Една европска финансиска институција е подготвена да помогне во рефинансирање на долгот на Црна Гора во вредност од милијарда долари кон Кина, што Подгорица го зема за контроверзен автопат.
Црногорскиот министер за финансии Милојко Спајиќ на седница на парламентарната Комисија за финансирање и буџет изјави дека договорот за необјавување го спречува да ја открие финансиската институција, но дека разговорите биле во „завршна фаза“.
Црна Гора бара помош од ЕУ за отплата на кинески кредит
Извор од Европската унија за РСЕ изјави дека договорот за обезбедување кредит е во фаза на финализирање и, откако ќе заврши, ќе го потпише претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Договорот за рефинансирање може да стави крај на неизвесноста околу долгот на Црна Гора спрема Кина и нејзините односи со ЕУ. Долго одложуваниот и сè уште недоизграден автопат - за кој беше даден заемот е во срцето на жестоката дебата за кинеското влијание во Европа.
Видете и ова: Како Црна Гора ќе ѝ го плати долгот на Кина од милијарда долари?Присуството на Кина на Балканот е огромно, а се зголеми во последните години, со тоа што Пекинг инвестираше милијарди во регионот и предизвика загриженост за финансиската зависност што може да го комплицира проширувањето на ЕУ кон истокот и надежите на Црна Гора за влез во блокот.
Стефан Владисављев, аналитичар од Белград за РСЕ изјави дека рефинансирањето на долгот на Црна Гора ќе помогне во спротивставувањето на растечкото влијание на Кина на Балканот.
„Црна Гора е поважна за ЕУ отколку за Пекинг. Овој кредит е здраворазумен чекор за Брисел“, вели тој, додавајќи дека ЕУ „пропушти можност“ да биде порешителна спрема Црна Гора. „Сепак, добро е што ЕУ бара потенцијален механизам за помош на Црна Гора и треба да помогне во подобрувањето на имиџот на Унијата на Балканот“.
Долг за автопат
Црна Гора позајми милијарда долари од Кина во 2014 година за да го финансира првиот дел од автопатот долг 163 километри до соседна Србија. Самиот проект е поделен на три дела, а кинескиот заем ги опфаќа само првите 40 километри. Првиот дел од автопатот требаше да заврши во 2019 година, но доцнењето во градењето и пандемијата го одложија крајниот рок до 30 ноември.
Кина студено примена на самитот со земјите од Централна и Источна Европа
Проектот доби зелено светло од владата на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ, кој зеде огромен кинески заем за финансирање на автопатот. Ѓукановиќ сега е претседател на Црна Гора, а сегашната влада - која дојде на власт во декември лани ја сочинуваат опозициски партии кои претежно се спротивставуваа на проектот и оттогаш бараат финансиско решение за зголемениот долг.
Вицепремиерот Дритан Абазовиќ во март јавно изрази загриженост во врска со должничките обврски на земјата, велејќи им на црногорските пратеници дека ЕУ треба да помогне во исплата на заемот за да се заштити земјата да стане зависна од Кина.
ЕУ, сепак, одби да помогне директно, но Ројтерс на 11 јуни објави дека Брисел бара да се потпре врз некоја комбинација на германската Кредитна банка за обнова, француската Агенција за развој и италијанската ЦДП за да ѝ се обезбеди финансиска помош на Црна Гора за рефинансирање на долгот.
Владата на Црна Гора во моментов жонглира со голем број политички и економски проблеми додека се обидува да ги стабилизира своите финансии. Економијата на земјата зависна од туризам, според Меѓународниот монетарен фонд, се намали за 15,2 проценти во 2020 година поради ограничувањата на патувањата предизвикани од пандемијата на коронавирусот.
Русија може да има корист од кризата во Црна Гора
Но, сегашните предвидувања покажуваат дека економијата на Црна Гора годинава може да порасне за 9 проценти. Кина има приближно една четвртина од вкупниот долг на Црна Гора, кој минатата година достигна 103 проценти од БДП.
Пекинг се согласи да ја одложи отплатата на црногорската прва транша од заемот, која првично требаше да се исплати во јули.
Кина и ЕУ
Наоѓањето решение за економските проблеми на Црна Гора е тест за позицијата на Брисел на Балканот и за подготвеноста на ЕУ да му се спротивстави на продлабочувањето на влијанието на Кина на нејзината периферија, велат аналитичарите.
„Несомнено е дека Кина е главниот фактор што ја води ЕУ во донесувањето одлуки. Црна Гора може да биде лесна, но многу голема геополитичка победа за Кина во регионот“, изјави за РСЕ Вук Вуксановиќ, истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика.
Црна Гора, која стана независна земја кога се отцепи од Србија во 2006 година, влезе во НАТО во 2017 година и работи на добивање зелено светло за влез во ЕУ.
Како и многу земји во регионот, таа исто така има силни врски со Русија и се повеќе се свртува кон Кина - под маската на иницијативата за Пат и појас за инвестиции и за изградба на инфраструктура.
Вуксановиќ вели дека кредибилитетот на ЕУ во регионот ќе зависи од тоа како Брисел продолжува да му помага на својот мал сосед на Балканот.
„Тоа ѝ дава на црногорската влада поголем простор за дишење и подобар простор за маневрирање во справувањето со долгот кон Кина. Иако, Кина не е целосно губитник. Да не заборавиме дека таа на крајот ќе биде исплатена“, заклучува тој.