Зошто дефиницијата за силување не е иста во земјите на ЕУ

Во повеќето европски држави силувањето е кривично дело што подразбира присила, употреба на сила, закана со сили или пак неможност да се одбрани. Анализата на Амнести Интернешнл покажува дека само 12 од 31 земја во Европа имаат закони кои го дефинираат силувањето како секс без согласност

Според Анализата на Амнести Интернешнл земјите кои го дефинираат силувањето како секс без согласност се: Белгија, Хрватска, Кипар, Данска, Германија, Грција, Исланд, Ирска, Луксембург, Малта, Шведска и Велика Британија.

Истанбулската конвенција, подготвена од Советот на Европа, е инструмент што ги обврзува државите потписнички на истата да се борат против насилството врз жените и семејното насилство. Член 36 го дефинира сексуалното насилство како: под а. „ вагинална, анална или орална пенетрација од сексуален карактер од кој било дел од телото или предмет во телото на друго лице без согласност на тоа лице; б. други сексуални дејства со друго лице без согласност на тоа лице; в. наведувајќи друго лице да изврши сексуален однос со трето лице без согласност на тоа лице “.

Во членот 11 јасно стои дека сексуалните активности и врски мора да бидат доброволни и консензуални за да не бидат кривични дела.

Видете и ова: Сексуално образование за млади без предрасуди

Сепак, земјите низ Европа и членките на Европската унија (ЕУ) продолжуваат да применуваат застарени и непрецизни дефиниции за силување во казнување на случаи на сексуално насилство. Иако, повеќето случаи на силување не одговараат на стереотипот „странец што напаѓа од зад грмушките“. Во повеќто случаи силувачите се

пријатели или партнери - кога жртвите доживуваат шокова реакција и се вкочануваат од стресот од шок, па затоа и најчесто нема знаци на физичко насилство , бидејќи „чинот“ доаѓа од лице кое го познаваат.

Секој сексуален однос без согласност е силување и нема „ ништо помеѓу“, се наведува во извештајот на Амнести Интернешнл од 17 декември 2020 година. Во него се вели дека силување е исто така ако жртвата е пијана или под дејство на дрога; или ако таа решила да оди дома со некого; или доколку е провокативно облечена. Силување е и ако жртвата не кажала јасно „не“ или физички не се спротивставила на насилникот.

Меѓу земјите-членки на ЕУ, Данска е последната што го заостри законот за силување веднаш по Хрватска во декември минатата година.

„Сега е јасно дека ако двете страни не се согласат да имаат секс, тогаш станува збор за силување“,изјави данскиот министер за правда Ник Хакеруруп, најавувајќи ги законските измени.

Со оваа одлука, Данска стана 12-та земја во Европа што усвои предлог-закон за силување врз основа на согласност. Оваа одлука ја поздравија здруженијата за правата на жените, кои сметаат дека правосудниот систем во минатото не успеал да ги заштити жртвите на сексуално насилство.

На пример, според податоците на Министерството за правда, секоја година во Данска се случуваат 11.400 случаи на силување , од кои нешто повеќе од 1.600 се пријавени во полиција и само околу 300 се решени.

Во Грција, Амнести Интернешнл имаше директно влијание врз реформата на законот за силување - долгогодишно застапување за промени во политиката и кампањи кои излегоа со остри осуди на проблематичниот став на владата за дефинирање на силување. Кампањата го привлече вниманието на јавноста преку медиумите, кои извршија притисок врз владата, а крајниот резултат беше додавање на измени и дополнувања на Законот за силување во Грција во јули 2019 година, кои вклучуваат „недостаток на согласност“ во дефиницијата.

Барањето за докажување на насилство или закана за насилство како елемент неопходен за кривично дело - силување ќе исклучи голема категорија на случаи за кои немало согласност.

Примери каде што е сторено кривично дело силување според законите на Англија и Велс вклучуваат случаи каде обвинителството докажува над разумно сомневање дека е надмината волјата на ранливото лице или кога ќе се докаже дека лицето било во шок и дека физички не се спротивставило или не се согласило, но не дало согласност.

me too protest, usa


Би било сосема погрешно да се исклучат овие случаи од соодветни кривични санкции и да не им се обезбеди соодветна заштита на жртвите.

Во ноември 2019 година пред Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените (25 ноември), Обединетите нации издадоа проглас со кој се повикува на тоа несогласувањето да стане глобален стандард според кој ќе се дефинира силување.

Во прокламацијата се вели дека: „Постојаното широко распространето и систематско силување и други форми на сексуално насилство врз жени и девојчиња, дури и во земјите кои прогласија нула толеранција за насилство врз жени, покажува дека сексуалното насилство е длабоко вкоренето во нашите сè уште претежно патријархални општества. Моќта и контролата продолжуваат да создаваат социјално опкружување во кое ваквото насилство се нормализира, а стереотипите засновани врз основа на улогата на жените во општеството ги поткопуваат и девалвираат жените. Овие фактори придонесуваат за неприфатлива толеранција на силување, вклучително и во системите за кривична правда, што честопати резултира со неказнивост на сторителите. Покрај тоа, системите за кривична правда кои прифаќаат дефиниции за силување засновано врз сила, честопати бараат докази дека сторителот користел присила и дека жртвата не успеала да се бори. Ова и носи товар на жената да докаже дека пружала отпор. Ако не е во можност да го докаже тоа, сторителот ќе биде ослободен, а жртвата „жигосана“.

Видете и ова: „Не постојат срамни прашања, срамни се омразата и осудата“


Во последниве години, преку кампањите како #MeToo, #TimesUp, #Niunamenos, #NotOneMore и други, гласовите на преживеаните силувања, и за време на војна и во „мирни времиња“, се фокусираа на ова прашање и постигнаа социјална клима во која говорењето на тема силување повеќе не може да се премолчи или игнорира.

Но, за да се стандардизира дефиницијата и да се препознае вистинското разорно влијание на силувањето врз самото општество, не само врз засегнатите лица, потребно е, покрај државите кои треба да интервенираат во правните системи, да се стремиме кон создавање социјална клима.

„Ние мора да се стремиме кон спречување и борба против силувањето и сексуалното насилство, мора да ги оспоруваме родовите стереотипи и негативните ставови и однесувања што го поддржуваат и продолжуваат ваквото насилство и мора да обезбедиме поддршка и правна помош на жените кои се подготвени да проговорат за своето искуство“, се вели во прогласот на ООН.

Теодора Цветковска