здравството преку организирани превентивни прегледи може да придонесе за рано и навремено откривање на малигните заболувања, но за жал е меѓу ретките примери.
Во Македонија од 2012-та постои скрининг за рак на грло на матка. Секоја година различна категорија на жени добиваат писмена покана од матичните гинеколози да се јават на преглед и да им биде направен ПАП тест. Но, анализите на Здружението ЕССЕ (Здружение за еманципација еднаквост и солидарност на жените) покажале дека и по 10 години, опфатот на жените е премногу мал, односно под 30%.
Изгубени животи и предвремена смрт
Ова, како што предупредуваат од ЕССЕ - резултира со изгубени животи и предвремена смртност кај жените од рак, која може да се спречи.
„Многу е низок опфатот, дури и во научната литература се вели дека ако еден скрининг опфат е под 30% тоа не може да се смета за успешен скрининг и токму тоа беше забелешката од Европската Комисија дека Македoнија практично нема организиран скрининг на грло на матка“ вели Борјан Павловски од Здружението ЕССЕ.
Тој објаснува дека врз ситуацијата влијаат повеќе фактори за несоодветниот скрининг на рак на грло на матка, а клучно е тоа што Министерство за здравство не одвојува доволно пари за скрининг, односно во самиот старт планира опфат само на 25% на жените.
„Последиците се далекусежни. Имаме изгубени животи, нарушен квалитет на животот на жените, изгубени работни места, неможност за грижа за семејството, па се до големи финансиски трошоци а сето ова може да се спречи токму со овие две методи соодветен скрининг, кој што ќе опфаќа 70 до 80% од жените и вакцинација против ХПВ“, вели Павловски.
За пример, во земјите во ЕУ опфатот на жените во скринингот е над 80%, велат од ЕССЕ и додаваат дека тоа е една од основните методи за рана детекција и успешно лекување на ракот на грлото на матката.
„Заедно со вакцинацијата против ХПВ , скринигот и навременото лекување се клучни и тоа е целта на ЕУ за ракот да се елиминира“, вели Павловски.
Висока стапка на заболени од рак поради ниска опфатност во скринигот
Според податоците од Институтот за јавно здравје, секоја година во просек околу 150 жени се дијагностицираат со рак на грло на матка, 40 до 50 секоја година ја губат битката со болеста. Од речиси еден милион жени во земјава само околу 25 000 годишно се опфатени со скринингот на министерството за здравство.
Пред две години формирана е и Комисија за спроведување на програмата за рана детекција на ракот, која што ја предводи Д-р Игор Алулоски од Клиниката за гинекологија. Зголемувањето на опфатот на жени вели е меѓу приоритетите на Комисијата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„За да ја подобриме опфатноста со скринингот ќе направиме промена во начинот на кој ги повикуваме пациентките бидејќи сфативме дека ова со повикувањето преку писма не вродува со плод, тоа го прифатија и матичните гинеколози. Ќе биде достапна веб странца да може жените да се пријават со впишување на својот матичен број, а програмата по автоматизам ги алоцира пациентките кај своите матични гинеколози. Ова е во завршна фаза. Сметаме дека со ова и со рекламните спотови кои сега се емитуваат на електронските медиуми ќе се анимира популацијата околу скринингот и посетата кај матичниот гинеколог “, вели д-р Алулоски.
Околу 600 илјади евра годишно чини лекувањето на рак на грло на матка
Освен превенцијата, друг проблем за пациентките е предолгото чекање за дијагностички процедури. Здравствените услуги за пациентите што боледуваат од карцином се бесплатни, но жените се приморани одредени услуги да ги прават во приватните здравствени установи или во странство поради долгото време на чекање во државните болници.
Според анализите на здружението ЕССЕ, годишните трошоци поврзани со ракот на грлото на матката (од страна на државата и од страна на жените) се проценуваат на минимум 39 милиони денари односно 634 илјади евра годишно.
„Жените ги губат работните места, не можат да се грижат за своето семејство, некои од нив постојано мора да одат на прегледи, а дополнително на тоа тоа исто така е важно што жените се изложени на трошоци“ вели Павловски.
