Фирмите бараат одложување на кредитите, синдикатите помош директно за работниците

Арховска фотографија: Работнички во текстилна фабрика во Прилеп во 2013 година

Одложување на кредитите за да не почнат банките со одземање имот на фирмите бараат, стопанските комори. Синдикатите пак бараат најавената владина помош да оди директно за работниците.

Стопанската комора на Македонија излезе со предлог од 25 мерки за помош на стопанството да ја преживее ковид-кризата, синдикатите бараат владината помош директно да заврши кај работниците, а не кај работодавачите, владата најавува дека четвртиот сет мерки за помош на фирмите и граѓаните ќе биде објавен наскоро.

Во ек на кризата, владата донесе три сета на мерки за помош на компаниите и граѓаните да ја пребродат кризата во вредност од околу 500 милиони евра, но податоците на Министерството за финансии покажуваат дека досега биле искористени помалку од една третина од нив, односно околу 165 милиони евра. Мерките вклучуваа помош за фирмите за исплата на минимална плата за вработените, помош за оние кои изгубиле работа поради корона-кризата, бескаматни и евтини кредити за компаниите, одложување на плаќањето на ратите за кредит за граѓаните и фирмите, платежни картички за домашни производи за невработени и луѓе со ниски примања, помош за млади, како и ваучери за туризам за вработените со мали плати.

Видете и ова: Ковидот повторно го прекројува буџетот

Сојузот на стопански комори на Македонија предлага 25 мерки за да му се помогне на стопанството да преживее, а потоа и за развој. Претседателката на Сојузот Данела Арсовска вели дека бараат полесен пристап до бескаматни кредити, одложување на плаќањето даноци, справување со сивата економија, а најголем дел од нивните членки побарале да продолжи државната помош за исплаќање на минималната плата од 14500 денари по вработен до март наредната година.

„Најпрвин да се има предвид одложување на тековните кредити коишто ги имаат претпријатијата, сè со цел да не се отпочне со онаа фаза на одземање на имотите на претпријатијата коишто во овој момент се борат со ликвидноста, мораме да напоменеме, а понатаму и да се овозможат дополнителни бескаматни кредити коишто би можеле да се користат во овој период којшто следи од оние на коишто навистина им е најнеопходно, а сè со цел да не се губат работни места, да не се создаде дополнителна дисторзија на пазарот на труд. Тоа е нешто во коешто ние ја гледаме најголемата опасност во периодот којшто следи“, вели Арсовска.

Сојузот на синдикати на Македонија, пак, исто така бара продолжување на помошта за исплата на минимална плата, мораториум на долговите на сиромашни семејства кон извршители, банки и државни органи и 100 отсто исплаќање на плата за хронично болните, бремените жени и мајките на деца до 10 години кои досега не одеа на работа, како и 100 отсто од плата за оние кои ќе бидат заболени од ковид-19 или во самоизолација. Претседателот на ССМ, Дарко Димовски вели дека нивна главна цел е зачувување на работните места.

„ССМ бара субвенционирањето на платата како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено за повеќе од 30 проценти, но клучно што бараме е таа субвенционирана помош за плати да се исплаќа директно на сметките на работниците, бидејќи знаеме дека во изминатиот период бевме изиграни од некои газди и тие пари не допреа до сметките на работниците“, вели Димовски.

Премиерот Зоран Заев пред десетина дена во гостување на Македонската телевизија најави дека во четвртиот сет економски мерки, кој ќе биде објавен наскоро, ќе продолжи помошта за исплата на плата за најпогодените сектори, најави стимулативни мерки за враќање на работа на отпуштените работници, платежни картички и за пензионерите со пензии под 15 илјади денари, пасивни баратели на работа и самохрани родители и помош за стечајците, како и засилени инвестиции во инфраструктура за да се обезбеди работа за македонските работници.

Падот на економијата поради пандемијата на коронавирус беше најголем во вториот квартал, во третиот имаше стабилизирање, но власта стравува дека ќе има поголемо ширење на заразата во есенските месеци, што ќе биде нов удар врз стопанството. Над 20 илјади луѓе ги изгубија работните места поради кризата.