Договорот меѓу Косово и Србија отвора нова ера на мир во регионот

Албин Курти, премиер на Косово и Александар Вучиќ, претседател на Србија

По 12 часа средби, Косово и Србија постигнаа договор за спроведување на европскиот предлог за нормализација на односите, соопшти Борел. Лидерот на Србија вели дека ништо не потпишал и дека денеска не бил денот „Д“. Косовскиот премиер вели дека сакал да потпише договор и анекс, но Србија одбила. Курти вели дека основниот договор е де факто признавање меѓу Белград и Приштина.

Косово и Србија постигнаа договор за тоа како да го спроведуваат договорот за нормализирање на меѓусебните односи, рече шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, по речиси 12 часовните средби во рамки на дијалог меѓу Косово и Србија.

Во Охрид, каде што цел ден се водеа разговори се согласиле како практично да се спроведува договорот, и кој, што, кога и како треба да направи за да се нормализираат односите меѓу двете земји.

„Денот беше долг, а преговорите тешки“, рече Борел во изјава пред медиумите кои ја следеа целодневната средба во Охрид. Тој вели дека двете страни ќе имаат бенефит од договорот, но тој не е само за нив, туку и за стабилноста, сигурноста и за просперитет на целиот регион.

„Често се вели дека ѓаволот е во деталите, но некогаш ѓаволот е во календарот, во тајмингот. За тоа разговаравме 12 часа и задоволен сум што можам да соопштам дека конечно по 12 часа, имаме договор како тоа да го направиме. Можам да соопштам дека Косово и Србија се договорија за анексот за имплементација на Договорот за патот за нормализација меѓу нив, на Косово и Србија“, рече Борел.

Борел вели дека Европската унија ќе следи дали се спроведува тоа што е договорено, бидејќи сега е дел од преговарачката рамка на Србија и на Косово на нивниот пат кон членство во ЕУ. Доколку не се почитува договорот ќе има последици.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Долги и тешки преговори во Охрид меѓу Косово и Србија

Шефот за надворешни работи на ЕУ, рече дека Косово веднаш се согласило да започне преговори со ЕУ за да обезбеди „соодветно ниво на самоуправување за српската Заедница на Косово.

Тој вели и дека страните се обврзале да ја поддржат Декларацијата за исчезнати лица како што е преговарано во рамките на дијалогот и тоа да го направат итно.

Непосредно пред Борел да се обрати во прес-центарот во близина на државните вили од комплексот Билјана, каде што цел ден се преговараше, на терасата од хотелот Инекс Олгица изјава даде и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Тој вели дека ништо не потпишал и покрај тоа што Курти, како што вели Вучиќ, цел ден барал нешто да се потпише. Српскиот претседател вели дека денеска не бил денот „Д“, но дека денот бил добар.

„Ако сте мислеле дека нешто завршува вечер, не, допрва почнува. ЕУ ќе оценува кој колку направил од имплементациониот план, кој сигурно ќе мора да биде проширен, иако мене не би ми пречело да остане таков. Во имплементациониот план освен оваа важна точка дека сме го примиле на знаење фактот дека ЕУ тоа ќе го стави во преговарачката рамка и на едната и другата страна и независно ќе се оценува која страна колку направила, за нас многу е значајно што како приоритетна обврска е формирањето на Заедницата на српски општини во согласност со претходните спогодби во рамки на дијалогот“, рече Вучиќ.

Александар Вучиќ

Српскиот претседател вели дека се договорени неколку точки кои ќе станат дел од преговарачката рамка за двете страни, и дека една од клучните е тоа што веднаш треба да бидат формирани Заедници на српските општини на Косово.

Косовскиот премиер Албин Курти вели дека е постигнат јавен договор, но дека Србија бега од потпишување.

„Основниот договор е де факто признавање. Затоа, ова е де факто меѓусебно признавање на Косово и Србија“, рече Курти.

Албин Курти


Косовскиот премиер вели дека сега останува на ЕУ да најде механизам за спроведувањето на анексот на договорот да стане правно спроведлив.

На новинарско прашање дали ќе дозволи формирање на Заедница на српски општини, Курти рече дека станува збор за „адекватно ниво на самоуправување на српската заедница“, а „не за самоуправа“.

Договорот што го предложи Европската унија за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија доби силна поддршка од Соединетите Американски Држави. Во Охрид беше и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

„Договорот беше тежок, но неопоходен“, рече Ескобар, честитајќи им на свете страни за постигнатиот договор.

„Ова отвора врата за евроатлантската интеграција за двете земји, но ја отвора вратата и за регионот за влезе во нова ера на мир“, рече Ескобар.

Тој вети „економска и политичка“ помош за двете страни во спроведувањето на европскиот предлог. Ескобар вели дека ЕУ има механизам да го спроведе овој договор.

Средбите стартуваа на 18 март од 10 часот во државните вили од комплексот Билјана во Охрид.

Видете и ова: Србија и Косово се договорија за спроведување на договорот за нормализација

Разговорите во Охрид беа продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете земји.

Договорот го поздравија и домаќините. Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски рече дека мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ. И претседателот на државата Стево Пендаровски на Твитер напиша дека го поздравува договорот.

Договорот познат и како француски или француско-германски план, бидејќи го формулираа советници на германскиот канцелар и на францускиот претседател, Јенс Платнер и Емануел Бон и го претставија на Вучиќ и Курти, во септември лани.
Планот, чија првобитна верзија во меѓувреме беше модифицирана, ЕУ го усвои во декември.

Договорот од 11 члена, објавен на 27 февруари, не ја обврзува Србија да го признае Косово, туку бара двете земји да ги прифатат меѓусебните документи и симболи, вклучувајќи - пасоши, дипломи и регистарски таблички.

Исто така, бара од двете страни да ги спроведат сите досега постигнати договори во дијалогот за нормализација на односите, вклучително и оној за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово, што Владата во Приштина досега го одбиваше, со образложение дека може да ја загрози функционалноста на државата.

Извештајот за преговорите меѓу Вучиќ и Курти ќе биде разгледан од Европскиот совет на состаноците на 23 и 24 март.