Тој додава дека иако о самото лекување е бесплатно, има многу пропратни трошоци и, како што посочува, за жал некои дијагностички процедури се уште се наплаќаат, тука се и патните трошоци, бидејќи најголем дел од терапиите се примаат во Скопје.
“За една жена, која живее надвор од Скопје, овие патни трошоци во просек изнесуваат минимум 13.471 денари за 12 месеци. Со цел да се намали смртноста од ракот на грлото на матката и да се намалат трошоците за лекување, државата треба да обезбеди опфат со скрининг за рак на грлото на матката на 80 % од жените на возраст од 24 до 60 години“, вели Павловски.
Според него за да се постигне бараниот опфат на скринин на жени за рак на грло на матка државата за тригодишен период треба да одвои речиси 3 милиони евра или речиси еден милион евра годишно за таа намена.
Видете и ова: Женското здравје измерено во километриВо минатогодишниот буџет за превенција и скрининг на вкупно сите малигни заболувања беа одвоени 219 илјади евра.
Меѓу процедурите за кои се чека се и резултатите од ПАП тестирањата кои што сега се прават само во Скопје. Д-р Алулоски вели дека годинава се планира да се вклучат и лабораториите од внатрешноста во читањето на ПАП тестовите, за да се скрати времето на чекање.
„Меѓу другите работи веќе е дискутирано, а има и барања од колегите патолози што работат во болниците низ државата да се напарават некакви едукации, за да се освежат знаењата околу цитологијата, читањето на пап тестовите, секако да се алудира до државата или локалната самоуправа, да се помогне на болниците да тие лаборатории се подобрат, односно обноват затоа што сепак тоа се лаборатории во добар дел кои што фунцкионираат така оставени низ годините, а има желба и тенденција кај колегите таму да се возобнови, тоа е втората работа на која што работи Комисијата и тоа веќе е исто во план и програма да се спроведе во текот на оваа година“, вели д-р Алулоски.
Здравствени работници на терен во мобилни амбуланти
Со оглед на недостатокот од матични гинеколози, со кои се соочува земјава, од Комисијата за рана детекција, велат дека во голем број на општини веќе се во функција мобилни гинеколошки амбуланти, каде се вршат прегледите за рано откривање на ракот на грлото на матката, кои веќе посетиле неколку општини низ државата. Целта е да се зголеми бројот на жени и девојки кои ќе направат бесплатен ПАП тест, да се зголеми инклузивноста на женската популација од ранливите групи кои живеат во рурални и оддалечени места и да се подигне свеста за важноста од редовни контроли. Во мобилните гинеколошки амбуланти се достапни и совети за родово базирано насилство и за планирање на семејството. Прегледите за гинеколошката амбуланта се бесплатни, а пријавувањето се одвива преку матичните лекари
Но, д-р Алулоски сепак апелира до жените барем еднаш годишно да одат на редовни прегледи.
„Доколку пациентките немаат направено преглед, да не се срамат, да не биде тоа табу тема и да не го сфаќаат во смисла „Јас завршив со раѓање, нема што да одам на гинеколог“. Не, никако тоа не смее така! Не се оди на лекар само кога имаме проблем. Тоа е идејата на тие превентивни прегледи, превенција што значи навреме да го фатиме ракот, да го лечиме додека се уште не е доцна.“
Еден преглед спасува живот
За Билјана Цветановска превентивниот преглед и го спасил животот и благодарение на тоа веќе 13 години живее квалитетен живот, и покрај дијагнозата.
„ Би требало да има почесто такви акции, сепак некоја превенција не постои за ракот, но раната детекција е многу важна како и подигнувањето на свеста кај жените. Од детекцијата поминаа 13 години и сум многу среќна што се откри тогаш и затоа апелирам сите жени барем еднаш годишно да се оди на прегледи кај матичните гинеколози“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од Министерството за здравство ни одговорија дека во рамки на Програмата за рана детекција на малигни заболувања, во делот за скрининг на рак на грло на матка има најголем буџет, но доколку одзивот на жените се зголеми во периодов што следи, Министерството ќе обезбеди средства сите жени заинтересирани за превентивен преглед да можат да го направaт кај својот матичен гинеколог.
Подготви - Ивана Стојкова