Господине Петковски, во изминатите недели споделувате информации за починати и повредени работници. Се добива впечаток дека расте бројот на жртви. Какви се податоците со кои располагате?
Дефинитивно во Македонија се гине на работните места. Според онаа статистика што ние годишно ја објавуваме на 28 април на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, би рекол дека еден работник неделно ни гине на работното место. Не се тоа само едни специфични професии, туку, би рекол, цел спектар на професии каде што македонскиот работник гине на своето работно место. Често пати, за да ја доловам сликата до обичниот граѓанин, правам паралела дека работното место многу повеќе наликува на минско поле, отколку на работно место каде што човек би требало да заработи чесно, да напредува, да се афирмира.
Во секој случај, имаме уште многу да одиме во насока на подобрување или обезбедување на безбедни и здрави работни места, а тоа многу поспоро ќе ни оди доколку го задржуваме овој таканаречен балкански менталитет каде што сметаме дека работниците се само уште еден ресурс.
Видете и ова: Дали недостигот од работници ќе се решава со „увоз“ на странциНа што се должи бројот на жртви? Може ли да се посочи „виновник“?
Немањето на одговорност или одговорност која нема големи реперкусии доведува до тоа лесно да ни поминуваат овие несреќи на работно место. И уште пострашно е што не учиме од тие несреќи. Кога ќе се случи несреќата ја евидентираме како статистика и бројката само по себе никого не импресионира. Тоа останува како трагедија во потесниот круг на семејството, кај пријателите, како „рак рана“ на општеството, но институциите кои ги плаќаме, кои би требало да ги анализираат овие несреќи, да ги воведат стандардите кои би превенирале случување на исти такви несреќи не функционираат.
Доколку зборуваме за легислативата, јас можам слободно да ви кажам дека сме ја препишале европската легислатива, но не сме ја прилагодиле. Ние доаѓаме во ситуација колку и да ја прилагодуваме сепак наидуваме во ѕид од администрација која секогаш мора да прави одредени политички компромиси. Тие политички компромиси се кршат врз грбот на работникот или поточна врз здравјето и безбедноста на работникот.
Добиваат ли правда они кои се повредиле на работно место и семејствата на работниците кои загинале?
Искрено да ви кажам, тоа е голема мистерија за мене. Има некои случаи, каде заради повреда работникот, семејството добил некоја надокнада, но верувајте ми дека таа надокнада ни оддалеку не го покрива сето она што го претрпува еден повреден човек или едно семејство кои изгубило член, затоа што доаѓаме до ситуација во која не сите работи во животот можете да ги компензирате со пари. Економските параметри, политичките параметри, социјалните доаѓаат на прво место, а потоа она што треба да значи безбедност и здравје на работно место. Не може вие да разговарате за работник кој ќе размислува како да ја унапреди својата работа, како да придонесе повеќе, ако тој цело време е загрижен дали ќе преживее или не, на работното место. Не за џабе нашите стари рекле дека здравиот човек има 1000 желби, а болниот само една – да оздрави.
Видете и ова: Треба ли да „изгориме“ за да им се купи опрема на пожарникарите?Колку ова што недостасуваат работници во многу полиња ги прави да бидат поприбирливи кога бараат работа? Дали газдите ќе се освестат дека мора и на ова поле, безбедност и здравје при работа, да вложат ако сакаат да имаат работници?
Тие паметните секако ќе ја сфатат пораката навреме и ќе вложуваат повеќе во работните услови. Оние што нема да ја сфатат оваа лекција многу брзо ќе затворат, бидејќи ниту еден работник имајќи ги предвид сите информации достапни сега и на самиот телефон, нема да го жртвува својот живот и животот на своето семејство во една средина каде што ем без пари, ем со многу ризици ќе треба да преживува. Зачувајте си ги македонските работници, обезбедете им безбедни и здрави работни места, на прво место, а потоа и пристојни примања со кои ќе можат не само да преживеат, туку и да живеат достојно и да го грижат за своето семејство.
Може ли да се посочи професија во која има најмногу повредени и загинати работници?
Предничи земјоделството како број еден убиец во Македонија, на второ место е градежништвото, потоа тешката индустрија, ова зборувам за смртни случаи.
Во продолжение слушнете го целиот разговор со Милан Петковски од Здружението за заштита при работа, во кој тој зборува и за заштита при работа во услови на големи жештини.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5