ЕУ проширувањето на самитот во Загреб во лер?

илустрација, знаме не ЕУ

За некои дипломати тоа што на Самитот на ЕУ во Загреб денеска на 6 Мај нема да се зборува за успехот на Северна Македонија и Албанија и проширување на Унијата е очекувано со оглед на пандемијата и другите внатрешни проблеми. Други пак, сметаат дека обесхрабрува тоа што Унијата го става проширувањето во лер брзина.

Тоа што на Загрепскиот самит на Европската Унија насловен „ЕУ- Западен Балкан“ нема да се зборува за политиката за проширување, а тема нема да биде ниту најголемиот успех во процесот за време на се уште актуелното претседателството на Хрватска во ЕУ, односно одлуката за отворање преговори за пристапување со Албанија и Северна Македонија, за домашната стручна јавност не треба да не разочарува. Но, сепак, ова според дел од упатените е под очекувањата на земјите од Западниот Балкан.

Поранешниот дипломат Огнен Малевски вели дека е неодминлив впечатокот дека проширувањето не е едно од главните теми на овој самит, но се надева дека дел од земјите ќе можат да дадат свои сугестии во конечниот документ кој ќе биде усвоен.

„Сепак јас очекував, а претпоставувам и пошироката јавност дека ќе биде пооптимистички и поохрабрувачки овој самит. Вака ако зборуваме со сленг на Европската Унија, проширувањето е ставено во лер брзина, така што останува да се види што ќе се случува. Но, воведот од овој самит раѓа повеќе сомнежи отколку што ги охрабрува очекувањата од тој самит на Унијата кога се носат главните одлуки“, вели Малески.

Дел од дипломатите сметаат дека е добро што со оглед на околностите се одржува овој собир за да се повтори поддршката за „европската перспектива“ на регионот.

Поранешниот дипломат Мухамед Халили пак, вели дека земјите членки на Унијата во моментот се преокупирани со други проблеми, посебно справувањето со пандемијата со корона вирусот, а токму тоа е причината поради која на самитот нема да се спомене препораката на Советот на министри кои во март дадоа зелено светло за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

„Мислам дека не се работи за тоа дали Унијата сака на дневен ред да го стави прашањето за отворање преговори со Македонија и Албанија, туку проблемите внатрешни се поголеми, а тука е и ситуацијата со сузбивање на коронавирусот. Јас сум оптимист дека земјите членки ќе се држат до својот збор и дека постепено ќе почне процесот на преговарање со Унијата“, вели Халили.

Видете и ова: Дали Македонија е подготвена за преговори со ЕУ?

Хрватскиот весник „Јутарњи лист“ кој имаше увид во текстот на Декларацијата од Загреб, кој треба да биде усвоен на самитот, пишува дека во документот воопшто не се споменува „проширување“, „членство“ или „интеграција во ЕУ“. Постои само неодредена реченица за „европска перспектива“ и посилна врска. Причината како што се наведува, е инсистирањето на некои земји како Франција и Холандија, но до одреден степен и Германија, да не биде самит за проширување.

Во текстот, според Јутарњи лист не се споменува ниту најголемиот успех во процесот за време на претседателството на Хрватска во ЕУ - одлуката за отворање преговори за пристапување со Албанија и Северна Македонија. Но, дипломатите сметаат дека е добро, без оглед на околностите, што се одржува овој собир и да се повтори поддршката за „европската перспектива“ на регионот.

Дека загрепскиот самит се перципира погрешно кај поголемиот дел од македонската јавност, предупреди неодамна и хрватската амбасадорка Нивес Тигањ во интервју за нашето радио. Таа рече дека на Самитот ,меѓу другото, ќе бидат обработени прашањата поврзани со односите меѓу земјите членки, низ призмата на нов политички наратив за политиката на проширување и европската перспектива на соседните земји.

„Самитот како што веќе реков, ќе има друга димензија, во смисла на подобрување на односите меѓу земјите членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан, на начин тој дијалог да се интензивира, да се одржуваат состаноците почесто отколку досега, од прилика на секои две години и да се усвои еден нов политички наратив за политиката на проширување и европската перспектива на нашите соседни земји. Исто така ни е важно на тој самит ЕК да подготви еден инвестициски пакет кој ќе овозможи економски развој на тие земји и да се договори начин на кој тие земји би се вклучиле во политиката на зелениот план на претседателката на Комсијата Фон дер Лајан. Значи, самитот би требало да даде една нова димензија, еднајасна временска рамка на процесот на проширување и европска перспектива“, изјави во интервјуто хрватската амбасадорка Тигањ.

Во меѓувреме портпаролката на Европската Комисија задолжена за проширување, Ана Писонеро изјави дека очекувањата во Брисел се оти преговарачката рамка за Северна Македонија ќе може да биде презентирана во јуни. Преговарачката рамка ги содржи начелата врз кои треба да се одвиваат преговорите помеѓу двете страни и откако ќе биде готова, таа треба да биде усвоена од земји членки на Унијата. Од 1 јули годинава стартува германското претседателство со ЕУ, кое се очекува да го задржи фокусот врз Западниот Балкан и проширувањето на ЕУ.

Северна Македонија и Албанија добија одлука за почеток на преговорите за членство кон крајот на Март. Претходно, недобивањето на датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година, но тие беа одложени поради избувнувањето на здравствената криза предизвикана поради корона вирусот.