Започнува собраниската дебата за измените на законите поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатишта во Македонија. За да ја избегне опозициската блокада, Владата на 5 мај соопшти дека ќе ги менува законите со цел побрза и поевтина изградба на автопатиштата, но и дека овој пат тие ќе добијат европско знаменце.
Претходно измена на истите закони побараа пратеници од владејачката коалиција, но законите останаа блокирани во Собранието.
Со европско знаменце се носат закони потребни да се забрзаат реформите потребни да се усогласи македонското законодавство со тоа во Европската унија.
За законите со ваква знаменце дебата е два дена, па затоа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, немаат време да поднесат многу амандмани.
Опозициската партија изминатиот период обвинува дека договорот е штетен и дека има услови за корупција. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат да го видат договорот, кој е означен како „доверлив“.
Знаменцето, пак, не ги поколеба двајцата пратеници од Левица да поднесат над 6000 амандмани, за како што велат, да го спречат најголемиот грабеж во историјата.
Веднаш откако Владата соопшти дека законите ќе се носат со европско знаменце, од Делегацијата на Европската унија во Скопје изразија загриженост за таквата одлука.
„Употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано да се унапреди реформската агенда на ЕУ“, реагираа од Делегацијата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Потоа вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ призна дека се работи за законски измени кои не се дел од европското законодавство, но дека одлуката е политички оправдана за да се избегне блокадата до Левица, партија, која како што вели е проруска и анти НАТО и ЕУ.
Видете и ова: Трнлив пат до автопатДоговорот со американско – турскиот конзорцум „Бехтел и Енка“, кој треба да ги гради автопатиштата Тетово - Гостивар – Букојчани, Прилеп – Битола и Струга Ќафасан, последните месеци е топ тема во јавноста. Со месеци се зборува за тоа колку точно ќе чини проектот, кои се роковите, дали ќе се плаќаат пенали, зошто договорот е означен како доверлив?
За овој проект во јули 2021 година беше склучен посебен закон „во четири очи“. За законот гласаа 55 пратеници од власта, опозицијата не гласаше. Имаше проблеми со надзорот, првиот обид пропадна поради руска врска, а вториот се поврзува со скандали, но и покрај тоа Владата на 8 март соопшти дека потпишале Договор со „Бехтел и Енка“ за градба на четири автопатишта од Коридорите 8 и 10 д.
Колку ќе чини?
Претставувајќи го Договорот властите наведоа и цена и рокови.
„Вредноста на овој крупен, капитален проект е 1,3 милијарди евра“, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција на 8 март.
„Цената во просек, согласно договорот, по километар е 12 милиони евра“, рече вицепремиерот Артан Груби, на истата прес конференција.
Ако се пресмета должината од околу 110 километри по цена од 12 милиони евра, се добива сума од околу 1, 3 милијарди евра.
Дека изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра потврди и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.
Според изјавите на функционерите проектот треба да биде реализиран до 2027.
Речиси два месеци подоцна, 1,3 милијарди стана 1, 5 милијарди евра.
Вицепремиерот Груби, кој во меѓувреме стана координатор на активностите поврзани со проектот на прес-конференција на 5 мај рече дека во Договорот нема наведено цена.
„Со сегашната легислатива автопатиштата според физибилити би коштале 1, 5 милијарди, ако пристапиме кон законските измени, проценка нели, би коштале 1,3 милијарди“, рече Груби.
Што се однесува, пак, до роковите, проектот може да трае и година и пол повеќе, ако не се донесат измени на законите, вели Груби.
Во овие пари не влегуваат парите за експропријација на имот, за што се предвидени уште околу 300 милиони. Повеќе од половина од трасата каде ќе минуваат патиштата е на имот во приватна сопственост.
Опозицијата обвинува и дека државата, како инвеститор ќе плаќа пенали, ако не исполни дел од договореното со Бехтел и Енка.
Од Владата, пак, велат дека нема да плаќаат пенали, туку ќе ги плаќаат трошоците за изградба по пробивањето на рокот од пет години.
Прво случија Договор, па ќе менуваат закони
Собранието во јули 2021 донесе закон за стратешко партнерство со Бехтел и Енка за градба на автопатиштата. Според тој закон, требаше да се сменат и усогласат уште неколку постоечки закони во рок од шест месеци од стапувањето на сила на Законот за стратешко партнерство, односно до јануари 2022. Тоа не се направи. Владата по 20 месеци откако го донесе Законот, потпиша Договор со Бехтел и Енка.
Еден месец подоцна пратеници од владејачката коалиција СДСМ – ДУИ, предложија измени на закони без да го видат за да се олесни изградбата на патиштата. Договорот е означен како „доверлив“. На 10 април, во Собранието на Македонија се усвои потреба по скратена постапка да се носат осум закони, а Законот за културно наследство беше повлечен.
На 5 мај, обвинувајќи дека опозицијата ги блокира законите, Владата предложи овојпат измените да се носат со европско знаменце.
Кој го видел доверливиот Договор?
Уште кога Владата и Бехтел и Енка склучија Меморандум за соработка во март 2021, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју за емисијата 360 степени на Алсат М, вети транспарентен процес и широка дебата.
„Кога ќе го склучиме, договорот ќе биде исто така објавен јавно“, рече Бочварски во април 2021.
Но сега Договорот е класифициран како доверлив. Поради тоа властите прво тврдеа дека не може да го презентираат пред јавноста.
На 20 април Владата соопшти дека Договорот ќе биде презентирана во Собранието, но само пред пратениците кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат.
На 2 мај пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски рече дека Договорот веќе имале можност да го видат осум пратеници од ДУИ и двајца од СДСМ, од кои, како што рече, двајца пратеници немале безбедносен сертификат.
Вицепремиерот Артан Груби, пак, вели дека никој од Парламентот не го видел Договорот.
„Ниту еден пратеник, вклучително и претседателот на Собранието го нема видено договорот“, рече Груби на 5 мај.
Договорот се уште не е презентиран пред Собранието, оти опозицијата е таа која треба да предложи време и надлежно тело за разгледување на Договорот.
Законот за класифицирани информации, предвидува да се класифицираат информации кои се однесуваат на јавна безбедност, одбрана, надворешни работи, безбедносни, разузнавачки и контраразузнавачки активности, системи, уреди, проекти и планови од важност за јавната безбедности, научни истражувања и технолошки, економска и финансиски работи од значење за Македонија.
Има четири нивоа на класификација – Државна тајна, строго доверливо, доверливо и интерно.
Според властите, Договорот за автопатиштата е доверлив, оти во него имало доверливи информации и клаузули поради кој не може да се објави, затоа што се однесуваат на технологии кои договорената страна ќе ги користи при изведбата, што за секоја фирма е деловна тајна.
Според Законот за класифицирани информации „ДОВЕРЛИВО“ добива информација, која е создадена од државата, а е од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на органите на државната управа на Република Македонија, а чие неовластено откривање би предизвикало сериозна штета за важните интереси на Република Македонија.
А транспарентноста?
Груби пред бизнисмените во Стопанска комора на 25 април рече дека договорот транспарентно го преставувале. Една недела подоцна се извини што недоволно јасно го претставиле проектот.
Официјално, почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше означен на свечена церемонија на 4 април, додека „камен темелник“ на Коридорот 10 Д ќе се стави на 12 мај.
Коридорот 8 треба да биде долг 68 километри, со автопат со шест ленти, од Тетово до Гостивар, а потоа од Гостивар го Букојчани - кичевско, па преку Струга до Ќафасан. Коридорот 10-Д од Прилеп до Битола треба да има исто така шест ленти и да биде долг 40 километри.