Женската борба за еднаквост не е завршена

Архивска фотографија од одбележување на 8 март 2019 од страна на активистки за правата на жените.

Жените се уште се борат за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Се уште не заработуваат како мажите иако работат на исти позиции, има помалку жени на високи политички и одговорни позиции и само третина од работоспособните жени се вработени.Треба да се промени впечатокот дека во моментот нема потреба од борба за еднаквост, вели експертката за јавни политики Тања Томиќ.

Мажите се поплатени од жените за иста работна позиција. Податоците од Заводот за статистика (последните се однесуваат на октомври 2018), покажуваат дека просечната бруто заработувачка на мажите по работен час била 212 денари, а на жените 179 денари.

Од друга страна, жените кои работат со скратено работно време заработувале повеќе од мажите со скратено работно време. Така жените заработувале бруто 196 денари од час, а мажите 187 денари од час.

Статистиката покажува дека платите меѓу мажите и жените повеќе се разликуваат во поголемите фирми.

Лекарите и информатичарите заработуваат драстично повеќе од нивните колешки

Жените се поплатени во областа стручни, научни и технички дејности и во други услужни дејности, во градежништвото и во транспорт и складирање, а драстично помали плати заработуваат во дејностите на здравствена и социјална заштита каде жените заработуваат далеку помали плати од нивните колеги. Исто така мажите многу подобро заработуваат од нивните колешки од областа информации и комуникации, каде што се всушност и најголемите просечни плати. Јазот во платите се зголемува, како што расте стажот. Најмала разлика има кај почетниците.

Статистиката покажува и дека само една третина од фирмите се во сопственост на жени и тоа главно на микро и мали претпријатија.

Анализата на здружението „Гласен текстилец“ од Штип, објавено минатата година покажа дека работниците во текстилната и кожарската индустрија и натаму се најобесправени. Кристина Ампева од здружението за РСЕ вели дека решенијата на дел од посочените проблеми успеале да ги стават во Законот за работни односи. По зголемувањето на минималната плата, сега како проблем им останува непријавената прекувремена работа, вели таа.

„Работата на празник, прекувремената работа, штом не е пријавена, значи не е ни платена. Друг проблем се капацитетите на Инспекторатот за труд, моментално тие ниту имаат доволен број на инспектори, ниту пак опрема за непречен технички надзор. А она за што се залагаме од крајот на минатата, а ќе работиме и оваа година е етаблирање на независен синдикат или независни синдикални организации на ниво на фирми“, вели Ампева.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Мојот совет за помладата јас“

Минатата година работеле во околу 50 конфекции во кое имало случаи на некакво прекршување на работнички права. Ампева вели дека ги контактираат и фирми од градежен сектор, обезбедување, колонијали, кои бараат помош како да си ги исполнат работничките права. Здружението, заедно со текстилниот кластер и со организациите на работодавачи започнале дијалог за поголемо почитување на правата на работниците. Ампева вели дека проблемите таложени со децении, тие како здружени се свесни дека нема да ги решат за три години, колку што постојат, но дека сепак е направен исчекор.

„Не верувам и дека е толкава свеста на работодавачите, меѓутоа добро е да има неколку од нив кои се свесни за состојбите, кои велат да - мали се платите, не се живее со таа плата, платите мора да се покачуваат, мора да ги почитуваме законите, а и немаме млади кои сакаат да работат“, вели Ампева.

Видете и ова: Бесплатен мамографски преглед наместо осмомартовско оро

Пратенички има оти мора, градоначалнички и министерки помалку

Од 81 градоначалник, шест се жени, во доскорешниот парламентарен состав од 120 пратеници имаше 47 пратенички, оти има загарантиран праг со закон. Од 25 члена во Владата, 5 се жени. Актуелниот премиер има две заменички, вицепремиерките Радмила Шекеринска и Мила Царовска. Шекеринска е и министер за одбрана. Жени ги предводат и министерство за правда и министерството за финансии. Имаме и министерка без ресор задолжена за странски инвестиции. Од политичките партии, само ДОМ има претседателка.

Експертката за јавни политики Тања Томиќ за РСЕ вели дека најголемиот проблем е несвесноста за борбата за поголема еднаквост.

„Поголем дел од правата на жените се унапредени, голем исчекор е направен во нивно економско јакнење, овозможување на заштитна од семејно базирано и родово насилство, но има уште огромен број на проблеми на кои треба да се работи, вклучително и нивната политичка застапеност на извршни функции, бидејќи за законодавните позиции има квота од 40 проценти, но за извршни функции за градоначалнички, за министерки, за директорки нема квоти и таму се сè уште помалку застапени“, вели Томиќ.

Таа додава дека треба да се промени впечатокот дека во моментот нема потреба од борба за еднаквост.

„Фактот дека има направен делумен напредок во таа сфера води во заклучоци дека е постигната родовата еднаквост, што не е така и треба уште многу да се работи на промена на таа перцепција, а потоа и на подобрување на условите за жените во државата“, вели таа.

Закони има, само треба да се спроведуваат

Според Томиќ, законската регулатива во голема мера е подобрена, за што, како што вели, голема заслуга имаат пратеничките, но и здруженијата на граѓани кои работат на промена на легислативата, но она на што сериозно треба да се поработи е имплементацијата на тие права.

Томиќ во април минатата година ја воспоставува и првата база на податоци на жени експертки на веб-страницата www.ednakvi.mk. Поттикнати од честите оправдувања на политичарите и на уредниците во медиумите дека нема жени стручњаци да се постават на високи позиции и да се викнат во дебати емисии, ги мотивирало да се оформи платформа на експертки од сите области, на која досега има околу шеесетина жени со свои профили.

„Имаше поместување за контактирање на експертките за медиумски дебати, за жал, политичките партии и здруженијата на граѓани не ја користат дата базата, меѓутоа како дел од проблемот зошто тоа не го прават, сметаме дека е недоволната промовираност на дата базата, односно поголем дел од оние кои би ја користеле се уште не знаат дека таа постои, бидејќи во изминатиот период бевме фокусирани на контактирање на експертките и нивно вклучување во дата базата, а се надеваме дека во наредниот период ќе почне повеќе да се користи“, вели таа.

Жените повеќе изложени на родово базирана дискриминација

Во извештајот на Реактор за Родово базирана дискриминација и работнички права во државата се заклучува дека жените се сепак повеќе изложени на родово базирана дискриминација.

„За да не ја изгубам работата, бев принудена да се вратам на работа 14 дена откако го родив своето дете.“;

„На интервју за работа, ми кажаа дека работата не може да ја работи жена, бидејќи жените се помалку интелигентни од мажите“;

„На истата работна позиција, за истите работни обврски и ниво на образование, заработував 3000 денари помалку од мојот колега.“ – се само неколку од споделените сведоштва на работничките во истражувањето.

Дискриминацијата е најчесто поврзана со сексизам и родови стереотипи кои се во контекст на женската репродуктивна улога, грижа за деца и лица на кои им е потребна поддршка, и домашната работа и се во конфликт со работната средина од страна на работодавците и менаџерите. Бременоста останува ризичен кариерен чекор – жените честопати се принудени да избираат помеѓу имање платена работа, кариера и имањето деца – а оваа одлука понекогаш е условена од нивните работодавци. Тие се казнети со пониски работни позиции и бариери при унапредувањето, како и пониски плати во споредба со мажите, само затоа што се жени и имаат репродуктивна улога, покажало нивното истражување.