Дневен центар за деца со попреченост. За овој проект кој треба да се реализира во следните 36 месеци, општината Врапчиште доби средства од Европската Унија. Во период од една година треба да се изгради објектот, а следните две години, да се направат сите потребни обуки на кадар и родители, за успешно спроведување на овој проект.
Првиот човек на општина Врапчиште, Исен Шабани, вели дека овој проект е приоритетен за неговата општина, бидејќи во неа има 59 деца со попреченост и тие имаат потреба од посебна градинка.
„Без помош од страна, тешко дека можеме да спроведеме ваков проект. Општините должат и имаат многу малку средства, кои претежно одат за плати или за помали проекти. Самите не можат апсолутно да ги финансираат сите проекти што ги замислиле. За нашата општина овој дневен центар е приоритет и задоволен сум што проектот ни го прифатија“, вели Шабани.
Видете и ова: Антикорупциска - Дадете и докази, а не само политички изјави за тендерите
Врапчиште е една од осумте македонски општини кои добија финансиска помош во вкупна вредност од 5, 5 милиони евра од ЕУ и Минстерството за локална самоуправа со поддршка од Швајцарската агенција за развој. Одобрените проекти од 58 апликации за оваа помош се иновативни решенија за управување со цврст отпад, подобрување на урбаната мобилност, социјална инклузија на лица со попреченост, дигитализација на локалните услуги, енергетска ефикасност и иновации за развој на туризмот.
Конкретно на овој јавен повик од Европската Унија, општината Дебар не аплицирала, но без помош од европските фондови, Светската Банка, Европската банка за обнова и развој и други меѓународни и странски донации тешко ги реализира проектите кои се од најголема важност на нејзините граѓани.
Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука, вели дека со европска помош спровеле проекти за енергетска ефикасност и сертификација за био производи како дел од меѓугранична соработка. Сепак тој апелира инвестициите да бидат во приоритетните проекти, односно суштинските проблеми за граѓаните во општината.
„Значи приоритет над приоритетите за општина Дебар е водата за пиење и менаџирање на отпадот. И јас секогаш во разговори со странските организации го кажувам тоа. Значи ние имаме разработени проекти и планови за тоа и се мачиме да најдеме финансии за да ги реализираме. На пример еден резервоар за вода за пиење чини 36 милиони денари, тоа е капитална, ама витална инвестиција за нашата општина“, вели Дука.
Видете и ова: Од реновирање на Кремљ до катни гаражи во ЧаирОд министерството за локална самоуправа кое учествува во кофинансирањето на проектите со 15 проценти велат дека целта на програмата било да се даде напредно ниво на проекти кои ќе ја подобрат конкуренцијата и развојот на општините. За таа цел биле ангажирани странски експерти кои преку обука им помогне на општините да подготват добар проект и да аплицираат.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски се согласува со забелешките во однос на тоа кои проекти треба да се приоритет и каде треба да се инвестираат парите.
„И ние заедно со Швајцарската агенција реагиравме, но не бевме вклучени во изборот на проектите. А би требало да се слушне и нашиот збор, зошто даваме и ние пари, а како министерство го водиме регионалниот развој. Затоа пак сега Швајцарската агенција ќе си направи интерна евалуација и ќе одлучат кои проекти ќе ги кофинансираат. Ние пак линеарно ќе ги рапоредиме средствата од државата на сите општини подеднакво, согласно процентот на нивното учество, некаде околу 600 илјади евра. Таква е реалноста и така налагаат ЕУ стандардите“, вели министерот Милевски додавајќи дека во изборот на проекти била следена „зелената агенда“ на Унијата.
Од Делегацијата на ЕУ се задоволни што општините покажале голем интерес за јавниот повик, затоа што во пракса две третини од средствата на ЕУ за поддршка на државите се имплементираат на локално ниво.
Од Секретаријатот за европски прашања истакнаа дека поврзувањето на општините со Европската Унија е важно за развој на нови иницијативи како што се и овие проекти кои како што велат, се резултат на проценка на потребите на граѓаните.
Според координаторот на програмата „EУ за општините”, Карл Џацинт, постојат можности за финансирање и на нови проекти, како што се подобрување на транспарентноста во спроведувањето на јавните набавки, изработка на локални планови за обновливи извори на енергија и други, а Европската Унија има и многу други програми кои што им стојат на располагање на општините.