ВМРО-ДПМНЕ почна со акцијата за собирање потписи од граѓаните кои ги смета за поддршка на своите пратеници за да се обидат да го поништат Законот за попис. Еден од главните аргументи на челниците на опозициската партија е дека пребројувањето на населението кое треба да се одржи од 1 до 21 април не е во согласност со критериумите и препораките на Евростат.
Радио Слободна Европа праша во Евростат дали се запознаени со македонскиот Закон за попис и методологијата и ако се, дали тие се во согласност со нивните стандарди.
„Законот за попис и методологијата неодамна беа споделени со Евростат. Тие во повеќето аспекти се широко поврзани со релевантните стандарди дефинирани во статистичкото законодавство на Европската унија иако законодавството на ЕУ се уште не е обврзувачко за Северна Македонија како земја кандидат", наведува Маргарида Карвало од канцеларијата за односи со јавноста на Евростат.
Што спори опозициската партија?
Разни партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, пак, веќе со недели тврдат дека пописот не е во согласност со стандардите на Евростат. Тоа последно го повтори партискиот потпретседател Александар Николоски. Тој на еден од пунктовите на кој се собираат граѓанските потписи против пописот рече дека прогнозира дека ќе добијат над 100 000 потписи.
„Сето тоа покажува дека народот, граѓаните на Македонија, македонскиот народ и сите останати кои што живеат во Македонија не се согласуваат со ваков попис, со попис кој што е политички, а не статистичка, попис кој што не ги почитува правилата на Евростат, попис кој што значи дискриминација и попис кој што значи политички договор“, рече Николоски.
Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ се пофали со собраните потписи против пописот, СДСМ вели нема одложувањеПокрај ова од партијата велат дека и надвор од препораките на Евростат е да се попишуваат државјани кои се надвор од земјата, а не само резидентно население што живее во државата.
Што предвидува Евростат за лицата иселени повеќе од една година?
Во документот именуван како „Препораки за попис на населението и домаќинства 2020“ објавен на страницата на Евростат пак, се наведува дека вообичаено резидентот кој не е присутен на пописот помалку од 12 месеци се попишува во земјата. Тоа е така и во македонската методологија.
Во делот за отстутни лица кои живеат во странство повеќе од една година, европското статистичко биро наведува дека тоа е можно да е важно за земји кои што имаат голема емиграција.
„Некои земји се обидуваат да ја проценат емиграцијата собирајќи податоци за тие лица на пописот на пример користејќи емиграциски модел во прашалникот. Претходните искуства покажуваат дека е тешко да се очекува да се обезбеди точен број на емиграцијата во странство. Како и да е, таков пристап може да даде некои информации за оние кои емигрирале скоро или за оние кои имаат блиски контакти со семејствата. Ако податоците за лицата кои живеат надвор од земјата подолго од 12 месеци се добиени на пописот тогаш тие треба да бидат одвоени од податоците добиени за резидентното население“, се наведува во препораките на Евростат.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
И македонската методологија во овој дел предвидува слично решение, односно иселениците кои не се во земјата повеќе од една година да се најдат во друг оддел- вкупно нерезидентно население.
„Вкупно нерезидентно население го сочинуваат следните лица- лицата државјани на Република Северна Македонија, кои во времето на пописот
престојуваат во странство повеќе од 12 месеци поради работа или друга
причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив и лицата-странци кои престојуваат во Република Северна Македонија до 12 месеци со одобрение за привремен престој. Вкупното резидентно и вкупното нерезидентно население ја сочинуваат категоријата „Вкупно попишано население“, се наведува во методологијата.
Проблемот е во недовербата во институциите
И додека се чини дека нема голема разлика во она што го предвидува Евростат и македонската методологија проблем останува недовербата меѓу партиите и на етнички план но и во капацитетот на институциите да извршат непристрасен попис.
Дополнително ваквите ставови ги подгреа и тоа што во Законот за попис се превидува „сите акти кои се однесуваат во врска со спроведување на пописот и за кои е утврдено директорот на Државниот завод за статистика да ги донесува пред нивното донесување, директорот на Државниот завод за статистика и заменикот на директорот на Државниот завод за статистика ги разгледуваат и заедно ги одобруваат со парафирање дека се согласни со текстот на истиот".
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Токму ова пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски во неделното интервју на Радио Слободна Европа рече дека преставува потреба од политичка потврда на статистичка операција.
„Еве дали е во согласност со стандардите на Евростат, јас ќе ви кажам не е, да имате вие врзан потпис на двајца директори за конечниот резултат на пописот. Што е потребата од врзан потпис ако имате вие само статистичка операција. Не, овде е потребата од политичка потврда на друг функционер, кој што е од одредена партија и се создава перцепција дека треба да се штитат одредени етнички права“, вели Муцунски.
Инаку во Македонија нема спроведено попис 19 години. Обидот за спроведување во 2011 година пропадна откако тогаш владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го стопираа веќе почнатиот процес во кој прво имаше несогласувања Македонците и Албанците, членови на комисијата, кои подоцна преминаа и во партиски и политички препукувања. Најавите тогаш беа дека ќе се одржи за половина или за една година.
Американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз во интервју за Канал 5 рече дека имаат доверба и очекувања дека пописот ќе се изведе професионално и ќе се користи за прибирање прецизни податоци што ќе се користат за јавни политики, како и да се привлечат инвестиции.