Позитивни прогнози за раст на македонската економија предвидува Европската комисија (ЕК) по рецесијата предизвикана од пандемијата во 2020 година.
Во редовен извештај за земјите кандидатки за членство во Европската унија, комисијата сепак наведува дека земјата, како и сите други, мора да биде претпазлива на надворешните шокови како оној од ковид пандемијата, поради што растот може да забави.
Два пати годишно ЕК прави макро-еконoмски прогнози за земјите кои претендираат членство во ЕУ, вклучително и за Северна Македонија.
Во новиот есенски извештај, ЕК оценува дека македонската економија прави добар напредок со зајакнувањето на домашната и странската побарувачка, а дека се очекува постепено зацврстување на нагорната линија во текот на 2022 и 2023 година.
Видете и ова: Инфлацијата „изеде“ 1000 денари од платата„Реалниот раст на Бруто домашниот производ (БДП) е проектиран на просек од 3,9 проценти во периодот од 2021 до 2023 година“, изјави денеска за новинарите Фрек Јанмаат – шеф на економскиот оддел во Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Попрецизно за оваа година, рече Јанмаат, се очекува раст на БДП од 4 отсто. Во следната 2022 година растот ќе биде 3,9 проценти и во 2023 година раст од 3,7 проценти.
Но, дали растот на економијата ќе значи и подобар животен стандард за граѓаните? Во одговор за Радио Слободна Европа, Јанмаат рече дека за граѓаните да го почувствуваат растот, вистинскиот предизвик ќе биде вработувањето, чие поттикнување треба да биде главен фактор кој ќе може да придонесе кон подобар животен стандард.
„Ако има структурни реформи, особено доколку повеќе луѓе ќе може да добијат вработување, бидејќи ќе имаат подобри вештини, тоа мислам дека ќе ја донесе најзначајната разлика. Ако има економски раст, се очекува и платите постепено да растат, но тоа е повеќе е среднорочен ефект кој би го почувствувале граѓаните“, рече Јанмаат.
Населението старее, невработеноста се намалува
Вработувањето во земјава ќе расте со економското заздравување, оценува ЕК. Тоа е зголемено во вториот квартал во однос првата половина од годинава, но иако генерално бројот на вработени се зголемува, опаѓа нивото на млади вработени лица, се вели во извештајот на ЕК.
„Растот во вработувањето се очекува да се зголеми според нашето предвидување. Се очекува вработувањето да се зголеми за 1,1 отсто оваа година, 2,6 во следната и 2,5 во 2023“, вели Јанмаат.
Според податоците на Европската комисија, стапката на невработеност за оваа година се очекува да биде 15,7 отсто. Следната 2022 се предвидува дека таа ќе биде намалена на 15,1 процент, а во 2023 на 14,6 проценти.
„Ова е позитивен развој, но тој е делумно поврзан и со намалувањето на работната сила. Луѓето си заминуваат од земјата и исто така имаме општо стареење на населението во Северна Македонија, што ќе значи дека и многу луѓе ќе се пензионираат“, вели Јанмаат.
Намалување на инфлацијата во 2023
Видете и ова: Енергетската криза: Скап увоз или рестрикции
ЕК предвидува побавно заздравување во јавните финансии од очекуваното, но наведува и дека финансирањето на владините планови и спроведувањето на анти-кризните мерки, најверојатно ќе предизвикаат висок фискален дефицит.
Инфлацијата постепено расте. Се зголемуваат цените на енергијата и прехранбените производи, но ЕК очекувања притисокот на цените да биде поумерен до 2023 година и тој да се намали.
„Оваа година се очекува инфлација од 3,3 проценти, следната 2,1 и во 2023 година инфлација од 1,8 проценти“, рече Јанмаат.
Исто така ЕК предвидува дека личната потрошувачка ќе го поттикне економскиот раст, но дека увозот ќе расте повеќе од извозот. Јанмаат вели дека тоа е одраз на домашната побарувачка за увозни стоки, а дека извозните претпријатија во економските зони исто така ќе зависат од увозот.
Долгот и натаму ќе расте
Владата планира фискалниот дефицит да го намали до 2023 на 3,5 отсто, рече Јанмаат, но потенцираше дека сметаат дека начинот на кој се очекува тоа да се постигне е доста нејасен, особено со најавите за зголемено јавно инвестирање со буџетски средства.
„Во минатите години се утврди дека Владата тешко успева да ги реализира капиталните инвестиции и проектите за таа намена, на пример инфраструктурните проекти затоа доста сме критички настроени во тој поглед“, вели Јанмаат.
Спроведувањето на мерките од шестиот пакет на анти-кризните мерки усвоени во текот на пандемијата веројатно ќе го зголеми фискалниот дефицит и неговото одржување ќе значи дека и јавниот долг нема да може да се стабилизира до 2023 година, оценува ЕК.
Јанмаат рече дека се очекува дотогаш долгот да порасне дополнително и да остане под 60 отсто од БДП, наведувајќи дека тоа е општиот долг на Владата, но ако тука се вклучат и јавните претпријатија, кои имаат долг од околу 8 отсто, тогаш целиот јавен долг е над 60 проценти, рече тој.