Постигнатиот договор меѓу Косово и Србија во саботата во Охрид е правно обврзувачки за двете страни од секој аспект. И двете земји ќе бидат оценувани за сработеното од Договорот, изјави на 20 март американскиот специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ексобар на брифинг со новинари од целиот Балкан.
Во саботата на 18 март во Охрид косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ се договорија со посредство на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел, за спроведување на таканаречениот „бриселски предлог “ за нормализација на односите.
Овој Договор ќе продолжи да биде основа на американската политика како и на европската политика за проширување, а Косово и Србија треба веднаш да започнат со спроведување на Договорот за нормализација на односите, додаде Ексобар.
„Европскиот пат на Косово и Србија е крајно условен од спроведувањето на овој договор“, изјави Ексобар.
Тој се надева дека Косово и Србија ќе ги земат како позитивен пример односите меѓу Северна Македонија и Грција. Имаше многу симболизам тоа што настанот беше одржан во Охрид, во земја која има одлични односи и со Србија и со Косово, земја која што е најуспешниот модел за меѓуетничка хармонија во регионот, заклучи Ескобар.
Видете и ова: Договорот меѓу Косово и Србија отвора нова ера на мир во регионотКосово треба веднаш да почне да ја подготвува својата верзија за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, додека Србија треба да почне да ги признава документите и државните симболи на Косово. Ова се двете почетни точки од спроведувањето на Договорот кои Ексобар ги посочи како засега најважни.
За Ексобар, Самитот во Охрид беше успешен, затоа што, како што вели, го отвора патот за мирно и конструктивно градење на односите меѓу Косово и Србија. Без разлика што Вучиќ изјави дека не потпишал ништо, сепак ова е правно обврзувачки договор со обврски за двете страни и потписот не е прашањето, туку обврската која ја преземаа двете страни.
„Договорот за нормализација е почеток на меѓусебното помирување на Србија и Косово, ќе има многу работа да се заврши и надвор од овој договор. Дополнително, дијалогот во посредство на ЕУ ќе продолжи, а она што е важно е дека се одредени маркери како овие две земји ќе се движат напред, затоа имплементацијата мора да почне веднаш, за двете земји да ги почувствуваат бенефициите.“, кажа Ексобар на виртуелната средба со новинарите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој не може да потврди дека има директни докази за влијанието на Русија во овој процес, но забележливо е руското влијание преку он лајн присуство со дезинформации врз крајно десничарската опозиција во Србија.
Во однос на земјите од регионот Ексобар истакна дека клучен предизвик и натаму за Западен Балкан е справувањето со корупцијата.
„Сите земји од Западниот Балкан имаат многу работа да завршат. Борбата со корупцијата, како што велам често пати е најверојатно најголемиот долгорочен предизвик за целиот регион. Сакам да видам повеќе напредок во регионот во борбата против корупцијата“ изјави Ексобар.
Видете и ова: Србија и Косово се договорија за спроведување на договорот за нормализацијаНа прашањето за македонската евроинтеграција, Ексобар истакна дека САД целосно ја поддржува Северна Македонија на тој пат и дека лично сака што е можно поскоро да стане членка на ЕУ, затоа што сите земји од Западен Балкан заслужуваат брз директен пат кон членство во Унијата како дел од Европа. Тој додаде дека Северна Македонија како домаќин на меѓународна мировна конференција во Охрид придонесе за европската и регионалната стабилност и дека САД го поздравува таквиот придонес.
„Мојата порака до ЕУ е дека Западен Балкан се област на можности, а не регион на ризик и ние сакаме да работиме со земјите од регионот за да направиме се што можеме заедно за да да го забрзаме процесот“, додаде тој.
Косово и Србија водат дијалог под посредство на ЕУ и со поддршка на САД од 2011 година. Договорот познат и како француски или француско-германски план, бидејќи го формулираа советници на германскиот канцелар и на францускиот претседател, го претставија на Вучиќ и Курти, во септември лани.
Планот, чија првобитна верзија во меѓувреме беше модифицирана, ЕУ го усвои во декември.
Договорот од 11 члена, објавен на 27 февруари, бара двете земји да ги прифатат меѓусебните документи и симболи, вклучувајќи - пасоши, дипломи и регистарски таблички.
Исто така, двете страни треба да ги спроведат сите досега постигнати договори во дијалогот за нормализација на односите, вклучително и оној за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.
Извештајот за преговорите меѓу Вучиќ и Курти ќе биде разгледан од Европскиот совет на состаноците на 23 и 24 март.