Достапни линкови

Јурчева: Секогаш ме интересирало двојството на белата боја


„Белата е најстрашната боја“ е насловена збирката раскази на Ирена Јурчева чија промоција ќе се случи оваа среда, на 4 март, во МКЦ во Скопје. Книгата е добитник на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ којашто во декември 2019 година ја додели издавачката куќа Темплум.

Она што на прв поглед освојува во расказите е нивната нескриена кршливост. Тие се едноставни, концизни и искрени со една отворена ранливост пред светот и критиката. Соголеноста на нејзините раскази, дури превентивното ослободување од секаков вишок кој се заканува да натежне, прецизно потекнуваат од потребата за слободна комуникација и изразување на интимните длабочини. Таквиот пристап е во склад со нејзината, можеби главна тема – созревањето, и начините како да се издржат болките на наглиот раст. Ликовите во нејзините раскази минуваат низ трансформации кои ги ставаат во конфликт со себе и со околината. Но, темата на созревањето кај Јурчева не секогаш следи очигледни шаблони, туку се нијансира и комплицира преку вклопување во неочекувани наративи – па така авторката на моменти загазува и во жанрот на фантастиката и дистопијата, не од егзибиционизам или изгубеност, туку токму за, и низ поинакви стилски платформи, подлабоко и поинаку да ги преиспита релациите и емоциите.

Ова меѓу другото ќе биде забележано во образложението на жирито во состав Фросина Крушкаровска, Алекс Букарски и Мања Величковска кое во декември минатата 2019 година реши збирката раскази „Белата е најстрашната боја“ на Ирена Јурчева да ја добие наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ којашто ја доделува издавачката куќа Темплум.

А, по само два месеца од ваквата одлука „Белата е најстрашната боја“ оваа среда, на 4 март, во 20 часот, ќе биде промовирана во МКЦ во Скопје. Промотори ќе бидат Владимир Мартиновски и Мања Величковска, раскази ќе чита Катерина Гогова, а во музичкиот дел е планирано да настапи групата КАЛЕВАЛА.

Ирена Јурчева, во пресрет на ваквиот чин, најнапред ќе рече дека е горда на тоа што е добитник на ова престижна награда која „го поддржува младиот автор од секој аспект“.

„Верувам дека оваа награда „Новите“ ќе биде голема мотивација за мене да продолжам да пишувам проза и конечно да се охрабрам и другите напишани а необјавени ракописи да видат светлина наскоро. Убедена сум дека сите вакви признанија којшто се целосни се отскочна штица за младите писатели. Еве јас по трет пат конкурирав за оваа награда и некако тој трет пат ми се по среќи“, вели авторката.

Говорејќи за книгата, за мотивот на белата боја кој е „очигледната нишка што ги поврзува расказите“, за она што со себе го носи збирката, Ирена истакнува дека „не е свесна кога и како ја избрал самиот нејзин наслов“.

„Се уште трагам во себе си за да го пронајдам оној извор на вдахновение бидејќи насловот и за мене како автор е интригантен. Многу сакам да ги анализирам симболите на боите. Белата е многу чудна, свечена а истовремено и страшна боја. Таа има едно двојство во себе. Ние ја перцепираме, ја доживуваме како чиста, како убава, како почеток, но во некои култури исто така е боја на смртта. Белата е и боја на стерилност на празнотија, така што тоа двојство отсекогаш ми било интересно за оваа боја за која некои уметници ќе речат дека и не е боја. Таа е комплетна. Во спектарот ги содржи сите други останати бои и на некој начин ги изведрува. Како бела хартија, како бело платно, како почеток на се* што постои, но и како крај. Навистина самиот наслов си дојде. Јас не размислував, самиот ме пронајде“, истакнува Јурчева.

Инаку, Ирена Јурчева покрај проза пишува и објавува поезија, а активна е и како проучувач и преведувач на фантастична литература. За неа сето тоа „е поврзано“.

„Се е поврзано. Можеби ова ќе звучи како автор и преведувач кој сеуште се бара себе си, но јас верувам дека ќе продолжам со трите нешта – и со поезија, и со проза и со преведување. Во 2017 година се објави мојата прва поетска книга „Таинства“ (Метаноја), а со преведувачка дејност се бавам повеќе години и мојот фокус е на фантастичната литература, особено на англискиот писател Џон Роналд Руел Толкин. Мојата магистерска теза носеше наслов „Културолошко преведување на Силмарилион од Толкин“, така што наоѓам голема поврзаност меѓу Толкин и поезијата. Преведувачката дејност е одлична затоа што ме насочува и кон пишување. Толкин е писател чиј јазик е толку богат, толку инвентивен ... и не можам да не пишувам проза преведувајќи и обратно. Да не преведувам пишувајќи проза. Навистина, сите тие работи се испреплетени кај мене и дефинитивно продолжувам со трите нешта и во иднина. Убаво е како автор да се знае, што ви е на прво место. Што е тоа што ќе го помислите дека треба да го правите кога ќе се разбудите. На што најмногу се давате себе си, за што најмногу имате самодисциплина, но и вака може“, смета Јурчева.

Во контекст на овој нејзин одговор оди и сознанието дека Ирена по промотивните активности и претставувањата на „Белата е најстрашната боја“, ќе се зафати со заокружувањето на материјалите за својата следна збирка раскази за која се надева дека ќе излезе до крајот на оваа 2020 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG