Стотици милиони луѓе одеднаш доживеаа најголема промена во секојдневниот живот од Втората светска војна, бидејќи владите им наредија да останат дома во обид да ја победат болеста.
Главниот предизвик за многумина е едноставно да го задржат својот дух и покрај досадата и изолацијата.
Без разлика дали е тоа виртуелна седенка преку мобилните, разговор со соседите преку отворените прозорци или масовно пеење и аплаузи, клучно е да се остане поврзан со надворешниот свет.
РИМ
Карла Басањи, 86 годишна пензионирана уметничка која живее во Рим, си направи рутина за да ги поминува деновите. "Бидејќи не можам да излезам надвор, јас правам гимнастички вежби дома. Пијам вода барем пет пати на ден: Имам пет чаши вода наредени во мојата кујна, па не заборавам!" изјави таа за АФП, додавајќи дека сака да се напие и малку вино.
Во Италија, која деновиве доби нови ограничувања, бидјќи останува епицентар на болеста, на луѓето им треба посебна декларација за да ја напуштат куќата потврдувајќи дека одат на работа или да купат намирници.
Секој кој е фатен како ја крши забраната, ризикува три месеци затвор и казна од 400 до 3.000 евра.
Заглавена во нејзината куќа скоро 24 часа на ден, Басањи вели дека готви „убави мали оброци”, чита и спие.
МАДРИД
Паула Перез, 19-годишна студентка по медицина, која живее во стан во Мадрид со нејзината мајка, вели дека била „многу возбудена“ кога прв пат ги слушнала аплаузите на балконите за здравствените работници.
Таа и нејзината мајка секој вечер го следат истиот ритуал: во 20 часот, по аплаузот, соседите зборуваат едни со други преку нивните прозорци.
„Нашиот сосед погоре работи во болница и ни кажува што се случува“, рече Перез.
Шпанците се под строг карантин и можат да заминат дома на работа само ако не можат да го прават тоа дома, да купат лекови или храна или да го шетаат кучето.
Обично преполните улици во Мадрид сега се практично празни. Наместо тоа, луѓето свират на нивните балкони или играат игри со соседите, извикувајќи од едниот до друг прозорец.
„Ги читам вестите на интернет и гледаме ТВ во текот на вечерта“, додава Перез, „но не сакам цел ден да размислувам за епидемијата: тоа многу ме загрижува“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
ПАРИЗ
Баптист Сауд, режисер во своите 30-ти години кој живее во Париз, вели дека „најтешко е отсуството на каков било социјален живот“.
Во нормални времиња, тој ќе спортуваше или ќе се гледаше со блиските, но сега експериментира со „Скајп аперо“ - пијалок преку видео повик - со пријателите.
Франција во минатата недела донесе слични правила како Италија и Шпанија, освен што е дозволено излегување заради некаква „физичка активност“, се мисли на џогинг.
Прекршителите се соочуваат со казна од 135 евра.
Сауд додава дека тој барем има претходно искуство како да се биде затворен додека бил во француската војска во базата во Мали. Тој, исто така, им помага на повозрасните луѓе во неговата зграда.
ЛОНДОН
Бен Моралес Фрост, композитор кој живее во југоисточен Лондон, го користи својот доброволен карантин за да ја предводи глобалната музичка иницијатива наречена „Заклучен оркестар“.
Тој вели дека на повеќето музичари „одеднаш, килимот им беше извлечен под нозете“.
„Затоа, мислев дека би било убаво да се постави виртуелен оркестар“, додава Фрост.
Британија го заостри својот одговор на пандемијата откако премиерот Борис Џонсон им порача на граѓаните да останат дома и да не излегуваат освен за неопходни работи.
“Полицијата има право да ве приведе доколку го сторите тоа”, им порача тој.
По апелот до музичарите затворени во нивните домови низ целиот свет, Фрост регрутирал повеќе од 500 од шест континенти да соработуваат на музиката што неодамна ја напишал.
Тие му испраќаат видеоклипови по што тој ќе ги измонтира пред виртуелниот концерт на Јутјуб в петок.
“Не очекував толку голем одзив”, вели тој.