Господине Димитриевски веќе шеста година по ред сте градоначалник на Куманово. Вториот мандат го добивте без поддршка на вашата матична партија СДСМ на која се уште сте член. Во меѓувреме формиравте граѓанско движење. Треба ли да има предвремени парламентарните избори?
За предвремените избори одлучува мнозинството во Парламентот. Моето субјективно мислење е дека секои избори се тест за демократијата во државата и потребно е час поскоро оваа власт која што лошо работи, лошо менаџира со државата да си оди. Да дојдат одговорни луѓе со јасен концепт, визија како чесно и достоинствено ќе ја придвижат Македонија да тргне напред, бидејќи ние сме држава која во континуитет стагнира, а за жал сме сведоци дека секојдневно расте криминалот, корупцијата, злоупотреба на позиции, јавни функции, само себе наградување на поединци на власта и едноставно државата функционира како приватно акционерско друштво во кое што всушност ДУИ е главниот менаџер, а придружниот елемент на власта се моите поранешни сопартијци од редовите на СДСМ. Зборувам за функционерите или политичката елита која што ја води оваа партија. Инаку што се однесува до членството тие се прекрасни луѓе, кои, за жал, не може да добијат шанса.
Видете и ова: Таен договор за јавни автопатиштаЗошто сметате дека СДСМ е привезок на ДУИ и на што ги основате овие тврдења?
Погледнете ги сите стратешки проекти на државата и последниот случај со Бехтел и Енка и дополнително сите вложувања што се распоредуваат во државата се резултат на волјата на партнерот во власта ДУИ, кој што владее со оваа држава повеќе од 30 години и покажува во јавноста дека е незаменлива. За нив законот не важи и за жал создава фрустрации во општеството каде што многумина веќе, особено припадници на македонската етничка заедница велат дека се чувствуваат како да живеат во апартхејд. Ако секоја држава во светот има мафија јас мислам дека Македонија се доведе самата себе си во состојба да е држава контролирана од мафија. Значи мафијата ја поседува оваа држава. Тоа ние го чувствуваме и на локално ниво со градежната мафија која што е во невидена експанзија и за која што во следниот период се подготвувам да обелоденам многу информации во јавноста. Дополнително злоупотреба на државните институции како што е МВР во делот на взаемно политичко поткусурување. Ако тоа во периодот на Груевски беше МВРО сега е МВРОО со две о на чело со Спасовски каде што секојдневно живееме така како што живееме. Ако не сте послушник ќе се соочите со лажна, анонимна кривични пријава против вас и отворање на 10 истраги во еден момент. Наместо да се трошат ресурсите суштински, да се сузбива криминалот всушност вие ги трошите ресурсите на работи кои што однапред се знае дека не постојат елементи на било какво сторено кривично дело.
Видете и ова: Предлозите за уставни измени без обединет фронт на власта и опозицијатаСметате дека МВР се користи за реваншизам на чело со министерот Оливер Спасовски?
Да. Дефинитивно. Се користи и МВР се користеше така и во периодот на избори. Особено во Куманово. Вие бевте сведоци на сето тоа. Го гледавте и во јавноста и ден денеска се користи во една скриена форма. Ако може една општина во еден ден да добие 9 истраги за наводни сторени кривични дела по член 353 (кривични дела против службена должност). Замислете па зарем толку многу сторители имаме по член 353. Значи криминалот во оваа држава е во власта. Во највисоките нивоа на власта. Дајте да тргнеме да го провериме прометот на парите. Каде тоа се трансферираат парите? Кој тоа инвестира во државата? Како тоа одредени политичари преку квази поединци станаа најголемите сопственици на капитал во државата додека бизнисот во континуитет стагнира. Бизнис заедницата е запоставена, во општа стагнација. Единствено тие што го зголемуваат капиталот во државата се поединци блиски до власта или директно политичарите.