Економските експерти очекуваат воведувањето на еколошка такса од 3,5 денари за нафтата и нафтените деривати да предизвика низа негативни последици врз националната економија, бидејќи како што посочуваат, таа се уште се справува со импликациите од ковид кризата.
„Имајќи предвид дека нафтените деривати се основен ресурс за репроматеријалите, за производствениот процес, за меѓународниот и внатрешниот транспорт, тоа директно влијае врз ценовните политики на потрошувачките добра. Економијата е жив организам каде што при промена на еден елемент, по автоматизам се менуваат и другите. Од една страна ние го полниме буџетот, а од друга страна го отежнуваме функционирањето на стопанството“, вели проф. Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет.
Од друга страна, Зекири вели дека преземањето на оваа непопуларна мерка е доказ дека државната каса е празна и дека буџетот не е во стабилна кондиција како што не уверуваат надлежните.
Последните месеци и без ова зголемување поскапеа многу производи, а од Сојузот на синдикати на Македонија информираа дека само во последните два месеци синдикалната кошничка е зголемена за 400 денари.
Видете и ова: Поголеми плати, но помала куповна моќЦелта на оваа мерка според премиерот Зоран Заев е „сите да се насочиме и кон практично спроведување на зелената агенда, помалку да користиме фосилни деривати, а почесто да користиме еколошки превозни средства, како велосипед, електричен тротинет, електрични возила, возила на хибрид“. Тој вели дека Владата планира сериозни вложување во екологијата и обновливите извори на енергија.
Владата и досега наплатуваше еколошка такса, но таа за секое гориво има различна висина, или чини помалку од денар. Така на пример таа за бенизните изнесува 0,08 денари, за дизелот 0,03 денари, за екстралесното масло за домаќинство 0,04 денари, а за мазутот е 0,05 денари.
Со воведувањето на новата давачка од 3, 5 денари практично ќе се зголеми цената на горивата за граѓаните. Први реагираа од Асоцијацијата на превозници „Макам-Транс“ од каде што посочуваат дека воведувањето на оваа давачка ќе им ги зголеми трошоците за 4,13 денари по литар.
„Со воведување на оваа еколошка такса ние ќе имаме енормно зголемување на трошоците затоа што се работи за големи количини коишто се точат во рамките на вршење на дејноста. Резервоарите на товарните моторни возила и автобусите се од 600 литри па нагоре, а принудени сме да работиме бидејќи тоа ни е основна дејност што значи дека постојано ќе ги чувствуваме тие негативни последици. Од друга страна еколошка такса согласно регулативите на ЕУ не се воведува на ваков начин затоа што со тоа се казнуваат оние кои вложуваат и купуваат еколошки возила“, вели Биљана Муратовска, генерален секретар на Макам-Транс.
Асоцијацијата веќе испратила допис до Владата и до Министерството за финансии, а во наредниот период предвидени се состаноци со надлежните органи и обид за промена на најавената мерка, по што ќе се анализира дали превозниците ќе излезат на протести или не.
Од невладината Еко-свест пак посочуваат дека еколошките такси кои и досега ги плаќаа граѓаните не завршувале за проекти во Министерството за екологија, туку во централниот буџет.
„Додека не отворат фонд за животна средина, секое декларирање на таквите еколошки давачки им се џабе затоа што ни самите не знаат каде им одат парите од централниот буџет. Во ред ми е да има еколошка такса за пластична ќеса, за ѓубре, за што било, ама тие пари да се вложат во животна средина, преку формирање на соодветен фонд. Треба комплетно да се реконструира министерството, да си направат Агенција и треба таму да има фонд и да се користат парите за животна средина, а не за се и сешто. Ама министерството за финансии не сака да се откаже од тој луксуз да има слободни пари што може да ги троши за што сака,“ изјави Чоловиќ-Лешоска од невладината „Еко-свест“.
Според владините пресметки, новата еко давачка во Буџетот ќе донесе милијарда 685 милиони денари за едно полугодие или 3 милијарди и 300 илјади денари за цела 2021 година.