Иако е лето и надвор е 40 степени, голем дел од граѓаните веќе почнаа да набавуваат огрев за да бидат сигурни дека ќе имаат топол дом во зима, во време на енергетска криза и галопирачки раст на цените на енергенсите. Годинава грижите растат за тоа дали ќе има огревно дрво и пелети за грееење зимава, но и по која цена. Додека дистрибутерите на пелети имаат проблем и со поскапувањето и со неможноста да стигнат до потребните количини, огревното дрво главно го има, ама по „солени“ цени.
Благој Велков лани го сменил системот за греење во својата куќа, префрлајќи се целосно на пелети. Вели дека конечно успеал да најде енергенс со кој ќе го згрее својот дом по пристапни цени, бидејќи во изминатите 30 години пробал се, од ќумур, брикети и нафта, се до струја.
Видете и ова: Европските земји се тркаат во штедење енергија, Македонија ја заборави кризатаНо оваа година е загрижен, иако успеал да набави пелети домаќински, веднаш по завршувањето на грејната сезона. Лани за вреќичка пелети платил 190 денари, годинава 295 денари, но смета дека не можел да мине подобро. Веќе следната недела цената пораснала, за неодамна да му кажат дека вреќичка сега се продава по 360 денари, но и дека едвај се наоѓаат пелети.
„Од искуството досегашно, бидејки менував веке друг, трет, четврт начин, и јас не сум на чисто, што вреди, што не вреди веќе. Секоја промена што ја направив траеше краткотрајно, веке за 2-3 години се сменила исплатливоста. Така што и ова веќе ме плаши. Не знам навистина како ќе биде наредната година“, вели скопјанецот.
Увозот на пелети во ризик
Со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемена побарувачка на огрев, од Владата донесоа одлука за ограничување на извозот на огревното дрво и пелетите до крајот на годината. Во владиното соопштение се наведува дека ова веќе го направиле и владите на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пак најави дека по допрен глас ќе се даде задолжение до инспекторатот да ги провери дали има обиди да се направи вештачки недостиг на пелети и огревно дрво за зголемување на нивните цени.
Сепак, за Владимир Стојановски, сопственик на компанија што увезува и продава пелети владината одлука е бескорисна бидејќи дури 80% од пелетите се увезуваат од странство. Годинава вели дека се пред голем предизвик, па нема одговор на прашањето дали ќе успеат да увезат доволно пелети. Нивните досегашни партнери од регионот не им ги доставиле бараните количини бидејќи се свртеле кон домашниот пазар но и побогатите европски држави каде исто така има голема потреба од пелети. Затоа сега се обидуваат да најдат нови партнери, но вели дека оди многу тешко. Почнале да увезуваат пелети од Турција, каде исто така добиле само мали количини, со транспортот неколкупати поскап отколку увозот на пример од Србија. Нашле потенцијален партнер во Полска, но кога ги виделе цените се откажале од набавката. Во моментов вели дека сите количини им се продадени, а веќе има списоци за следните тури.
„Што ќе се случува во наредните месеци, навистина не би можел да знам, меѓутоа изгледите во моментов се дека е драматично отежнат увозот затоа што од традиционалните партнери од кои досега сме увезувале, нема количини“, вели Стојановски.
Не сака да дава прогнози ниту во однос на тоа што ќе се случува со цените. Единствено порачува дека од Владата треба да носат мерки со нив на иста маса, за да ги видат реалните проблеми. Загрижен е и за неговиот бизнис, но и за тоа што ќе се случува во септември и октомври кога е пикот на побарувачката.
„Ваква криза од вакви размери немало никогаш, буквално никогаш и ваков ценовен шок кај плетите не се случил. Значи ние сме имале разлики лето-зима 10-20% , тоа било максималното движење на цените на пелетите, ама никогаш не сме имале потреби за количини“, вели тој.
Дрва има, ама само по високи цени
Во делот на огревното дрво, ситуацијата со количините не е толку алармантна, но затоа цените растат. РСЕ побара информации за цените во неколку складишта. Успеавме да „обезбедиме“ буково дрво за од понеделник за 4600 денари за кубик. За дабово ни рекоа дека ќе мора да почекаме две недели, а цената ќе биде 4800 денари, за еден кубик.
Огревното дрво е единствениот енергенс што не поскапе досега, ама само според ценовникот на најголемиот производител ЈП „Национални шуми“. Сепак овие дрва се резервирани за објекти како училишта или градинки, за дел од пензионерите, ретко за физички лица. Од кај нив земаат дрва и приватните складишта, но таму си има други трошоци и маржи, па затоа цените годинава се вивнаа по 5000 денари за кубик.
Видете и ова: Што е најевтино за греење?Сепак, и од ова јавно претпријатие побараа владата да им дозволи покачување на цените за 20% поради енормниот раст на трошоците. Валентин Груевски, директорот на ЈП „Национални шуми“ вели дека 13 години немале поскапување, па затоа кубик даб го продаваат по 2900 денари.
Независно од владината одлука, верува дека дрва годинава ќе има во доволни количини бидејќи ќе имаат поголемо производство. Согласно Програмата за работа за 2022 година на ова претпријатие, планот за производство на огревно дрво е во количина од 516.032м3, наспроти ланските околу 430 000 кубни метри и прекланските 470 000.
„Сега се создава непотребно паника, меѓутоа дрва ќе има. Е сега прашање е по која цена ке се набават, инаку дрва ќе има“, вели Груевски.
Единствено додава, проблем може да се јави поради неможноста да се процени колку луѓе годинава ќе се греат на дрва, бидејќи цената на другите енергенси драстично порасна.
Според податоците на Државниот завод за статистика, огревното дрво останува главниот енергенс што граѓаните го користат за затоплување на домот во грејната сезона. Дури 49 отсто од домаќинствата во земјава се греат со огревно дрво или дрво од овошни насади, се наведува во публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата, 2019“, која минатата година ја објави ДЗС.
Второто најкористено средство за загревање на домовите е електричната енергија, која ја користеле 31 отсто од македонските домаќинства. На централно парно се затоплуваат 10 отсто од објектите за домување, додека дрвените брикети и пелети ги користат 8,5 отсто од домаќинствата во текот на зимските месеци.